Како се пишува расказ

Ако внимателно го прочитате овој есеј и ако ги примените принципите за кои зборува, ќе можете да напишете расказ. Сфаќањето што подразбира еден добар расказ се разликува од читател до читател.

snoopy-14

Ако внимателно го прочитате овој есеј и ако ги примените принципите за кои зборува, ќе можете да напишете расказ. Сфаќањето што подразбира еден добар расказ се разликува од читател до читател. За некои тоа е исечок од животот обележен од некој возбудлив конфликт. За други, пак, расказот е фасцинантна психолошка студија за ликот сместена во определен амбиент. За трети тоа е убедлива научнофантастична приказна што се случува во иднината. И така натаму. Ќе се фокусираме на „сржта“ што, според мене, секој добар расказ треба да ја има.

За да напишете добра приказна, следете ги следниве неколку чекори.

1. Нурнете се во јазикот

За да бидете подготвени да напишете расказ на англиски, вашата свест мора да биде потопена во најдобрата литература во историјата напишана на англиски јазик. Замислете си некој што сака да компонира музика. Пред да почне, веројатно ќе свири во бенд, а пред тоа, веројатно ќе студира соло-пеење или некој инструмент. Ќе учи како да чита ноти, ќе учи хармонија, со години ќе слуша секаков вид добра музика и можеби ќе студира во конзерваториум. Ни Винтон Марселис нема тукутака одлучено, еден дождлив ден додека заздравувал од грипот,да влезе во студио и да свири труба.
Писателот Дин Кунц важи за еден од оние што му се спротивставуваат на „литерарното пишување“, како што ја нарекува класиката. Но, тој не нуди алтернатива за тоа најубаво и најелегантно писмо на сите времиња. Тој е еден од ретките успешни писатели што пишуваат без темелно формално образование. Критичарите на неговото дело тврдат дека е таа разлика видлива во она што го пишува.
Ако сакате да пишувате раскази, треба да ја проучите литерарната форма. Треба да ги проучите најголемите мајстори на раскажувањето, почнувајќи од Хомер, па сѐ до Стивен Кинг и Џон Ирвинг, а особено големите мајстори на расказот, почнувајќи од Тургењев и Чехов. Читајте колку што можете повеќе. Мора да читате класици, не само она што е популарно во моментот. Толстој повеќе ќе ве научи за пишувањето отколку Дин Кунц. Нурнете се во јазикот. Водете дневник. Пишувајте писма (не само електронски пораки) до своите пријатели. Посетувајте часови по креативно пишување.

2. Смислете идеја за расказ

Кај искусниот писател идејата обично доаѓа мигновено, вие мора да знаете како да го создадете мигот. Обично, идејата е делумно јасна уште од самиот почеток: „Сакам да напишам расказ за чичко ми Лео“ или „Летото кога живеевме во Хонолулу“ или „Денот кога го убија претседателот Кенеди“.

Тогаш, што за летото кога живеевме во Хонолулу? Фокусирајте се на она што го прави тоа искуство важно за вас. Што друго би сакале да придодадете? На пример, имаше „професионални сурфери“.
Така ги добивате „професионалните сурфери од летото кога живеевме во Хонолулу“. Што би сакале да напишете за нив во својот расказ? Можеби „сурферот што ѝ го украде паричникот на сестра ми“.
„Професионалниот сурфер што ѝ го украде паричникот на сестра ми летото кога живеевме во Хонолулу“. Тоа е почетокот.

3. Определете го аголот

„Агол“ е новинарски термин што означува што е она што ќе биде во фокусот. Треба да го одберете аголот или фокусот низ кој ќе го набљудувате сурферот-крадец. Вашиот расказ може да се однесува на самата кражба, или на откривањето на крадецот, или на одлуката да не го пријавите и на случајната повторна средба со него, или дузина други алтернативи.

Ако не можете да го определите аголот, вратете се на точка 1 и дотерајте ја својата идеја. Можеби ви треба нова.

4. Скицирајте ги сцените

Штом веќе имате идеја и агол, време е да ги скицирате сцените. Приказната што ќе ја раскажеме ќе има десетина страници, така што ќе ни требаат три добри сцени.

(Дали треба да се фокусира на пишувањето на сцените или не, тоа е жива книжевна дилема. За писател што е почетник пишувањето сцени е поуредно и полесно. Покрај тоа, расказот ќе го напишете во трето лице. Тоа е најдобрата точка на гледање додека учите. Првото лице е прелесно, а омнисцентниот раскажувач ретко се користи.)

Користејќи ја нашата идеја со сурферот-крадец од Хонолулу, можеме да ги направиме следниве сцени:

1. запознавање со сурферите на плажата Ваикики; 2. правење забава во хотелот Ројал Хаваи, каде што се случува кражбата што не ја пријавуваме; 3. средба со сурферот-крадец следната недела.

Или би можеле да кажеме: 1. забава за пријателите-сурфери во хотелот Ројал Хаваи, со кражбата што не ја пријавуваме; 2. присетување на поубавите денови на Ваикики; 3. средба со сурферот-крадец следната недела.

Скицата што ќе ја направите може да биде слободна и општа или, пак, прецизна како агенда.

5. Ликови

Пред сѐ, некои писатели сметаат дека со ликовите треба да се започне. Вие правете што сакате. За расказ од десет страници три главни лика се сосем доволно. Немојте да имате повеќе од четири. Може да воведете многу споредни ликови, но тие не би требало да пречат или да го прават дејството конфузно.

Сега, со идејата, со скицата и со ликовите, подготвени сте за тешкиот дел: пишувањето.

6. Пишувајте

Треба да влезете во приказната со ентузијазмот што сте го имале кога сте научиле да танцувате. Сте знаеле дека не сте Фред Астер или Џинџер Роџерс, но сте се забавувале.
Вдахнете му живот на расказот најмногу што можете.

Превод од англиски: Ѓоко Здравески

Напишано од
More from РЕПЕР
Времето како море и времето како река
Светот е голем, но во нас тој е длабок како море. Рилке
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *