За неправилната употреба на „истиот“

Шаблонизирањето е честа појава во текстовите од административниот и од публицистичкиот стил, а оттаму навлегува и во секојдневната комуникација. Така, често се употребуваат конструкции што се неприфатливи и неприродни за нашиот јазик.

Bela-Borsodi-photography1

Шаблонизирањето е честа појава во текстовите од административниот и од публицистичкиот стил, а оттаму навлегува и во секојдневната комуникација. Така, често се употребуваат конструкции што се неприфатливи и неприродни за нашиот јазик. Еден таков пример е употребата на членуваната форма на придавката ист за посочување на некој поим што претходно бил употребен во текстот.

Станува збор за примери како следните:

Германија го укинува правото на вода и отсега истата ќе се наплаќа.

Ми подаде една книга. Истата претходно ја видов во неговата библиотека.

Пожар во манастирот „Трескавец“ кај Прилеп – истиот е ставен под контрола.

Во собата влезе неговиот најдобар пријател. Чевлите на истиот беа валкани.

Одличен настап со уште поодличен крај на истиот.

Во македонскиот јазик придавката ист ги има следните значења: 1. ’што не е некој друг; токму тој‘ (По многу години, се најдов на истата улица, пред истата куќа. Истиот тој пред еден месец поинаку зборуваше. Истиот миг го грабна писмото и излета низ вратата.); 2. ’што не е поинаков; еднаков, многу сличен со некој друг‘ (И тој ги употреби истите зборови. Двете купиле исти чевли. Ист е како татко си.).

Наспроти тоа, во претходните реченици нејзината употреба е несоодветна. Постојат повеќе начини да се замени оваа конструкција:

–       со лична заменка: Германија го укинува правото на вода и отсега таа ќе се наплаќа.

–       со показна заменка + именката на која се посочува: Ми подаде една книга. Таа книга претходно ја видов во неговата библиотека.

–       членувана форма од придавката ист + заменка (+ именката на која се посочува): Ми подаде една книга. Истата таа (книга) претходно ја видов во неговата библиотека.

–       со членување на именката: Пожарот во манастирот „Трескавец“ кај Прилеп е ставен под контрола.

–       кога станува збор за изразување присвојност, може да се употребат присвојните заменски придавки: Во собата влезе неговиот најдобар пријател. Неговите чевли беа валкани.

–       во некои случаи конструкцијата со истиот може целосно да изостане: Одличен настап со уште поодличен крај.

Електронската адреса mak.katce@gmail.com е отворена за сите ваши прашања и коментари.

Напишано од
More from РЕПЕР
Неколку луѓе бевме на состанокот?!
Примерите од типот Неколку луѓе бевме на состанокот, иако се доста чести,...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *