Култура исткаена со конец

SDC15134

При потрагата по нов занает во Старата скопска чаршија, погледот се скамени врз разноликите бои со кои беа исткаени килимите, кои стоеја еден врз друг. Овие килими со своите силни бои тивко ги мамеа погледите на минувачите. Луѓето застануваа, ги допираа… Воздишките од убавината на килимите кај луѓето се разлеваа по калдрмата на Чаршијата. Па, затоа, го замоливме мајстор Драган да ни каже нешто повеќе околу овој занает, а тој со задоволство прифати.

Како што веќе видовме, мајстор Драган е мајстор на повеќе занаети, меѓу кои се и копаничарството, изработката на килими и сл. Исто така, тој ги препродава и производите на другите занаетчии од различните делови на Македонија во Скопје. Вистината за тоа како се изработуваат овие уметнички дела се пренесувала од колено на колено низ генерации мајстори, додека дизајнот, како и боите и материјалите што се користат најмногу зависат од регионот во кој се изработува килимот. Боите најмногу ја креваат вредноста на персиските килими затоа што за нив најчесто се користат природни бои. На пример, за добивање жолта се користи јаболко, за добивање сина се користи индиго, за добивање црвена – разни типови корени итн. Оваа техника најмногу се употребува за персиските килими.

Секој рачно изработен килим има свое значење, а особено е голема симболиката во изборот на боите и на нивните комбинации.

Доброисткаениот килим бил богатство за семејството, но и сведоштво за сето она што македонската жена не можела гласно да го каже. Црниот и црвениот конец биле нејзиниот збор, оној наш македонски. Килимите кај нас, па и во други култури, може да се земат како една нејзина одлика. „Македонската жена на килимите го оставила сето она што не можела гласно да го каже. Црниот и црвениот конец се нејзиниот збор, оној наш македонски. Преку прекрасните шари го сликала она што на Македонецот не му било дозволено да го каже гласно. Таа вредна домаќинка била и голем уметник“, вели Светлана Георгиевска, етнолог во Народниот музеј, на една од изложбите во Велес каде што посетителите имаат можност да видат килими што датираат од 18, од 19 и од 20 век.

SDC15141

Секоја исткаена шара како да е еден збор, еден симбол. Овие мајстори зборуваат преку слики. Како што прави поетот Аполинер во своите „лирски идеограми“, кои претставувааат обид за доближување на поезијата до сликарството за намалување на растојанието што ја дели сликата од зборот, претставата за предметот од апстрактниот знак за него, во крајна линија – означеното од означувачкото. Сликајќи го со зборови и со цели стихови опеаниот предмет – букетот цвеќиња, блискотот на водоскокот, круната, срцето или Ајфеловата кула – Аполинер создава песни што сакаат да бидат богати и нови доживувања за сетилото на видот. Така и овие мајстори, додека ткаат еден килим, ја вметнуваат историјата на една цела култура преку слики т.е. преку шари: плачот на културата, нејзината насмевка, војните и чумата, а притоа не ги изоставуваат ни своите желби, кои се вткаени во нивната внатрешна длабочина. Килимот не само што зборува за талентот на мајсторот туку може да се гледа и како симбол на една култура, како крајно креативна творба, затоа што се во него испреплетени оние мали приказни на мајсторот и неговите големи соништа. Како да е една мапа на моментална состојба испишана со волна. Станува збор за една симултаност – со секое постелување на килимот, како да се огледуваме во дамнината. Со тоа, таа почнува да бидува насекаде.

SDC15130

Мајстор Драган ни раскажуваше како се изработува еден килим. Основата мора да е волна од овца, која поминува низ еден процес што тие (мајсторите) го нарекуваат подготовка на основата пред да започне главниот процес на изработка. Тука спаѓа процесот на чистење на волната, чешлање, селектирање и сл. Па дури отпосле доаѓа процесот на ткаење, кој е најбитен и најсимболичен за овој занает. Кога ќе биде подготвена волната, на кадела се прави конецот (преѓата), се преде, па после се става на разбој и се ткае. На разбојот се ткаат килими, јамболлии и сл. Овој процес на изработка на еден килим трае најмалку дваесеттина дена. Има толку видови килими колку што има и култури, а денес се проширува тој избор – поради модерната култура.

Сепак, исто како и во минатото, и денес килимот се гледа како симбол на едно креативно дело, како одлика на една култура, а во себе ги содржи сите елементи како и едно уметничко дело.

Leave a Reply

Your email address will not be published.