Анализа на употребените симболи во театарската сцена „Екс-ју“ од Горан Стефановски

340px-Flag-map_of_Yugoslavia.svg

Театарската сцена „Екс-ју“ е напишана во 1996 година по нарачка на театарот „Трицикл“ од Лондон, Англија, каде што и првпат е изведена. Насловот јасно упатува на содржинската исполнетост, која како основа го има земено ексјугословенското. Ликовите се малку на број, но затоа се семиотички исполнети до последната реплика. Дејството се случува во ресторанот на безимен хотел, кој атрибутски е објаснет како студен и празен. Ресторанот како простор е место на колективно хранење, а храната е разбрана како супститут на љубовта. Во тој контекст, ресторанот би требало да биде простор на јавна, сестрана веселба и љубов. Нашиов ресторан е празен, љубовта е истрошена.

Во „Поетика на просторот“, Башлар ја објаснува симболиката на куќата. Куќата е само наша, а хотелот е сечиј, аналогно на тоа и ничиј. Собите во хотелот можат да ги користат сите, но тие се без греење, тука го нема семејното огниште што околу себе ги сплотува домашните. Дополнително, амбиентот е објаснет преку неповолните временски услови. Врне снег, „има ледена лапавица и ветер. Се срушило небото“. Присутните носат зимски палта, преку тоа се акцентира нивната затвореност во себе, палтата штитат од студ, но и од интимност. Во себе ги кријат телата, но и вистинските емоции.

Оваа театарска сцена е убава основа за имаголошка анализа. Никола и Мартин се двете страни на една иста паричка. Ние наспрема тие. Објаснувањето дека ние сме подобри од нив, бидејќи „тие имаат ципа меѓу прстите на нозете“, само го потврдува фактот дека другата страна мора да се порамни со анималното за ние да се искачиме погоре на скалата на исправното и на подоброто. Но што кога јас сум мешавина од ние и вие? Што кога јас сум културен хибрид, збунето растргната меѓу ние и вие? Тоа прашање си го поставува Маја, производ на ексјугословенското братство и единство.

[pullquote align=”left”]Таткото што умира е мистифицираната Југославија[/pullquote] Таткото што умира е мистифицираната Југославија. Го закопуваат во импровизиран гроб Никола и Мартин, откако самиот решава да си го одземе животот. Кошулите и на двајцата вмешани во брзиот закоп се испрскани со крв. Југославија се самоубива. Импровизирано се прикрива споменот за неа. Невешто се прикрива нејзиното постоење, сакаме да ја избришеме како чкртаница со молив. Но стругањето со гумата за бришење остава дамки крв на сите нас. Без разлика дали сме од ние или од вие. Абјектот стана болно и насилно засушена дамка во нашите сеќавања.

Таткото носи бел летен костум. И летна шапка. Сосема спротивно од лутата зимска ноќ што владее надвор. Југославија е време на Медитеранот, на топлото сонце и на утринското кафе во комбинација со весник. Она што доаѓа по неа е темна ноќ. Компарирани преку Дуран , овие две временски ситуации ни даваат убав приказ на она што значела Југославија за луѓето и колку тешко, темно и мрачно изгледало времето по неа.

Пред да пристигне духот на таткото, келнерот гаси половина од светилките. Доколку нив ги разбереме како вештачко светло, а тоа транзитно нѐ носи до симболиката на сонцето и на светлината, овој потег би го сфатиле како судбинско затемнување на историските случувања.

Маја му ветува на татка си: „Ќе те пронајдам и покрај мините ./ Ќе те пронајдам и покрај болката/ огнот/ експлозиите“. Главните протагонисти се мажи. Мажите се тепаат, мажите ја почнаа војната, жените ја платија цената. Кога ќе слушне дека го мобилизираат, жената на Никола молкум му пакува малку храна за по пат. Не се буни, само му дава малку љубов да го крепи во тешките денови на нељубов. Жените претставени преку Маја го поставуваат прашањето „зошто?“ и неуморно трагаат по одговорот што го нема.

[pullquote align=”right”]Стефановски суптилно го иронизира системот[/pullquote] Стефановски суптилно го иронизира системот. Мартин на Никола му вели дека е вклучен на автоматски пилот, што во превод би значело дека мозокот му е исклучен, дека не размислува, туку само слепо ги извршува наредбите на повисоките инстанции. Неговиот коментар дека денес кокошките не се колат дома, туку дека се купуваат во месарници и во супермаркети, исто така оди на штета на системот, го обвинува за свесното и инструментализирано насилство во кое секидневно учествуваме сите ние, но не се буниме сè додека има свежо пилешко на масата. Насилството стана дел од нашата трпеза, го консумираме сладострасно. Мартин патува за Лондон, но се враќа кога завршува војната. Со војната му завршува и популарноста. Тука совршено би се вклопила новокомпонираната клетва од крајот на деведесеттите: „Да даде Бог да си ја видиш куќата на CNN“.

И тука, секое теориско надополнување е вишок. Врне снег. Но кога ќе се растопи, излегуваат на виделина сите нечистотии скриени под килим. Меѓу нив и брзо ископаниот гроб на Југославија.

_______________

КОРИСТЕНА ЛИТЕАТУРА:

1.)     Башлар, Гастон: Поетика на просторот; Скопје; Табернакул; 2002

2.)    Стефановски, Горан: Собрани драми; книга трета;Скопје; Табернакул; 2010

3.)    Durand, Gilbert: Antropoloske strukture imaginarnog; Biblioteka August Cezarec; 1991

Leave a Reply

Your email address will not be published.