Зошто ја сакам Соња?

Anya-Gallaccio-installation2

Соња ја сакам уште од мал.

Таа беше првата што ми подаде рака кога одевме на училиште. Секогаш ме гушкаше по натпреварите и ми даваше од нејзините слатки. Имаше играчки како на сон: војници, пиштоли, автомобили, го имаше дури и спајдермен. Немаше досадни барбики како некои, а ми дозволуваше да си играм со сè. Многу знаеше, велеа дека е талентирана и дека во животот ја чека светла иднина, понекогаш ми пишуваше домашно, а ми дозволуваше и да играм на нејзиниот комјутер.

Секогаш кога моите ќе се скараа и следуваше маратонско молчење во куќата, одев кај Соња и таму сè беше полесно.

Таа наеднаш стана убава девојка додека јас уште си бев малечок. Еден ден ми се пофали дека има момче. Ја прашав, а јас што сум, не сум момче? Не, рече, ти си ми другар.

Како и да е, продолжив да ја сакам. Таа секогаш беше убаво облечена. Гледаше во комјутерот каде се продаваат отмени фустани и одеше купуваше баш такви. Беше малку дебелка, па во фустаните што ги носеше изгледаше како секаде околу половината да има газеви, ама морало да се биде во тек со модата. Многу мислеше што да носи, внимаваше на секој детаљ. Ако носеше фустан без прерамки, таа ставаше такви невидливи прерамки за да се види дека не сака таа баш таков фустан што паѓа и сите можат да ѝ се ѕверат во нејзините цицки, туку дека многу ѝ се допаѓа фустанот, па мора да го носи, макар и со додатоци. Ако носи, пак, некоја маичка со гол грб, таа секогаш со конец ќе ги преврзе рамките и конецот ќе се гледа, ама сите ќе знаат оти таа направила сè за да не се гледа.

Никогаш не носеше бои што не ѝ одговараат. Отиде дури и на специјалист за бои за да ѝ каже што е модерно во денешно време да се носи, кои бои и модели и што нејзе од сето тоа ѝ личи да носи.
Кога ја исфарба косата, не можев да ја препознаам, ама многу ја сакав. Таа сакаше да биде убава.
Еден ден, не знам што и падна на памет, се промени. Не ѝ беше гајле за ништо. На грбот си направи и тетоважа, црна змија. Не ја сакав змијата, ама штом таа мисли дека така треба да биде, тогаш и мене ми е убава.

Дојдоа и времиња кога не можев да ја гледам често. Почна да не доаѓа на училиште.

Понекогаш ја среќавав и ѝ мавтав со раката додека му се качуваше на момчето во автомобилот и одеа некаде далеку.

Живеев за денот кога и јас ќе ѝ бидам момче, само чекав да дојде вистинскиот момент. Направив цела стратегија.

Anya-Gallaccio-installation1

Еден ден собрав храброст и појдов да ѝ кажам. Соња, јас многу те сакам, те сакам најмногу на свет, вежбав во себе одејќи натаму. Веднаш штом се приближив до дворот, покрај мене помина болничка кола. Ја однесоа Соња во болница. Татко ѝ се обидел да ја убие. Ѝ ја видел змијата или којзнае што?!
Се врати по две недели. Не беше ништо страшно, рекоа дека загубила некое бебе, јас не знаев ни кога го нашла… Потоа и во нејзината куќа завладеа долгото молчење.

Дојде тој ден, Соња се појави пред моите очи. Сама дојде пред врата.

„Дојди Соња, дојди“, си велев, „па, ти мојата најсакана на цел свет“.

Таа ми рече, да сме оделе на опера вечер, сакала малку да излезе од дома.

Секако, секако… Носи ме на опера, на кино, во лудница, да ме згази некаде воз, цел авион нека падне врз мене, носи ме каде сакаш, само да бидам до тебе, си мислев.

Реков: „Важи. Многу сакам опера“.

Го зедов велосипедот од татко ми, сакав и јас Соња да ја возам до град. На пола пат помина еден автомобил. Соња ме запре и се качи во него. Ми ја зедоа. Со друг отиде на опера. Се вратив дома набрзина. Го зедов југото на татко ми. Не знаев баш многу да го возам, ама се снаоѓав некако и стигнав до операта. Купив карта и влегов внатре. Имаше многу луѓе, ама не можев да ја пронајдам неа. Еден на сцената многу викаше. Ми даде идеја, па се качив и јас до него и викнав:

„Соњаааааа… Те сакам! Те сакам најмногу на свет! Сакаш ли и јас да ти бидам момче?“

Луѓето почнаа да ми аплаудираат. Соња не ми одговори. Се симнав сам и излегов. Ќе ја чекам пред влез. Сите излегоа, некои ми честитаа за нешто, некои ми се смееја, некои, пак, не ме ни забележаа, ама Соња не излезе. Ми се сокри. Можеби ја засрамив. Не требаше така да викам. Појдов кај југото. Си заминав дома.

Таа таму ме чекаше. Пред влезот. Сакав да ја гушнам, да ја замолам да ми прости што ја засрамив во операта, а таа ме прекина:

– Немој да си гукнал дека не сме биле на опера.

– Добро, – реков – ама зошто ме покани ако не сакаше да одиш со мене на опера?

– Не сакав да одам со тебе никаде. Глуп си, како да ти кажам.

– Јас многу те сакам, никој не те сака колку мене.

– Глуп си затоа. Ти за љубов само знаеш да зборуваш. Ниту ја гледаш, ниту ја разбираш.

– Не сум глуп, – реков – ако не сум твое момче не значи дека сум глуп. Само многу те сакам.

– Глупак – рече таа и си отиде дома. А и мене не ми се зборуваше повеќе.

Потоа ми доаѓаше секој ден. На мајка ми ѝ кажала дека ми била девојка. Мајка ми ме искара, ми рече да се држам подалеку од неа. Не знаев зошто се предомислила. Јас многу сакав да ѝ бидам момче, иако не можев да поверувам дека после операта ќе се случи нешто меѓу нас. Сепак се израдував. Почнавме да излегуваме. Таа, како вистинска дама, секогаш доцнеше. Ми велеше дека дамите мораат да доцнат најмалку половина час. Така пишувало во компјутерот. Затоа немав збор. Соња дефинитивно ми го докажа дека е тоа, вистинска дама, секогаш доцнеше најмалку по половина час. Понекогаш и цел час, а понекогаш дури не доаѓаше воопшто, а јас морав да ја чекам.

Тешко е да се биде вистински маж, сфатив.

Anya-Gallaccio-installation6

Другарите ме зафркаваа, вела дека само Соња сум ја сакал, а имало и други девојки. Им велев, една е само, а тие, ако таа е една, зошто и јас не сум еден. Тие сите ѝ биле момчиња на Соња. Така требало да биде. Па добро, реков, ако е така и јас ќе им бидам момче на вашите девојки. Се согласија. Ме однесоа кај нивните девојки. Внимавај ми рекоа, една по една.

Девојките ми се насобраа и ме качија горе во соба. Ме прашаа за Соња. Им кажав, а тие беа многу радосни. Цело време се смееја. На една дури ѝ се насолзија очите од радост. Потоа ги стави нејзините раце околу мојот грб и ме стегна цврсто. Ѝ реков, Соња никогаш не ме гушнала. Потоа и јас ја гушнав. Си замислував дека е Соња, а почувствував дека и таа многу сака да биде Соња. Останатите некако како да прекинаа да се радуваат. Кога девојчето престана да ме гушка, една друга зеде и си ја соблече маицата. Не знаев дали и Соња има такви топки под својата маица, ама овие беа убави. Не можев да им се изнагледам. Потоа сите се соблекоа.

„Фати ги“, ми рече една од нив. Јас не можев да мрдам. Не можев да зборувам. Не можев да седам. Ништо не можев.

„Моите фати ги“ – ми велеше една друга. Сите посакаа да им ги фатам цицките.

– Јас ќе си одам – реков. Си заминав. Тие ми велеа да останам, ама девојчето што плачеше им се развика:

– Доста го задевате, па за што ви е тој виновен. Оставете го нека си оди!

Кога се вратив дома, Соња ме чекаше во мојата соба. Рече дека сака да оди на опера. Ѝ реков дека не можам. Ама ако сака, може да гледаме некој филм.

-Порасни веќе еднаш, голем маж си, ми рече, не е исто опера и филм, ми се развика и си замина. Рече дека сама ќе оди. Не, ми беше јасно, што сакаше да ми каже. Во главата како да имав пчели. Сè ми зуеше.

Наредниот ден Соња ја немаше во нашата улица. Никој не знаеше да ми каже каде е. Соња не се врати ниту другиот ден, ниту потоа. Јас не разбрав зошто. Никогаш не се врати. Нејзините ми рекоа дека тие немале никогаш таква ќерка, таа никогаш не ни постоела, како божем јас да сум ја измислил. Е ајде де?! И тие не ми поверуваа дека јас само многу ја сакам и затоа ја барам.

Сè уште ја чекам секој ден заедно со девојчето што ме гушна. Тоа постојано е до мене. Сега и тоа ми ги покажа своите топки, никогаш не доцни и секогаш доаѓа. Јас многу сакам таа да биде Соња, а таа не ми се лути. Всушност, мислам дека и таа ја сака. Имаме две дечиња. Едното е женско и се вика Соња, а другото е машко и се вика како мене. Кога ќе се врати Соња, ќе ѝ ги покажам, чисто да знае дека никогаш не престанав да ја сакам. Всушност, не знам, можеби и не ја сакам повеќе, ама што да правам.

 

Анета Василева (1982,  Кочани). Членувала во поетските клубови „Копнеж“ – Кочани, „Мугри“ – Скопје и во драмскиот аматерски театар „Чекори“. Дел од нејзиното творештво видел бел ден во алманасите на претходно споменатите клубови; прозните списанија „Лоза“ и „Маргина“, дневните весници „Вечер“ и „Дневник“ и во електронското издание на конкурсот на Електролит. Дипломирала на Филолошкиот факултет (Македонска книжевност и јужнословенски книжевности). Добитник е на наградата „Студентски збор“, за најдобар краток расказ на конкурсот објавен во 2003 година, на наградата „Караманов“ во 2004 г. за најдобра необјавена поетска збирка (која сè уште е најдобра и необјавена) и наградата „Живко Чинго“ 2007 г. за најдобра необјавена збирка раскази. Досега ја објавила збирката раскази „Сите авиони летаат над моето село“.

Инсталација: Ања Галачиос, 10.000 мртви рози

Leave a Reply

Your email address will not be published.