Што, кој и којшто

Релативните (односните) реченици се зависносложени реченици во кои како сврзувачки средства се јавуваат релативните сврзувачки зборови. Тука спаѓаат релативните заменки (што, кој/којшто, чиј/чијшто), релативните заменски придавки (каков што, колкав што) и релативните заменски прилози (каде што, кога, како што, колку што).

gra

Во врска со овие реченици, односно во врска со употребата на релативните заменки што и кој/којшто, постојат две дилеми. Едната се однесува на тоа дали да се употреби што, кој или којшто, односно кога да се употреби секој од овие сврзувачки зборови. Другата дилема е во врска со интерпункцијата: дали пред сврзувачките зборови треба да се стави запирка и во кои случаи треба, а во кои не треба?

За релативната заменка кој/којшто е важно да се знае дека се јавува во две разновидности.

Кој1 е именска заменка и ги има и формите кого/когошто и кому/комушто за директен и за индиректен предмет. Овие две форми се употребуваат само во врска со лица. Значи, именската заменка кој1 ја среќаваме во примери како следните: Нивниот брат, кому му се јавив вчера, сè уште е студент; Татко ми, кого го познаваат речиси сите во градот, е професор.

Кој2, пак, има форми за сите три рода, како и за множина, а може да се употреби и во врска со лица и во врска со предмети. Пример: На сликите и на видеоматеријалот се гледа и изгледот на манастирот, кој датира од деветтиот век.

Што се однесува на споменатите дилеми, препораките се да се употребува што секаде каде што може да се употреби, затоа што овој сврзувачки збор ја претставува народната основа на релативната реченица.

На пример, што секогаш се употребува кај т.н. релативно надоврзување. Станува збор за примери во кои релативниот сврзувачки збор не се однесува на еден именски дел од главната реченица, туку на таа реченица земена во целост: Нашата репрезентација ја победи грчката со разлика од 14 коша, што се случува првпат во македонската кошаркарска историја; Таа не сакаше да зборува за своите успеси, што ги изненади сите. Освен тоа, што секогаш се употребува со предлозите: со што, поради што, на што итн.

Попроблематични се случаите кај т.н. индивидуализирачки и квалификативни релативни реченици, кај кои сврзувачкиот збор игра улога на подмет или на директен предмет во зависната дел-реченица. Овде се изделуваат два вида реченици: рестриктивни и нерестриктивни. Рестриктивните реченици уште се нарекуваат и неопходни затоа што со релативизацијата се даваат информации што се неопходни за реченицата и без кои таа не би се оформила. Во нив секогаш се употребува релативната заменка што, пред која не се пишува запирка: Го познавам човекот што се поздрави со тебе; Се качи по скалите што водеа до канцеларијата на директорот; Париз е град што мора да се посети. Нерестриктивните реченици се придружни и даваат дополнителна информација, која не е неопходна. Во нив се употребува релативната заменка кој/којшто, пред која секогаш се пишува запирка: Последиците од тоа прв ги почувствува финансискиот пазар во САД, којшто има исклучително важна улога во финансирањето на банките и на приватниот сектор; На скалите од левата страна, кои водеа до канцеларијата на директорот, стоеше таа; Омилен град ми е Париз, кој го имам посетено неколкупати.

Од наведените примери може да се забележи дека сврзувачките заменки кој и којшто имаат исто значење, така што е сеедно која од нив ќе се употреби во нерестриктивната реченица. Сепак, во поново време ѝ се дава предност на формата без компонентата што.

Своите јазични препораки испратете ги на: mak.katce@gmail.com.

Литература:
Минова-Ѓуркова Л. 2000: Синтакса на македонскиот стандарден јазик. Скопје: „Магор“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.