Во уметноста – занает… или обратно?

Копаничарството во Македонија, Мал историјат, и претставување на еден од најстарите резбари во скопската чаршија.

SDC15100

„Тоа што го доживува човекот во мигот додека дува во внатрешната маса, се пренесува во самата материја и во неа, откако ќе го добие крајниот облик, секогаш постои и ќе постои дел од здивот на неговиот создател“. („Храпешко“ – Ермис Лафазановски)

Неслучајно го одбрав овој цитат на македонскиот автор Лафазановски како почеток на оваа приказна што чекаше да биде раскажана. Како и другите занаети, така и копаничарството не ѝ свртува грб на естетската вредност. На уметноста. Да, тие се мајстори, но нивната работа подразбира голема имагинација, креативност, чувство за убавина… Љубовта и поривот за создавање им се заеднички (меѓу другото). Суштински, творецот дише додека неговото дело живее. Во секој предмет што го изработил тој оставил дел од себе, од својата душа. Во примерот на Лафазановски тоа се стаклените предмети – чаши, шишиња, разни украси… Во нашиот случај – секој предмет од дрво.

Копаничарството истовремено е и уметност и занает на изработка на предмети и на резби од дрво. Вредноста на изработките е дотолку поголема колку што е поголем предметот, подлабока резбата и поквалитетно дрвото. Во таа смисла, резбите се изработуваат од тврди дрва, најчесто од орев, и се разликуваат плитка и длабока резба. Во Македонија копаничарството има милениумска традиција, што е потврдено со археолошките наоди.

SDC15106

За да ги пронајдеме корените на древното македонско копаничарство, мора да се послужиме со археолошките пронајдоци на нашата етничка територија и во светот. Пронајдената кралска гробница во Кутлеш зборува за високото културно и историско богатство со врвни уметнички елементи. Тоа е претставено на ковчегот со сонцето со шеснаесет зраци, на декоративната плитка пластика во огледален одраз со богати орнаменти, на ногарките што завршуваат со лавовски шепи, а пронајдени се и златни желади и дабови лисја во вистинска големина. Ако се споредат античките пронајдоци во Кутлеш со сегашните резбани дела и со иконостасите во црквите и во манастирите, се забележува видна сличност, блискост и истородност. За желадите и за дабовите лисја во злато и за желадите и за дабовите лисја на иконостасите од дрво слободно може да речеме дека се исти и дека се подеднакво употребувани и застапени во уметноста во етничките граници на Македонија. Лавовските шепи од ковчегот и денеска се резбарат како декор на мебел.

SDC15109

Во Македонија се зачувани голем број предмети, релјефи и верски украси од резба од периодот 14 до 19 век. Најпознати школи во тој период во Македонија биле Прилепско-слепченската во 15 и во 16 век и Дебарско-охридската во 19 век. Речиси сите поголеми цркви имале предмети и украси од резба, а во некои целата внатрешност била украсена на тој начин. Најпознати сочувани дела од овие мајстори се иконостасите во црквите „Св. Јован Бигорски“ кај Дебар и „Св. Спас“ во Скопје. Покрај тоа, и побогатите куќи биле украсувани со мотиви од резба: познат пример за тоа е таванот во една од собите на музеј-куќата на Робевци во Охрид.

Флората и фауната, слично како во античко време, врежани во мозаиците, мермерите, монетите и во керамиката, и денеска се најчест мотив на иконостасите. Најзастапени елементи во копаничарската уметност во античкиот и во сегашниот период се: риба, елен, ламја-андрогин (дракон), сатир, кентавр, грифон, лав, орел, паун, змија, лисје, цветови и плодови од смокви, лоза, афион, даб и други. Во античко време, на влезовите во кралските палати и престоли се поставувале по два лава-чувари во скулптура. Таа традиција продолжила низ вековите, а денеска во старите и во новите цркви и манастири се ставаат како задолжителни копаничарски елементи покрај владичките престоли (тронови).

Поврзаноста на античкиот период и на копаничарските школи (Прилепско-слепченската во 15 и 16 век, Светогорската на Атос во 17 и 18 век и Дебарско-охридската во 19 век) и денеска е изразена и видна преку приказот на елементите, на симболите и на мотивите што се користеле од античко време сѐ до денес.

SDC15113

Подетално за процесот на изработка ни „расправаше“ мајстор Драган Деспотовски. Неговиот дуќан се наоѓа во прегратките на Старата скопска чаршија. Поточно – во просториите на хотелот „Арка“. Тој го има овој дуќан околу шест месеци, што не е долг временски период, но добро му оди, како што ќе рече самиот тој.

Освен што е занаетчија, тој е и продавач. Покрај своите дела, ги продава и туѓите, од други занаетчии, од разни занаети што сè уште живеат низ просторите на Македонија. Кога го прашавме како се родила љубовта кон овој занает, тој скромно ни одговори: „Од никого не го наследив овој занает. Потекнува од мене. Како дете, сакав да си играм со разни играчки или да ја поседувам веќе замислената. Тоа не можев да си го дозволам и некако се обидував самиот да си ја направам, а од што ако не од дрво? И сè така, кога еден ден сфатив дека обожавам самиот да го изработувам веќе смисленото“.

Така, ние го добивме најсовршениот одговор на ова прашање. Љубовта кон занаетот на мајсторот му се раѓа од дете. Од желбата да се поседува некој предмет што дури и го сонуваш додека спиеш. Чистата детска желба и разбирањето дека родителите не можат да му помогнат околу тоа придонеле мајстор Драган денес да стане занаетчија и да ги материјализира своите визии. Љубовта се раѓа постепено, бавно. Трпението ја зајакнува. Таа може да се поттикне затоа што е слепа во раѓањето и затоа што прогледува дури подоцна, кога станува зрела.

Мајстор Драган ни раскажуваше за процесот на изработка на предметите. Основен материјал е дрвото. Најчесто се користи дрво од орев и од круша. Денес тој процес не е многу изменет од порано, само што сега се употребуваат машини за измазнување на дрвото. Сумирано, целиот тој процес на изработка е ист, освен тоа што денес копаничарите ја имаат помошта од машините. Обично работеле во т.н. тајфи од еден или од повеќе мајстори и од неколку помошници. За длабење на дрвото користеле метални длета и дрвени чекани со различни големини. Материјалот морало да биде суво и цврсто дрво и затоа одбирале најчесто орев, и тоа сушен повеќе години. Најпрвин дрвото се фиксирало за цврста подлога (работна маса) и потоа на него со молив се нанесувал мотивот. Потоа се длабело така што останувал само мотивот, и тоа најпрвин грубо, со поголеми длета, а потоа и фините детали, со помали.

Се настојува целата резба да биде од едно парче дрво бидејќи, ако е составувана, постои опасност составните делови да се раздвојат. Значи, откога дрвото ќе се исече, се става во арско ѓубре за да изумрат сите инсекти од неговата внатрешност – тој процес трае дваесет и еден ден. Потоа доаѓа процесот на проветрување, кој трае триесетина дена, па сушењето на дрвото – долги две години. Ова е подготовката; по тие две години сушење, дрвото е подготвено за изработка. Со помош на машина се струга за да се измазни и да се добие фина површина. Дрвото се струга во одредена димензија и се подготвува за резба. Резбата зависи од мајсторот т.е. од неговата креативност. Затоа, некои овој занает и не го гледаат како занает, туку како дел од уметноста, и за тоа имаат право. Мајсторот рачно, со длето, „црта“ по веќе обработената дрвена површина. На дрвото го исцртува она што претходно го видел во соништата, во имагинацијата, а ние тоа го нарекуваме резба.

SDC15110

Мајстор Драган е делумно задоволен од продажбата на своите дела со оглед на местото што ѝ е дадено на уметноста кај нас. Сепак, кога станува збор за животот на другите занаети во Старата скопска чаршија, тој разочарано го повтори истиот одговор како и другите занаетчии: „Во овој век на транзиција никој не сака да биде чирак. А, занаетот без чирак не може да продолжи да живее“.

Како што ја започнав оваа приказна за копаничарството така и ќе ја завршам, преку веќе напишаните зборови на Е. Лафазанофски: „Не е важна само идејата. Оти кога се има само идеја, а се немаат раце или очи, тогаш идејата е мртва“.

Напишано од
More from РЕПЕР
Скинбој живее во градот
Џеј Ар Вилијамс е независен автор кој творел и објавувал во американската...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *