Центурија – сто роман реки

centuria2

Педесет и девет

Еден господин без фантазија и љубител на добрата храна за прв пат се сретна себеси на една автобуска станица. Веднаш се препозна и почувствува само благо чудење; знаеше дека, иако се ретки, вакви случки се возможни, па и не толку невообичаени. Сметаше дека е соодветно да не покаже дека се препознал, бидејќи никогаш се немаа запознаено. Вториот пат го сретна одејќи по една преполна улица, а третиот пат пред една продавница за машка облека. Овојпат кратко си кимнаа со главите, но не прозбореа еден со друг. Секојпат тој внимателно се набљудуваше; увиде дека самиот тој е достоинствен, елегантен, но натежнат од тага или барем замисленост, која не успеваше да ја сфати. Дури при петтата средба се поздравија со тивка „добра вечер“ и тој дури и се насмевна и забележа, или така му се причини, дека другиот не му одговори на насмевката. Седмиот пат, излегувајќи од театар, случајот сакаше толпата да ги истурка еден кон друг. Самиот тој културно го поздрави и даде неколку коментари за комедијата на која присуствуваа, кои му изгледаа разумни; зборуваше за глумците и самиот се согласи со некои од забелешките. Со почетокот на секоја зима, средбите стануваа чести: беше јасно дека тој и тој самиот живееја во населби што не беа оддалечени; тоа дека имаат слични навики не беше толку зачудувачко. Но тој беше сè поуверен дека самиот тој е претерано меланхоличен. Една вечер се осмели да му се обрати, почнувајќи со „пријателе мој“; разговорот, пријатен и љубезен, го наведе да го праша дали можеби има некоја мака за која тој не знае, иако му изгледаше дека тоа би било надвор од нормата. Самиот тој, по кратка пауза, му призна дека е безнадежно вљубен во жена, која во секој случај не беше достојна за неговата љубов; поради што, без разлика дали ќе ја освои или не, беше осуден на една мачна, неподнослива ситуација. Тој беше потресен од откритието, бидејќи не беше вљубен во ниедна жена; и затрепери при помислата дека можеби дошло до расцеп толку голем, толку длабок, што е дефинитивно ненадминлив. Се обиде да се разубеди себе самиот, но тој му одговори дека не е до него ниту дали ќе сака, ниту дали нема да сака. Од тој ден, тој западна во мрачна меланхолија. Минува голем дел од своето време со себе самиот и оној што ќе ги сретне гледа двајца угледни господа што тивко разговараат и еден кој, со главата затскриена во сенка, де се согласува, де одрекува.

Дали може да си претставите книга составена од 100 романи, а секој „роман“ да биде долг само две страници? Тоа го постигнал Манганели со овие лежерни, комични, шармантни, луцидни приказни кои нè пренесуваат во светот на стотици фасцинантни ликови. Книгата е еден од најоригиналните експерименти во литературата, забавна и провокативна, елегантна и сугестивна. „Центурија“ ја има добиено и високата италијанска награда Вијареџо.

Џорџо Манганели (1922-1990) бил новинар, преведувач, книжевен критичар, писател и еден од двигателите на италијанското авангардно движење „Група 63“. Неговото творештво е одбележано со парадокси и дигресии, каде светот на имагинацијата опстојува паралелно со реалниот свет.

Во партнерство со Купикнига тука можете да си го набавите романот „Центурија“ од којшто е преземено ова поглавје www.kupikniga.mk

Превод од италијански: Јулија Петровска

Leave a Reply

Your email address will not be published.