Додека ја распакувам мојата библиотека

400_9_18_16__15__5_201281

Говор за колекционерството

Ја распакувам мојата библиотека. Да. Книгите сè уште не се на полиците, сè уште не се допрени од слабата здодевност на редот. Не можам да чекорам покрај нивната низа, ниту пак да ѝ ги дадам на разгледување на пријателската публика. Не треба да се плашите од ништо такво. Напротив, јас морам да ве замолам да ми се придружите меѓу нередот на отворените кутии, меѓу воздухот исполнет со дрвен прав и на подот прекриен со искината хартија, да ми се придружите меѓу купиштата книги што повторно ја гледаат светлината на денот по цели две години поминати во темнина, за да можете да бидете подготвени да го споделите со мене специфичното расположение – секако, не елегичното расположение, туку еден вид напнатост – кое овие книги го создаваат кај секој вистински колекционер. Зашто вам ви се обраќа токму таков човек и, ако го набљудувате внимателно, ќе сфатите дека тој зборува исклучиво за себе. Зарем нема да биде дрско од моја страна ако, сакајќи да бидам убедливо објективен и реален, инсистирам да ги набројам главните делови и главните единици на библиотеката, ако ве запознаам со нивната историја, па дури и со користа што еден писател може да ја има од нив? Затоа, јас наум имам нешто многу појасно, нешто многу поочигледно; она што навистина сакам да го сторам е да ве упатам во релацијата што постои меѓу колекционерот и она што тој го поседува, во самиот чин на собирањето, а не во колекцијата како колекција. Ако го направам тоа елаборирајќи ги различните начини за собирање книги, тогаш ќе ве упатам на нешто сосема произволно. Секоја постапка е само брана пред надојдената плима на сеќавањата, која избликнува во секој колекционер кога тој размислува за сето она што го поседува. Секоја страст се граничи со хаотичност, а страста на колекционерот се граничи со хаосот на сеќавањето. Освен тоа: случајноста и судбината, кои го исполнуваат минатото пред моите очи, се впечатливо присутни во вообичаената конфузија на овие книги. Зашто оваа колекција не е ништо друго освен неред што навиката го прифатила до тој степен што почнал да изгледа како ред. Сите сте слушнале дека постојат луѓе што стануваат инвалиди кога ќе ги изгубат своите книги или дека постојат луѓе што стануваат криминалци за да дојдат до книги. Токму ова се областите во кои сите облици на редот не се ништо друго, туку само лебдење над амбисот. „Единственото егзактно знаење“, вели Анатол Франс, „е знаењето за датумот на објавување и за форматот на книгите“. Навистина, ако воопшто постои некаков пандан на конфузијата што владее во една библиотека, тогаш тоа е редот во нејзиниот каталог.

Според тоа, животот на колекционерот манифестира извесна дијалектичка тензија помеѓу половите на нередот и на редот.

Секако, неговата егзистенција е поврзана и со многу други работи. Поврзана е со една мошне мистериозна релација на сопственост (за која повеќе ќе зборуваме подоцна): тоа е релација кон објектите,која во прв план не ја истакнува нивната функционална, употребна вредност, односно користа што може да ја имаме од нив, туку ги проучува и ги сака тие објекти како сцена, како театар на нивната судбина. Најдлабоката магија за колекционерот е затворањето одделни објекти во еден магичен круг, каде што тие остануваат замрзнати додека врз него минува последната возбуда – возбудата на стекнувањето придобивка. Сето она што е запаметено или помислено, сето она што е дел од свеста, станува пиедестал, рамка, основа, клуч на неговата сопственост. Периодот, регионот, изработката, претходните сопственици – за вистинскиот колекционер, сето минато на еден предмет станува дел од волшебната енциклопедија, чија квинтесенција е судбината на неговиот предмет. Според тоа, во оваа ограничена област може да се претпостави како големите физиономисти – а колекционерите се физиономисти на светот на предметите – се претвораат во толкувачи на судбината. Доволно е да се набљудува како еден колекционер ракува со предметите што се наоѓаат во неговата витрина. Додека ги држи во рацете, се чини дека тој преку нив добива инспирација да допре до нивното далечно минато. Тоа е магичната страна на колекционерот – односно, би можеле да кажеме дека е тоа неговата дамнешна претстава– Habent sua fata libelli[1]– овие зборови можат да бидат сфатени како општ став во врска со книгите. Значи, книгите како Божествена комедија, Етика од Спиноза или пак Потеклото на видовите имаат своја судбина. Меѓутоа, колекционерот сосема поинаку ја толкува оваа латинска поговорка. За него, не само книгите туку и копиите на книгите имаат своја судбина. А, во оваа смисла, најважната судбина на една копија е средбата со него, со неговата колекција. Нема да преувеличувам ако кажам дека за вистинскиот колекционер поседувањето една стара книга значи негово повторно раѓање. Ова е еден специфичен детски елемент, кој во колекционерот се преплетува со елементот на староста. Зашто децата можат да ја остварат обновата на егзистенцијата на стотици различни начини. За децата, колекционерството е само еден од начините на обнова; а другите начини се цртањето на предметите, сечењето различни фигури, лепењето налепници и сиот оној распон на детски начини на стекнување сопственост, од обичното допирање на предметите до нивното именување. Да се обнови стариот свет – тоа е најдлабоката желба на колекционерот, која се крие во неговата потреба за собирање нови предмети, и токму поради тоа собирачот на стари книги е поблиску до изворите на колекционерството отколку собирачот на луксузни изданија. Како книгите го преминуваат прагот на една колекција и како стануваат сопственост на еден колекционер? Историјата на нивното собирање е тема на натамошното излагање.

benjamin_drawingphotoshop

„Забранета птица.“ Цртеж на Валтер Бенјамин.

Од сите начини за набавка на книги, пишувањето сопствени дела се смета за највреден метод. На ова место многумина од вас со задоволство ќе се сетат на големата библиотека што сиромашната учителка Вуц од делото на Жан Пол[2] пополека ја собираше, самата пишувајќи ги сите дела чии наслови ќе ја заинтересираа кога ќе ги прочиташе во каталозите на саемите за книги, а кои во никој случај не можеше да си дозволи да ги купи. Всушност, писателите се луѓе што пишуваат книги не поради тоа што се сиромашни, туку поради тоа што се незадоволни од книгите што можат да си ги купат, но не им се допаѓаат. Вие, дами и господа, можеби сметате дека е ова необична дефиниција на писателот; но сè што ќе се каже од гледна точна на вистинскиот колекционер е малку необично. Што се однесува на вообичаените начини за набавка на книги, најсоодветен за колекционерот би бил оној кога позајмувате книга, а потоа заборавате да ја вратите. Позајмувачот на книги од вистинскиот формат, кого го замислуваме овде, се потврдува себеси како закоравен колекционер на книги не преку жестокоста со која ги чува своите позајмени богатства, ниту пак преку игнорирањето на сите секојдневни правни опомени, туку преку неуспехот да ги прочита овие книги. Ако моето лично искуство може да послужи како доказ, многу поверојатно е одвреме-навреме да се врати некоја книга отколку таа да се прочита. И зарем нечитањето на книгите, ќе прашате, треба да се смета за карактеристика на колекционерите? Тоа е сосема нов податок за нас, ќе речете. Не, тоа воопшто не е ништо ново. Експертите ќе ме поддржат ако кажам дека е тоа најстарата карактеристика. Доволно ќе биде да го споменам одговорот што му го дал Анатол Франс на еден малограѓанин, кој бил восхитен од неговата библиотека и кој го прашал: „Зарем сте ги прочитале сите овие книги, господине Франс?“ – „Не, не сум прочитал ни една десеттина од нив. Претпоставувам дека ни Вие секој ден не јадете од своите порцелански чинии Севре?“

Случајно успеав да го тестирам правото на таквото однесување. Со години – речиси една третина од времето на нејзиното постоење – мојата библиотека не содржеше повеќе од две или три полици, кои годишно се зголемуваа само по неколку сантиметри. Тоа беше воинствениот период на мојата библиотека, кога ниедна книга немаше дозвола да влезе во неа без потврда дека претходно сум ја прочитал. На таков начин можеби никогаш немаше да создадам доволно голема колекција, достојна да го носи името библиотека, ако не се случеше инфлацијата, со која одеднаш се смени акцентот на целата ситуација, затоа што книгите добија реална цена и во никој случај не беше лесно да се набават. Барем така стоеја работите во Швајцарија. Во последен момент направив неколку големи порачки на книги оттаму и на тој начин успеав да дојдам до повеќе незаменливи изданија, како Der blaue Rieter и Sage von Tanaquil од Бахофен[3], кои во тоа време сè уште можеа да се добијат од тамошните издавачи. – Значи, би можеле да кажете, по истражувањето на сите овие споредни патеки, конечно би требало да дојдеме до главниот пат на колекционерството – имено, купувањето книги. Навистина, ова е главниот пат, но во никој случај не е пријатен за патување. Купувањето што го врши колекционерот на книги има многу малку допирни точки со студентот што купува учебник во книжарница, со патникот што купува подарок за својата дама или пак со трговецот што сака да најде разонода за време на своето следно патување со воз. Некои од моите највпечатливи купувања книги се случија додека патував, како случаен минувач. Сопственоста и поседувањето се дел од сферата на тактиката. Колекционерите се луѓе со тактичен инстинкт; нивното искуство ги учи дека, секогаш кога ќе дојдат во туѓ град, дури и најмалите антикварници може да бидат тврдини, дури и најдалечните книжарници може да бидат клучни стратешки позиции. Толку многу градови сум открил додека сум марширал во потрага по книги.

benjamin_walter-19771027.2_png_300x559_q85

Валтер Бенјамин, карикатура.

Меѓутоа, голем дел од најважните купувања книги не се остваруваат со помош на трговците. Каталозите играат многу поголема улога од нив. Иако купувачот може да биде темелно запознаен со книгата што ја нарачал од некој каталог, поединечната копија секогаш останува изненадување, а самата нарачка секогаш претставува ризик. Притоа, има многу големи разочарувања, но исто така и многу среќни откритија. На пример, се сеќавам дека еднаш нарачав книга со илустрации во боја за мојата стара колекција од детски книги, само поради тоа што содржеше бајки од Алберт Лудвиг-Грим и зашто беше објавена во Грима, Тирингија. Исто така, Грима е местото каде што е објавена уште една книга со приказни собрани од истиот Алберт Лудвиг-Грим. Со своите шеснаесет илустрации, таа книга со бајки, чија копија јас веќе ја поседував, беше единствениот постоечки пример за раното творештво на големиот германски илустратор на книги Лисер[4], кој живеел во Хамбург кон средината на минатиот век. Се покажа дека мојата реакција кон созвучноста на имињата беше оправдана. Зашто и во овој случај повторно го открив делото на Лисер – имено, Linas Märchenbuch, книга што остана непозната за неговите библиографи и што заслужува многу подетални објаснувања отколку овие почетни референциштоги нудам јас сега.

Набавката на книги во никој случај не е само прашање на пари или на стручно знаење. Дури и да бидат исполнети овие два фактора, тоа не е доволно за да се создаде вистинска библиотека, која е секогаш во извесна смисла неразбирлива и, во исто време, уникатна самата по себе. Секој што купува книги од каталог, покрај квалитетите што ги споменав претходно, мора да има и извесна проникливост. Датуми, места, формати, претходни сопственици, објекти и слични детали: сето тоа мора да има некакво значење за него – не во смисла на суви изолирани факти, туку како една хармонична целина. Врз основа на квалитетот и на интензитетот на оваа хармонија, тој мора да има способност да препознае дали одредена книга е или не е за него.  – Аукцијата, пак, бара уште еден типквалитети кај колекционерот. На оној што го чита каталогот самата книга мора да му пренесува некакво значење – или пак тој треба да открие нешто преку нејзините претходни сопственици, секако доколку може да се утврди потеклото на книгата. А оној што учествува во аукција, мора да им посвети еднакво внимание и на книгата и на другите учесници во аукцијата, а притоа да остане доволно приземен за да не биде понесен во наддавањето. Често се случува некој да добие висока куповна цена затоа што постојано наддавал – и тоа повеќе за да се покаже себеси отколку за да ја купи книгата. Од друга страна, едно од најубавите сеќавања на колекционерот е моментот кога ќе спаси некоја книга на која никогаш воопшто и не помислил, книга што никогаш не ја посакувал, затоа што ја нашол осамена и напуштена во книжарницата и ја купил за да ја ослободи – онака како што принцот ја купува прекрасната робинка во Илјада и една ноќ. Како што гледате, за колекционерот вистинската слобода на книгите се наоѓа некаде на неговите полици.

До ден-денес, Peau de chagrin од Балзак се издвојува од долгата редица француски изданија во мојата библиотека, како спомен на моето највозбудливо аукционерско искуство. Тоа се случи во 1915 година, на аукција на Риман, која ја водеше Емил Хирш, еден од најголемите експерти за книги и еден од најреномираните трговци. Изданието за кое станува збор е објавено во 1838 година во Париз, Place de la Bourse. Кога ќе го земам мојот примерок, не само што можам да го видам неговиот број во колекцијата на Риман туку можам да ја видам и етикетата на книжарницата од каде што првиот сопственик го купил својот примерок пред повеќе од деведесет години за една осумдесеттина од денешната цена. На неа пишува „Papeterie I. Flanneau“. Тоа биле добри времиња, кога сè уште можело да се купи едно такво луксузно издание – гравурите на оваа книга се дизајнирани од еден од најпознатите француски графичари, а изработени од најдобрите гравери – во продавница за хартија. Но, сакам да ви кажам како ја набавив таа книга. Претходно го посетив Емил Хирш за да ги видам книгите што ќе бидат на продажба и разгледав четириесет или педесет изданија, но токму таа книга во мене предизвика силна желба да ја задржам засекогаш. Дојде и денот на аукцијата. Сосема случајно, во текот на аукцијата, пред овој примерок на Peau de chagrin беше понуден цел комплет од нејзините илустрации, отпечатени одделно на специјална хартија од Кина. Наддавачите беа седнати на една долга маса; дијагонално од мене седеше човекот во кој беа вперени сите очи на првото наддавање, познатиот колекционер од Минхен, баронот Фон Симолин. Тој беше особено заинтересиран за овој комплет, но имаше многу ривали; накратко, следуваше храбро наддавање, кое резултираше со највисоката понуда на целата аукција – многу поголема од три илјади марки. Сè чини дека никој не очекуваше толку висока сума и поради тоа сите присутни беа многу возбудени. Емил Хирш остана смирен и, можеби затоа што сакаше да заштеди време или поради некоја друга причина, веднаш продолжи со следниот предмет за наддавање, додека никој не обрнуваше вистинско внимание на аукцијата. Ја објави цената, а јас, со растреперено срце и сосема свесен дека воопшто не можам да се натпреварувам со сите тие големи колекционери, понудив малку повисока цена од предложената. Без да го привлече вниманието на другите учесници, Хирш продолжи со вообичаената рутина – „Дали некој дава повеќе?“ и три чукања со неговиот дрвен чекан, кои меѓусебно како да беа разделени со цела вечност – и на крајот ја соопшти и сумата што требаше да се исплати како трошок за аукционерот. Сумата сè уште беше прифатлива за студент како мене. Она што се случи следното утро во заложувалницата не е дел од оваа приказна. Претпочитам да зборувам за друг инцидент, кој би сакал да го наречам негатив на оваа аукција. Се случи минатата година на една аукција во Берлин. Беше понудена колекција од книги со разновиден квалитет и содржина, така што само мал број ретки книги од областа на окултизмот и на филозофијата на природата имаа некаква вистинска вредност. Дадов понуди за поголемиот број од нив, но забележав дека еден господин од првиот ред секојпат како да чекаше да ја слушне мојата понуда за да ја надмине со својата, очигледно подготвен да ја надмине секоја понудена цена. Откако ова се повтори неколку пати, ја изгубив сета надеж дека ќе успеам да ја купам книгата за која бев најмногу заинтересиран цело време. Тоа беше реткото издание на Fragmente aus dem Nachlass eines jungen Psysikers[5], кое Јохан Вилхелм Рихтер во 1810 година го објави во два тома во Хајделберг. Ова дело никогаш не беше преобјавено, но, според моето мислење, неговиот предговор – во кој приредувачот ја раскажува својата животна приказна, маскирана како некролог за еден негов неименуван мртов пријател, со кој, всушност, тој е потполно идентичен – претставува најзначаен пример на интимна проза во германскиот романтизам. Кога оваа книга дојде на ред за наддавање, јас доживеав просветление. Беше многу едноставно: со оглед на тоа што мојата понуда ќе биде поттик книгата да му припадне на друг човек, јас воопшто не треба да учествувам во наддавањето. Успеав да се контролирам себеси и останав мирен. Се случи токму тоа што го очекував: никаков интерес, никакви понуди и книгата беше повлечена од аукцијата. Претпоставував дека е мудро да поминат неколку дена; по една недела, кога дојдов во деловните простории, ја најдов книгата во одделот за стари предмети и не само што ја купив туку и профитирав од недостигот на интерес на аукцијата.

walter-benjamin-carict

Кога еднаш ќе застанете пред планините од кутии за да ги ископате книгите од нив и да ги извадите на светлината на денот или, подобро кажано, пред лицето на ноќта, одеднаш ве обземаат многу сеќавања. Ништо не ја истакнува фасцинацијата на распакувањето појасно од тешкотијата да се запре таа активност. Почнав напладне, а дури на полноќ успеав да стигнам до последните кутии. Сега во рацете држам два тома во мек повез,кои, во строга смисла на зборот, не би требало да се наоѓаат во кутии за книги: два албума со слики, кои тука ги залепила мојата мајка кога била дете, а кои јас ги добив во наследство. Тие се зачетокот на мојата колекција од детски книги, која непрекинато вирее сè до денес, иако повеќе не се наоѓа во мојата градина. – Не постои ниту една жива библиотека што во себе не крие голем број книголики творби од некоја гранична област. Тоа не мора да бидат албуми со залепени слики или со семејни фотографии, книги со автограми или портфолија што содржат памфлети или религиозни текстови: некои луѓе едноставно сакаат летоци или брошури; други пак сакаат рачно напишани факсимили или пак копии на тешко достапни книги изработени на дактилографска машина; исто така, месечните списанија би можеле да ги определат призматичните рабови на една библиотека. Но, ако им се вратиме на двата албума, можеме да заклучиме дека наследството е најдобриот начин да се оформи колекција. Зашто, односот на колекционерот кон она што го поседува води корен од чувството на одговорност на сопственикот за неговиот имот. Во одредена смисла на зборот, тоа е однос на наследник. Најзначајниот наслов од една колекција секогаш ќе биде оставан во наследство. Треба да знаете дека, кога го кажувам ова, сосема ми е јасно дека мојата дискусија за развојот на колекционерството ќе увери многумина од вас во вашето убедување дека е оваа страст застарена, во вашата недоверба кон колекционерот. Воопшто не сакам да ги разнишам вашето убедување и вашата недоверба. Но, нешто мора да се забележи: феноменот на колекционерството ја губи својата смисла кога ќе го изгуби својот субјект. Иако јавните колекции се социјално поприфатливи и академски покорисни одошто приватните –предметите ја добиваат својата вистинска вредност само во вторите. Знам дека доаѓа ноќ за оние луѓе за кои ви зборувам и кои пред вас ги прикажав ex officio. Но, како што вели Хегел, бувот на Минерва го почнува својот лет дури откако ќе падне ноќта. Колекционерот може да биде разбран единствено при своето изумирање.

Сега стигнав до последната полупразна кутија и веќе одамна помина полноќ. Ме исполнуваат поинакви мисли, различни од оние за кои зборував досега – односно, не мисли, туку слики, сеќавања. Сеќавања на градовите каде што најдов толку многу работи: Рига, Неапол, Минхен, Данцинг, Москва, Фиренца, Базел, Париз; сеќавања на раскошните одаи на Розентал во Минхен, на кулата во Данцинг во која живееше покојниот Ханс Рауе, на задушливата визба со книги на Сисенгут во северен Берлин; сеќавања на просториите каде што биле вдомени овие книги, на мојата студентска барака во Минхен, на мојата соба во Берн, на осамениот Изелтвалд на езерото Бринц и, најпосле, на мојата момчешка соба, поранешната локација на само четири или пет од неколкуте илјади книги што се сега натрупани околу мене. Колку е големо задоволството на колекционерот, колку е големо задоволството на слободниот човек! Никогаш од никого не се очекувало помалку, никогаш никој немал поголемо чувство на благосостојба од човекот што успеал да го продолжи своето озлогласено постоење под маската на Шпицвег[6]: зашто во него живеат духови или барем еден мал дух, поради кој за колекционерот – а притоа мислам на вистинскиот колекционер, на колекционерот каков што навистина треба да биде – поседувањето е најинтимната врска што може да ја оствари со предметите – тоа не значи дека тие оживуваат во него, туку дека тој живее во нив. Ете, така пред вас го издигнав неговото живеалиште, изградено од книги наместо од камења, и сега тој ќе исчезне внатре, онаму каде што и навистина припаѓа.

(1931)

Eсејот е преземен од книгата Илуминации во издание на Или-или.

Превод од германски: Катерина Јосифоска

____________________

ФУСНОТИ:

[1]Секоја книга си има своја судбина.

[2] Сиромашната учителка Вуц се појавува во приказната Leben des vergnügten Schulmeisterlein Maria Wutz in Auenthal од германскиот романтичарски автор Жан Пол (Јохан Пол Фридрих Рихтер), која подоцна е вметната во неговиот роман Die unsichtbare Loge, објавен во 1793 година (забелешка на преведувачот).

[3]Der blaue Rieter е издание од 1912 година, подготвено од Василиј Кандински и од Франц Марк, кое содржи повеќе репродукции на уметнички дела и теориски текстови и кое претставува своевиден манифест на групата Синиот јавач. Sage von Tanaquil (Легенда за Танакил) е ретка книга од Јохан Јакоб-Бахофен (1815-1887), швајцарски професор по право, историчар и антрополог, познат по своите истражувања на матријархалните општества (забелешка на преведувачот).

[4]Јохан Петер-Лисер (1804-1870), писател, сликар и музички критичар, особено познат по своите илустрации за книги (забелешка на преведувачот).

[5]Фрагменти од оставината на еден млад физичар.

[6] Карл Шпицвег (1808-1885) е германски сликар, познат по сликањето сатирични и хумористични сцени од секојдневниот живот. Една од неговите најпознати слики е „Книжен молец“, на која е прикажан колекционер на книги качен на скала како ја разгледува својата огромна колекција (забелешка на преведувачот).

Leave a Reply

Your email address will not be published.