Љубов на улица

960074_543026629069584_1854305715_n

Понекогаш,

Се случува да се родиш
И да не можеш да заспиеш
Покрај оној што случајно си го сретнал,
Како случајно најден весник во локалното кафуле.
Сакаш да го прочиташ,
Ама ќе мораш да го оставиш
За и другите да имаат што да знаат.
Можеби,
Ќе можеш да му оставиш трага,
Брчка или лага,
Круг од шолјата за кафе,
Еден или два страва,
Капка солза или пот,
Додека денот минува.

А тебе животот ти минал цел
И оставил
Само дел по дел
Да ги собираш
Случајните сонувачи,
Кои покрај тебе
Не се заспани.

А како поинаку?

Сонцето како трага,
прободено небо со куршум,
зраци што оставаат снага
да направиш
од себеси
од својата младост
’ршум.

Да посадиш дрво,
да напишеш писмо до светот,
да зачуваш сон во тегла,
да излезеш надвор од редот,
да не запазуваш рими,
ни е дна ш да не сл о гу ваш.
Да искинеш изборни плакати
и наместо нив да залепиш
– плакета на Љубовта,
– постер за концерт,
– цртеж од детски рачиња.

Да замолкнеш кога Вардар пее
раштимана музика.
Да прегрнеш некој драг
додека улицата стивнува.
Заблагодари се на насмевот
залепен за правливиот плоштад
за она што ти рекоа дека е твое,
а е само заборавен град,

присети се.

Зашто овде липите раѓаат ноти,
подиумите се врели од танцување,
небото мириса на ванила
и сите се експерти до неверување.
Но.

И да имаш 100,
како дедо ми кога рече – „Ех, младоста е во духот
и никој не може да ти ја земе“,
најди начин
да си го спасиш
сопственото време.

Отсекогаш

Можеби само сакам
да се држиме за рака
во кино, додека дожд од пуканки паѓа врз нас.
Невоспитана младина,
ќе си речеме,
а и ние сме дел од целата приказна.
Филмот влегува во нас,
ние во филмот,
трошиме парчиња сеќавања
на нешта што никогаш не се случиле,
па пак
ровиме во кутиите со сладолед,
таму секогаш има пинџур наместо радост,
купуваме грамови младост
по случајните минувачи што со колички ги возат своите случувања
и се тешиме.

Време,
со запирка и без точка
со зборчиња што возат точак
ќе нѐ одведат некаде далеку
откога ќе решиме.

Ние сме она што сме посакувале.

Отсекогаш.

Вечно млади

Најтешко е
кога присуството
тоне во отсуство,
спомени што вријат,
пулсира во дамари,
а очите ти кријат
сомнеж и прав,
зашто
ти е страв.
Дека можеш да се разбудиш,
и некого да немаш,
некој да те нема
да станеш само сенка
правлива, да те снема.

Па запишуваш
список за на пазар,
дипломски труд,
семинарски што никој не ги чита,
редоследи од воз и театарски претстави,
надеж што скита
низ столчиња од кино редови.
Со запишување – се одржуваме,
со пеење – се заслужуваме.
И секој миг е број
што како игра на среќа го заокружуваме.
Бинго!
Добивте живот.
Но, во себе ли ќе го поминете?
Имате ли страст во здивот,
откако ќе заминете?

Најтешко е
кога отсуствуваш
од себе.
Натегајќи се со времето
да останеш…

Вечно млад.

 

Ана Голејшка е родена 1987 г. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност, (не)случаен поет, љубител на перформансот. Дел од своите дела ги споделува на официјалниот литературен блог „Куцкамен“. Настапувала на многу поетски читања, а имаше свој настап и на Струшките вечери на поезијата 2011, на „Ноќи без интерпункција“. Нејзини дела се најдоа во изборот на Антологијата на најмладата македонска поезија и проза – „Ветерот носи убаво време“ (2012) , во Антологијата на младата македонска современа авангардна поезија (2012), како и во Антологијата на младата македонска поезија – „Лирски додекамерон“ (2012). Неодамна од печат излезе нејзината прва стихозбирка „Љубов на улица“.

Живее и работи во Скопје.
Пее и љуби.

Leave a Reply

Your email address will not be published.