Пишувајќи ги изгубените топки

Ви претставуваме извадок од романот на Пармаковска, објавен во издание на издавачката куќа „Култура“ од Скопје.

Ви претставуваме извадок од романот на Пармаковска, објавен неодамна во издание на издавачката куќа „Култура“ од Скопје.

Фрос (корица)Постоеше еднаш еден човек во мојот живот кого во моментов ќе го наречам Петар, бидејќи не го паметам неговото име, а информациите што можам да ги пронајдам во мојот дневник, кој недисциплинирано го водев околу 4-5 години, многу повеќе ги опишуваат моите душевни состојби отколку збиднувањата и личностите во тој период од мојот живот. Не знам поради која причина, гореспоменатиот Петар (кој, иронично, можеби вистина така се вика) во дневникот е именуван само како П.

Ете, токму тој Петар се моткал во мојот живот некаде околу 9-10 месеци и како што можам да заклучам, неговото внимание ме правело премногу среќна. Имено, тоа може да се види од многуте премолчени страници на мојот дневник, бидејќи отсекогаш цврсто верував дека кога човекот е вистински среќен, последното нешто што би требало да му падне на памет е да пишува. Така, тие неколку месеци се речиси невидливи во мојот дневник – одвреме-навреме прелетуваат некои срценца, кратки декларации, многу често се појавува, секако, глаголот „сака“, прилогот за време „засекогаш“, присвојната придавка „мојот“ и сопствената именка што во случајов единствено може да се нарече сопствена буква П. Знам дека мора да сум била неизмерно или безнадежно вљубена.

Но, потоа, поради одреден след на настаните, кој воопшто не е убаво опишан, тој човек (изгледа му се случил некој ментален пресврт или можеби немало никаков пресврт) одлучил да замине. Ми рекол: „Ме вика Бога, не сум јас за овде“. Според првите страници по неговото заминување, се чини дека јас многу несериозно сум ја сфатила неговата одлука, па дури и сум го нарекувала „будалетинка“ во миговите кога сум се обложувала со моите пријатели за времето кога тој ќе се врати. Парите никој не ги зел затоа што Петар не се вратил. Поминала една година, а со тоа и сите облози пропаднале (токму најдолгиот, кој го дал еден мој пријател, бил една година). Јас во таа, една година, сум го чекала Петар како на времето што ги чекале љубените да се вратат од војска. Дури, чекајќи, уште повеќе сум се вљубила како што, впрочем, мошне често се случува и јас не сум отстапила од таа неразумна пракса.

По таа измината година, тонот со кој пишувам во мојот дневник, значително се менува. Најнапред, сум му се скарала на Бога, приложувајќи Му некакви си аргументи за апсурдноста на среќата и прашања од типот: Зошто воопшто се мачи да нè направи среќни и ни дозволува да ја спознаеме оваа благородна состојба, кога потоа ни ја одзема? Потоа сум влегла во сомнежи во Неговите моќи, прашувајќи го: Да не можеби не е тоа работа што може Тој да ја направи константна, велејќи „Би среќа насекаде и за сите“. И на крај, сум Го предизвикала, кажувајќи Му: Ете, врати го П, па ќе Ти верувам! Токму по овој предизвик мојата луда глава се скарала со Бога и почнала да смислува начини како да продолжи напред.

Изгледа тоа не ми одело баш од рака затоа што по секое пијанство или, на крајот на секоја вечер, сум му се фрлала на дневникот бидејќи тој никогаш не престанал да ме слуша. Сум имала многу пријатели што ме советувале дека мојата одлука за продолжување е исправна и дека не може повеќе да се тера така. Сум стигнала до некоја фаза во која речиси сите сум ги излажала дека сум подобро, а мојот дневник останал да биде тормозен со секаков тип на глупавштини како обидите да го доведам во некаков рационален ред тоа што се случи по принципот причина-последица. Тука изгледа сум се изгубила затоа што последицата била една и единствена, а за да ги најдам причините, сум копала низ целиот живот не можејќи да ја препознаам онаа вистинската.

Токму во овој период, на мојата, тогаш, најблиска пријателка ѝ текнало да се мажи со Сани и се чини, тоа доста ги променило работите во нашиот однос. Од моите сопствени искази, можам со сигурност да кажам дека јас сум била срдечно среќна поради нејзината среќа, но ме вознемирувала наглата промена во нашите претходни навики. Со одвратност сум пишувала за последните посети кај неа бидејќи сите тие се сведувале на најпростачки ритуални формалности, кои, за да биде уште полошо, секојпат се одвивале по ист редослед и невозможно идентична динамика. Кафе, цигара на балкон, внатре, пуштање на печката, два реда муабет – што има низ градов, па повторно цигара на балкон, раскревање на масата, прашањето: пиво или вино?, одговорот: пиво, пивото и мезето, викање на цел глас: Саниииии, Сани од другата соба: Кажиииии, оваа пак: Сакаш пивооо?, сега наместо дрекање се слушаат тапите чекори на Сани, задоволното седнување во фотелјата, неговата статично блага насмевка, глупави прашања, глупави одговори, па секако, повторно моментот: балкон, последна цигара, одјавување, испраќање до врата, секогаш задолжително: многу ни е убаво кога ни доаѓаш, брзо пак да ни дојдеш и точка. Јас изгледа сум отишла сè на сè десетина пати пред да одлучам сосем да престанам да одам. Мојата одлука сум си ја оправдала со тврдењето дека не било ништо како порано. Иако, сега сигурно сето ова изгледа грубо и отсечно, тогаш мошне тешко сум ја доживеала таа загуба… ако не сум лажела кога сум пишувала.

Морам да му објаснам на мојот читател и на можниот пронаоѓач, поради кој го пишувам сето ова, дека немам намера да правам приказни од мојот живот повикувајќи се на еден сиромашен дневник, иако засега можеби сето ова изгледа така. Самата идеја за дневник, сега мислам дека е ништожна, па следствено на тоа, рекапитулирањето на тој дневник е уште поништожно. Или, во најмала рака, пишувањето дневник е подло или егоистично. Подло за оние што се потпираат на неговата терапевтска функција, каде што несомнено и јас сум се вбројувала. Егоистично, за оние што подоцна сакаат да направат литературен циркус од своите животни тефтерчиња, кои мора да ги сметаат за доста интересни, штом се толку слепи пред фактот дека можеби малтретираат со нивната беспотребност, а секако, за уметност тука нема ни малку простор да се зборува. Значи, јас воопшто немам намера да го оживеам она смешно книжуле, туку го употребувам само во обид да го доловам тогашниот тек на работите (кој и за мене самата останува и натаму матен) бидејќи тоа ќе е мошне значајно за настанот што се случи подоцна и што ќе биде, по сите изгледи особено значаен за мене и никогаш нема да го заборавам. Ете, токму затоа. И веднаш потоа, бидете уверени дека она книжуле самата ќе го испратам по ѓаволите. Иако, после сè, може да се каже дека токму тоа, за разлика од целата технологија што претходно ја употребував, остана верно да самиот крај. Мојата парцијална амнезија ги повлече сите лозинки (на моите мејлови, скајпови, фејсбуци, прашања за првото домашно милениче) што беа поврзани со П и делот од моето минато на кое тој му припаѓаше. Моите пријатели повеќе не ги гледам затоа што на секој мој обид да се сетам, молчеа како никогаш ништо да не се случило, дефинирајќи ме во себе, преку тривијалноста на нивните умови, како безнадежна лудача.

feljton-skan-sl1

Настрана од ваквите дигресии, за кои подоцна самите ќе видите дека беа неизбежни, морам да се вратам на годината откако П замина. Најкусо колку што може, тој период, се чини, се одвивал во две етапи. Првата, била исполнета со лични убедувања во сопствената осуденост на вечна несреќа и драматични ексцеси во моменти на пијанства. Оној што предничи помеѓу сите нив, е мојот безумен упад во извесен манастир проследен со патетичниот обид да го одвратам П од „погрешната патека“ при што и самиот пресветол мудар отец А бил принуден да ме замоли, за сечие добро, да заминам дома и најбрзо што можам да се отрезнам. Втората етапа, пак, се одликува со неопислива апатија и здодевност, обиди за наоѓање начини на телесна разонода, кои секогаш завршувале со уште поголем ефект на здодевност и животна мрзеливост. Впрочем, од споменатото досега, можам со сигурност да тврдам дека сум се однесувала како и секоја втора емоционална будалетинка што кога ќе ја скрши едната нога наместо да се обидува да оздрави, си ја крши и другата или, поинаку речено, што е неспособна да ги остави работите онакви како што се и да продолжи да живурка.

Приближно во такво расположение ме затекнала свадбата на мојот братучед. Инаку, за човек кому свадбите со сета нивна процедуралност и свечена промискуитетност ужасно му се неподносливи, мора да сум била на врвот на мојата здодевност штом сум одлучила да се заакам триста километри за да присуствувам на свадбата на роднина кого повеќе од петнаесет години не сум го видела. Дека сè уште, а можеби уште повеќе сум се опседнувала со П е повеќе од сигурно, бидејќи на самото патување сум чкртала идиотштини во мојот дневник, кој конечно ќе го оставиме на мира бидејќи оттогаш натаму, паметам токму како да беше вчера.

Подробностите на свадбата ќе ги оставам. Можам само да нафрлам дека, масите беа некако необично групирани, и возрасно диференцирани. Така, јас се најдов на една маса со десет луѓе од кои шест ми беа роднини, а четири – придружба на дел од роднините. Од нив познавав само двајца, од кои едниот беше политички активист во секој можен дел од своето секојдневје, па претпоставувајќи дека ќе се обиде да ја направи масата политичка трибина, седнав на единственото место каде што не би постоела никаква техничка можност да ме зазборува. Другата, беше една моја драга братучетка, која беше дојдена со дечкото со кој се држеа за рака дури и додека јадеа. Со неа позборував само малку, т.е. јас зборував додека тие ми трепкаа со чудна озраченост во очињата. Можеби, едноставно не можев да поднесувам парови околу мене.

Првиот час беше изненадувачки пријатен. Всушност, сите без исклучок се фрливме на пиење и јадење и поради самото тоа немаше ниту простор, ниту иницијатива за непотребна куртоазија. Политикантот шеташе по масите зашто очигледно виде дека овде ќе му недостигаат истомисленици и, воопшто, какви било соговорници. Двојките си беа меѓусебно задлабочени, самците си штракаа по телефоните, јас првпат ја свртев Angry birds убивајќи ги свињите до последна.

Веќе во вториот час, бев сама на масата. Никогаш не сакав да играм ора, а секогаш обожавав пиво… моментот се погоди – никој не ме вознемируваше и можеби баш ми требаше, да бидам сосем сама.

Беше извонредно ладна зима и пушачите ретко излегуваа за да запалат цигара. Во моментот кога размислував да си го облечам капутот и да излезам надвор, на мојата маса седна еден млад господин. Беше облечен во црн сатенски костум што му се спушташе до колениците. На главата имаше полуцилиндар, претпостаувам, од истиот сатен со кои беа сошиени костумот и панталоните. Беше темен, преубав и беше млад. Момче. Дури откако седна, ме погледна како „негова сосетка“ од масата и рамнодушно, како, впрочем, тоа да е последното важно нешто вечерта, ме запраша:

* Овде седи некој?

* Па да… Ама не верувам да се вратат до „тортата“… па имаш некои два-три саати додека не дошол никој. – му одговорив јас.

Дури тогаш, ме погледна со некаков минимален интерес на соговорник и ми рече дека, сепак, вечерта можеби ќе биде интересна. Се послужи со црвеното вино и ми наздрави. Од неговиот поглед зрачеше некоја ретка смирена мудрост што никако не соодветствуваше на возраста што ја оставаше како впечаток.

„Имаш некоја тага“ – рече.

„Жити сè“ – помислив, „кој нема некоја тага?“

„Но, твојата е голема и ти се населила во очите“ – рече.

„Хаха, нема врска, имам малку луди очи.“ – помислив. Тогаш девојката задолжена за фотографирање на свадбата ни се извини што нè прекинува, но морала да помине на секоја маса. Брзо нè фотна и замина гестикулирајќи ни да си продолжиме кај што сме застанале. Момчето до мене како да ја пропушти целата ситуација.

„Тагата што се вселува во очите се заканува да остане засекогаш.“ – рече.

„Yeah sure, ми зборуваш работи што ги знае и баба ми, со став дека сè ми погодуваш. Cute.“ – помислив.

„Во неговите очи има благ спокој, во твоите сува тага. Тој засекогаш замина, ти сè уште остануваш. – рече.

„Добар е малиов, почна стварно да погодува.“ – помислив.

„ ’П’ е буквата испишана во твоите очи и тоа е името на твојата тага.“ – рече.

Господе! Боже! Боже Господе! Не ми се веруваше. Не бев шокирана, само импресионирана. Не зборнав, не го зборував јазикот на кој тој ми зборува, но совршено го разбирав и не се оптоварував со прашањата: Што? Како? Од каде? Не можев да искажам колку многу сум среќна што сепак, некој може да искомуницира со мојата луда глава.

„Можам да ти помогнам“ – рече.

„Фантастично!“ – помислив без ни мала доза иронија.

„Можам да направам сите тие работи да заминат. Но, неопходна е твојата согласност, тоа е единственото нешто што ми треба и …паф! – рече.

„Ти нудам заборав, ако ме разбираш“ – додаде.

„Се согласувам, се согласувам, се согласувам! – се согласив.

„Ама, знаеш… тоа ќе биде тоа… Заминува засекогаш! – рече.

„Ајде, што чекаш?!“ – помислив јас.

Тогаш, баш како реклами на филм сред најинтересната сцена, во свадбената сала упаднаа три непријатни фигури што внесоа вознемиреност кај сите присутни. Едната од нив, жена со невозможно исцртан релјеф на лицето покажа кон „моето“ момче и сите заедно инстантно се најдоа на нашата маса. Тој одби да стане. Го повлекоа за левото рамо и го зграпчија насила. Не можев да најдам пологично решение освен и јас да го сторам истото, па го потегнав за десната рака зашто, да се разбереме, во тој момент се одлучуваше за МОЈОТ живот! Немаа право така да ми го растргнуваат. Неколку комични секунди го влечевме лево-десно додека тој ја стегаше цврсто мојата рака јасно определувајќи го својот избор во битката. На жената со релјеф конечно ѝ светна светлата идеја и ме фати мене од другата страна (класичен пример за нефер играч!). Се чинеше дека е крај. Во тој момент, додека ни се лизгаа рацете, моето момче го исполни необичното ветување.

„Погледни“ – ми рече.

Околу нас се распрснаа кристални топки со тешки напластени површини во кои ги гледав, јасно ги гледав моите спомени. Знам дека видов П во многукратни множества, знам дека ги видов сите работи кои повеќе не ги паметам. Се лупаа топките во мене, па во главите на натрапниците, паѓаа, се креваа и повторно завршуваа кај мене останувајќи видливи единствено за мене и за момчето, кое се чинеше дека поради овој момент жртвува некаква слобода – барем да седи некаде мирно без да го развлекуваат.

„Кажи дека се согласуваш“ – рече тој во последниот дел од постапката.

„Се согласувам“ – вриснав.

Со истиот татнеж на врисокот, топките почнаа да пукаат, нивната содржина се распрснуваше и инстантно исчезнуваше во воздухот. Стануваше воздух! Заминуваше! Кога пукна и последната, момчето конечно ми го оттргнаа. Додека го изнесуваа фатен за рацете и нозете, кон мене се стркала неговиот полуцилиндар и последното нешто што го видов беше кратката соучесничка насмевка.

Ете како на една, на почеток, безнадежна вечер, јас се родив одново низ пукањето на топките на сеќавањата чија тежина ми била длабоко населена во погледот формирајќи перде од тага и ете како буквата П сега за мене е еднакво значајна и кај Петар, и кај провев, и кај пустина. Моето момче со хируршка прецизност ги распрсна само оние топки што мораше да си заминат… но,

Остана една голема бистра а сепак тешка топка што внимателно ја чувам потпрена на црн сатенски полуцилиндар и долго ја набљудувам во ноќите кога се прашувам – каде е момчето сега? Можно ли е и мојот лик да го внел во една кристална топка и да се распрснал толку лесно како да не постоел никогаш?

А го барав! Не пишував дневници, но повторно поминав триста километри. Жената со релјеф на лицето на сите мои гњаважи и навалувања, ми рече дека бил преместен (знам дека таа уште имаше огромен гнев поради онаа случка)… некаде во странство, за што лично таа, немала никаква информација… сосем на крај, со професионална нечувствителност ми порача дека најдобро за мене било да заминам.

Напишано од
More from РЕПЕР
Gallery Post Format
Lorem ipsum dolor sit amet, consectetuer adipiscing elit. Aenean commodo ligula eget...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *