Уметникот и лечењето со психоанализа

Дали креативната способност на психоанализираниот уметник квалитативно и квантитативно ќе се измени и како?

Ова поглавје би го започнал со една анегдота што ја цитира Ото Бихајли-Мерин во својата книга „Градителите на модерните мисли“. Кога познатиот длабински аналитичар, прерано починатиот Ерих Нојман (Erich Neumann), му ја испратил својата книга „Архетипскиот свет на Хенри Мур“ на денес веќе славниот вајар Х. Мур, со сигурност очекувал одговор, затоа што се надевал дека ја пронашол основната творечка формула на уметноста на Мур. Одговорот не пристигнал. Тогаш Нојман му се обратил на Херберт Рид и го замолил да го праша Мур за сето тоа. Мур одговорил дека не ја прочитал книгата и дека не ни има намера да ја прочита. Тој изјавил дека чувствува дека дека секое обелоденување на она што дејствува во несвесеното и во скриеното, обелоденување по пат на рационално набљудување, претставува пречка и опасност за неговото творење.

psiho_by_danilojoyo-d5p7igx

Жорж Сименон (Georges Simenon), познатиот современ француски писател, кажува дека во неколку наврати, кога ја почувствувал потребата од психијатриска помош, наместо да отиде на психијатар, седнувал и пишувал роман. Сите тешкотии што ги чувствувал на почетокот на пишувањето почнувале да си одат и на крајот исчезнувале.

[pullquote align=”left”]Дали креативната способност на психоанализираниот уметник квалитативно и квантитативно ќе се измени и како?[/pullquote]

Уште од времето на Фројд се поставувало прашањето што да се прави со невротичните уметници на кои им е потребна психијатриска помош. Дали креативната способност на психоанализираниот уметник квалитативно и квантитативно ќе се измени и како? Не се заканува ли опасност од губење на талентот и што да се направи со болниот уметник во тој случај?

Од претходното излагање видовме дека не се согласуваме со мислењето на Штекел дека е секој уметник невротичар, не порекнувајќи го сепак фактот дека кај поголемиот број уметници има невротични конфликти. Меѓутоа, не се сите конфликти, како ни комплексите, со патолошка, односно со невротична природа. Преку тоа се уверивме дека колку е уметникот поголем толку повеќе успева невротичните елементи во својата личност да ги трансформира, да ги сублимира, да ги пренесе на уметнички начин во своето дело, чистејќи се истовремено и самиот од она што би можело да се закани со болно ширење и со фиксирање различни конфликти и комплекси. Видовме дека уметничкото творештво воопшто е некој вид позитивна абреакција, при која уметникот, создавајќи, станува свој сопствен лекар, остварувајќи ослободување од различни непријатни и болни афекти. Исто така, неспорно е дека уметникот пати и речиси ни е незамислив уметникот што животната драма, со сите нејзини противречности, кои често се трагични, не ја впил двојно во себе и не ја доживеал на поинтензивен начин од обичниот човек. Не гледаме, меѓутоа, никаква потреба доживувањето на страдањето и кај обичниот човек и кај уметникот да се доведе во неизбежна врска со неврозата. Меѓутоа, ако е точно, а мислиме дека е несомнено точно, дека и невротичарот пати, тогаш мораме да направиме квалитативна разлика во овој вид патење и да заклучиме дека патењето на невротичарот најчесто е подведено на болната принуда да се повторува и дека тој, патејќи, секогаш на истиот начин и горе-долу поради истите причини останува ограничен и немоќен да излезе од ова бесплодно патење. Патењето на уметникот, како и на релативно здравиот човек, е различно. Тоа се преобразува, тоа е корисен стимуланс за барање нови патишта на кои ова патење, дури и кога не престанува, затоа што обично никогаш не престанува сосема, станува „сопатење“, се шири и ги опфаќа страдањата на другите луѓе, добивајќи општочовечко значење. Со еден збор, сметаме дека единствениот вистински одговор е прифаќањето на патењето, не на невротичен начин како мазохистичко прифаќање на патењето, туку како усвојување и натамошно творечко занимавање со него како универзална егзистенција за самиот живот.

kkШто се случува, меѓутоа, кога е конфликтниот и со тоа невротичниот материјал на несвесниот живот толку обемен и кога се динамичките сили на личноста во толкава мера ограничени што уметникот не само што не успева поголемиот дел од овој материјал да го преработи во готова уметничка форма туку и во еден момент се чувствува неспособен да започне нешто со него? Овој пат не мислиме на оние познати и кај секој уметник дури и неопходни паузи во творештвото, кои често значат само плодно собирање нови сили за следниот скок. Мислиме на оној психопатолошки настан што ја растргнува личноста и ја чини неплодна. Што може да направи психоанализата во ваквите случаи?

Мислењата многу се разликуваат. Ото Ранк, близок соработник на Фројд, кој во психоаналитичкото движење дошол од уметничко-филозофскиот свет, бил зачудувачки одлучен кога тврдел: „Реализирајќи го освестувањето на несвесниот материјал, психоанализата уништува еден битен услов за уметноста. Уметникот што станува сè повеќе свесен за самиот себе е принуден, со природна еволуција, да престане да биде уметник“. Од Ранк, па сè до денес, се наведуваат примери за некои попознати писатели, сликари и сл., кои, по целосното излекување со психоанализа, престанале да се занимаваат со уметноста. Ако не било тоа случај, тврдат поборниците на мислењето за штетноста на психоанализата за уметникот, тогаш психоанализата или не успеала или била нецелосна.

Секако дека има и спротивни мислења и примери. Најмаркантен е, секако, оној на Херман Хесе. Имено, познато е дека Хесе, некаде на средината на својот творечки пат, притиснат во недофатлива мрежа од внатрешни противречности, се нашол во беспатица и пред самоубиство и дека една психоаналитичка сесија кај еден ученик на Јунг не само што го ослободила од овој кошмар туку му отворила и видици за непредвидени можности, кои и дошле до израз во неговите подоцнежни романи. Самиот Хесе во таа пригода, оддавајќи им признание на вредностите на психоаналитичките методи, пишува дека психоанализата му помогнала да ја сфати сета вредност на својата фантазија и дека единствениот услов за нејзино плодно прифаќање е во тоа психоанализата да не се прима како интелектуална манипулација, туку како лично доживување.

kkkЕте ги, според нашето мислење, неопходните услови за плодно користење на психоанализата од странските уметници. Ова навистина значи отфрлање на психоанализата како интелектуална манипулација што на уметникот во терапевтската анализа треба да му даде неколку толкувања на неговите „комплекси“ или да даде известување за некои нејасни страни на внатрешниот живот на уметникот. Приоѓањето на анализата е можно само како лично доживување. Било некој да подложи на лечење со психоанализа, било да ѝ се приоѓа теоретски како на интересна новина во психологијата, без емотивно уживање во неа, без катартичко доживување на промените во самиот себе, вредноста на овој метод останува како сјај на лажно злато или како звук без одек. Вистинскиот контакт со нашето несвесно е секогаш по малку ризичен, секогаш по малку му се приближува на огнот и успева само тогаш кога се грееме на тој оган, никако ако тој нè изгори или ако, од страв, не му се приближиме доволно. Овој оган го чисти уметникот, всушност како и секого од нас, го учи пред сè на бескомпромисна искреност кон самиот себе, која е неопходен услов за доследноста на својот сопствен пат, без оглед на тоа, како што кажува Хесе во „Демијан“, каде води овој пат. Зашто овој оган во нашиот несвесен живот, како што нè учи психоанализата, ни го открива токму она од кое се плашиме во самите нас, она што е потиснато од нашата свест.

Ако го согледаме вака проблемот на односот меѓу уметникот и психоанализата, тогаш втората ги губи призвукот и гласноста на ладен и остар меч што го отсекува она што е најдрагоцено во уметникот, неговата фантазија, која го отрезнува, враќајќи го на нарушените односи на неговите нагони, неговите Јас и Над-јас, кои, со еден збор, го сведуваат на неговите невротични конфликти, односно на потиснатите желби.

[pullquote align=”right”]Не е исклучено дека некоја анализа може да покаже неможност да продолжи некоја уметничка дејност.[/pullquote]

Зигмунд Фројд во врска со прашањето за односот на психоанализата кон невротичниот уметник заземал еден многу разумен став, со кој можеме да се согласиме: „Не е исклучено дека некоја анализа може да покаже неможност да продолжи некоја уметничка дејност. Тогаш тоа не е вина на анализата, тоа би се случило во секој случај и уште е предност ако се дознае навреме. Меѓутоа, ако е погонската сила кон уметноста посилна од внатрешните отпори, тогаш творечката способност преку анализата ќе биде замо засилена, никогаш заслабена“.

Оваа наша расправа би ја завршиле со констатацијата дека сепак не е неврозата основа на уметноста, туку талентот, иако неврозата и во овој случај често влијае како творечки катализатор. Сè додека уметникот самиот излегува накрај со својата невроза, поточно сè додека чувствува дека е таа повеќе стимул отколку пречка во неговата работа, секоја консултација со психијатар е непотребна. Меѓутоа, тогаш кога уметникот доаѓа до извесен застој, кога е во недоумица и кога почнува да се сомнева дека неврозата станува сопирачка за неговиот развој, прашањето на избор е оставено на неговата слободна одлука. И само на неговата. Сепак, во оној момент кога тој ќе одлучи да побара совет од психотерапевт, одговорноста на психотерапевтот е многу голема. Затоа што тогаш тој треба да одлучи дали треба уметникот да подлегне на анализа, на кој вид и колку долго, или треба со одбрани зборови да го врати и да го упати на друга можност за разрешување, држејќи се до Хипократовата максима наменета за лекарите: да се биде корисен или да не се наштетува.

(Од книгата „Психоанализа и култура“ од Владета Јеротиќ, издание на БИГЗ, Белград, 1974 година)

Напишано од
More from РЕПЕР
Кој вели дека Балканот е мртов?
Кон двата најнови македонски филмови: Соба со пијано и Балканот не е...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *