Уште една приказна што чека да биде раскажана

Како што веќе ни е познато, во Старата скопска чаршија занаетите полека-полека се истребуваат. Тие се заменети со трговијата. По прошетката низ Чаршијата, сфаќате дека она што сте го виделе во излозите на дуќаните не го изработиле рацете на човекот штови ги нуди производите. Се растажувате при помислата дека некогаш не било така и го продолжувате патот, кога, одеднаш, се сепнувате со идејата дека може нешто да се направи околу тоа.

Идејата не престанува да ви кружи низ главата, ги затворате очите и ја гледате некогашната чаршија во својот неповторлив сјај. Луѓе на сите страни. Дамите, со шапки што ги штитат од мајското сонце, се кикотат додека ставаат некој филигран на себе. Од другата страна се слуша како едно семејство задоволно го поздравува мајсторот како благодарностза убавите и издржливи јоргани. Деца, со послужавник полн со чај и со лимонада, трчаат да стигнат побргу до свеќарот или до крзнарот… да однесат некој напиток за освежување. Еве го крзнарот како бара „репете“, момчето трча по лимонада.  Се свртувате налево и гледате насмеани лица; сетилата за слух ви се исполнети со смеата на занаетчии што собрани пред нечиј дуќан пијат чај, со звукот од машината на шапкарот, со жуборот на вода од кај крзнарот, со удирањето по метал…

Ги отворате очите и се враќате во суровата реалност. Помислувате: „добро, живееме во ера на транзиција, кому му се потребни грнчиња, мамузи и слично?!“ Си ја оправдувате совеста оти знаете дека делумно и вие самите сте виновни за состојбата на занаетите кај нас. Колку и да се оправдувате, на крајот кристално јасно ви е дека еден човек не е целосен без културата. Може, ако се посака, да се негира сè – целото минато, целата култура – и да се потврди тезата на Декарт: „Јас дури не сакам ни да помислам дека луѓето постоеле пред мене“. Меѓутоа, дали тоа ќе биде оригинално? Ќе дојде мигот кога ќе започнете да се повторувате оти ви снемало идеја за ново. Културата е од човекот; тогаш, зошто едно суштество би го негирало тоа што го градело со години?

[pullquote align=”left”]Занаетите нè потсетуваат на културата и на тоа колку ни е потребна таа[/pullquote] Занаетите нè потсетуваат на културата и на тоа колку ни е потребна таа. Затоа, културното списание „Репер“ реши да им оддаде мала почит на сите занаетчии што некако преживуваат во Чаршијата, со тоа што ќе ја прераскаже нивната приказна како една мала благодарност за нивната издржливост. Па така, една од тие приказни му ја посветуваме и на шапкарот Илија Трајковски, чијшто дуќан се наоѓа во Старата скопска чаршија, пред „Безистен“, над улицата на јорганџиите. Дуќанот е отворен во 1953 година, а занаетот во нивното семејство оживува уште во 1935 година.

Шапкарскиот занает на Илија му е оставен од таткото како семејно богатство. Татко му го изучувал занаетот во Скопје, исто како и самиот Илија. „Сите занаети се со поколенија“, кажува мајстор Илија. Тој се интересирал за овој занает уште како дете – на седумгодишна возраст веќе започнал сериозно да го изучува, па го работи сè до ден-денес. „Овој занает го работам само поради љубов, поради ништо друго“, ни раскажуваше мајсторот.

Процесот на изучување на еден занает е долг и трнлив пат, по кој се чекори со боси нозе. „Треба огромна љубов, желба, трпение, знаење и сила за да се стане мајстор на занаетот“, велат занаетчиите. Сè започнува од желбата – за жал или за среќа, таа е изворот. Сè додека таа живее, вие поседувате огромна моќ. „За да дојдеш до називот мајстор на занаетот, првин треба да си чирак, па калфа“, раскажува мајстор Илија. Меѓутоа, и тоа не е доволно: според шапкарот Илија, според крзнарот Борис, а не се сомневам и според сите други занаетчии, секој занаетчија има своја тајна техника на изработка, која„не ја дава“ така лесно. Затоа, кога ќе се наследи еден занает, се подразбира дека тоа е семејно богатство што не се состои од златници, но подоцна може да се претвори во нив. „Златниците се само еден дел од тоа наследено богатство. Тука се знаењето, креативноста, трпеливоста и многу други одлики што го градат карактерот на човекот“. Мајстор Илија поминувал долго време со својот татко, кој бил извонреден шапкар; тој му помагал кога требало да се донесе некое од помагалата за изработка, го прашувал зошто е поразличен процесот на изработка на шапка од оној кога се изработува качкет… и така се раѓа желбата за изучување на овој фин занает кај младичот Илија. Подоцна самиот се нафатил да изработи шапка – првата не била многу успешна, но од татка си добил охрабрување дека следната ќе биде многу подобра. Со надзорот и со трпението на татка си, Илија се изградил во врвен шапкар во Чаршијата, кој и денес сè уште го држи овој занает во живот. Тој е еден од малкумината што ќе речат: „Задоволен сум од тоа што го работам, со љубов започнав и со љубов ќе го завршам“.

Илија во овој занает пронашол еден нов свет што му нуди спокој и мир:

[pullquote align=”left”]Занаетот не се учи, занаетот се краде преку очите, а од очите преминува во паметот[/pullquote] „Кога не се чувствувам добро, седнувам и започнувам со изработка на шапки. Тоа ме смирува, меѓу другото“. Кога го прашавме кој е процесот на изработка на една шапка, како одговор добивме прашање: „Каков вид шапка?“ Експлицитно се реферира дека постојат повеќе видови шапки и дека секој вид подразбира различен процес на изработка и различно познавање. Без да штеди време, мајстор Илија ни расправаше како се изработува една шапка, еден качкет и сл. „Основна работа е конецот, кој ние го немаме и потребно е да го увезуваме, што всушност ни ја отежнува работата“, вели тој. Инструментите или помагалата при изработка на кој било вид шапка се истите: специјална машина за шиење, дрвен чекан, пегла… За изработка на една летна шапка, потребна е морска трева, која првин се шие на специјална машина, па потоа рачно се плете. Откога ќе се заврши со рачното плетење, потребно е шапката да се исуши. Кога ќе ја достигне посакуваната состојба, се удира со дрвен чекан со цел да се отстранат јазлите. На крајот, шапката се пегла со посебна пегла, која е потешка и малку поразлична од вообичаените. Додека, пак, за изработката на еден качкет се употребуваат истите инструменти или помагала (специјална машина за шиење, чекан, пегла), а разликите се во тоа што при изработката на еден качкет мора да се поседува калап за да се достигне посакуваната цел. Заедничкото кај сите видови шапки е тоа што сите поминуваат низ процесот на сушење на пареа. „Сè што се шие – сè се пегла“, напоменува мајстор Илија.

И, за крај, како совет, мајстор Илија изусти: „Занаетот не се учи, занаетот се краде преку очите, а од очите преминува во паметот“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.