Зграпчувањето на сенката – Звонко Танески

ЗГРАПЧУВАЊЕТО НА СЕНКАТА (денешни отсјаи на љубовта во Бар)

Ексклузивно ви ја претставуваме песната со која Танески е застапен во зборникот на овогодинешното издание на манифестацијата „Барски летопис“ во Црна Гора.

bar

ЗГРАПЧУВАЊЕТО НА СЕНКАТА
(денешни отсјаи на љубовта во Бар)

1.
Денеска
во градот Бар за врат ме зграпчи сенката.
Смело ме погледна в очи и ми просаска меѓу заби:
„Имаш среќа што си мој!“
Можеби на тебе скоро ќе се залепи некој ноќен комарец,
можеби и месечината ќе престане да си игра криенка со тебе,
можеби ќе се препородат отсјаите на љубовта
и кога последната улична светилка ќе згасне
не згаснувај барем ти во себе,
не е сега дојдено времето за цимолење,
па, нели, првин ти плачеше дека не ме познаваш,
а уште повеќе се смееше
при запознавањето
денеска

Денеска,
всушност, штотуку ја погалувам твојата насмевка и, еве, вечерва
ти пеам заспиванка
за да те сонувам таму, ама претходно те повикувам
и на барска битка за водење љубов
во сите фази што ги доживувам гледајќи си го сомлениот лик
во чистата темнина на сенката.
Така и се заљубувам, се изнаљубувам и се одљубувам
за повторно да се вљубам во азбуката на морето
распната врз кадифената квечерина што ми ја голта смеата
додека во мастилото се капат ѕвездите над мене
што светкаат заводливо кикотејќи се
шумно
денеска

2.
Денеска
ми завидуваш ли навистина, морска месечино, што не сум осамен
и кога сум тука сам? Мојот лик во големиот стомак на сонцето
се прекршува во звукот на брановите,
па нели е човек во ушите на вселената само шум?
Посебно, кога е под дејство на алкохол.
А, алкохолот е чудо, пустиот, оди во стомакот, а удира во главата!
Туку, би одел ли и ти со мене до крајот на светлината?
Зашто таму знаеш дека се плашам да останам без сенка,
иако сум во закрила на воздишките кои легално ги минуваат државните граници
денеска.

3.
Денеска
ги листам постепено календарите на твоето преживеано време.
Твоето минато не ни помислува да си игра мајтап со мене
Мене, впрочем, ми течат винови солзи кои потоа се излеваат
под твојот славен аквадукт,
па затоа и ти пишувам песна, чиста, бела,
наросена од сјајот на маслиновото масло
небаре изделкана од кората на прастарото дрво.
Стиховите ти ги распостилам на гранките од маслиновото дрво
за да бидат свежи, светли, секогаш како прв пат да се читаат,
да брануваат и да се брануваат.
Нив барем можеме да ги преживееме заедно, да ги пуштиме од тврдината
под водата да пливаат
невидливи
денеска

4.
Денеска
стојам веќе и јас смело пристанувајќи на крстосницата што те поврзува со светот,
да ти го допрам пулсот веќе не е доволно,
во просторите на ноќта, бездруго, сè е неодредено,
скалите не нè водат ни горе ни долу, туку скитаат длабоко во нас
и љубовта и морето најпосле ми ја прегрнуваат сенката, па и јас зграпчен од неа
се внесувам целиот во барската битка
а вербата во сигурен триумф не ме напушта
бидејќи отсјаите на љубовта ме отсликуваат најдобро
токму
денеска

Напишано од
More from РЕПЕР
Розовото клопче
Јулијана Величковска еродена 1982г. во Скопје. ДипломиралаМакедонска книжевност и јужнословенски книжевности на...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *