Датуми

BrianRea_ML_46

Нема твое писмо?

Петто писмо.

Вторник, 22.1.2013 г.

Драг Војо,

Дури сега пристигна кај мене писмото со приказната што се случила во Трогир. Штотуку ја прочитав. Знаев дека се крие некоја тајна, но не знаев дека е олку длабока. Ти појде, виде, дури и разговараше со човекот. Жалам што името не му го дозна, но тоа и не е толку важно. Би сакал да напишам пиеса на оваа тема. Пред да почнам со пишувањето на пиесата, и јас ќе појдам во Трогир да го пронајдам овој човек, можеби ќе дознаам нешто повеќе (?). Во секој случај, ќе те известувам.

Како си? На која претстава работиш сега? Тука, во Нови Мароф, времето моментално е одвратно, врнежливо, со калишта по улиците, но се очекува да се појави сонцето деновиве, така барем соопштија метеоролозите на телевизија.

Ново е тоа што пред седум денови официјално со писмо ме повикаа од театарот да појдам на разговор. Веќе една година имало нов директор, кој бил „необичен“. Што точно значи „необичен“ веќе не сум сигурен, но не се ни заинтересирав да се распрашувам кој е и што е…

…Други работи ме окупираат во периодови сум фокусиран на нив. Болна е мојата сопруга, Ана; секој ден одиме во Вараждин на хемотерапија. Преокупиран сум со тоа и не сум заинтересиран да одам во театарот. Искрено се надевам дека набргу повторно ќе се роди интерес во менеи дека во овие денови, кои се тешки за мене, ќе изнајдам сила идека повторно ќе појдам во театарот. Не сум бил повеќе од 10 години.

Чекам твое писмо,

Антун

Вторник, 29.1.2013 г.

Не знам дали ти стигна писмотошто ти го пратив пред една седмица, но вечерва чувствувам потреба да ти се обратам.

Завчера почина мојата сопругаАна. Ракот метастазираше неверојатно бргу. Кога првпат ми соопштија дека има канцер, се плашев дека можеби ќе умре напролет, но тој ги изневери моите очекувања и ја зема Ана во зима. Толку бил силен што ја зема со себе кога нема бактерии околу нас.

Чувствувам неизмерна самотија. Вчера беше погребот. По него, посакав сите да заминат и да останам сам. Се прибрав и седев долго сам во својата работна соба. Така правев со години. Јас седев и работев во својата работна соба, а Ана, кога ќе беше готов ручекот, ме повикуваше од дневната да ручаме. И овојпат седев, чекав да ме повика, а знаев дека нема. Трагајќи низ книгите во библиотеката, „случајно“ наидов на текстот „Енигматични варијации“ од Е. Е. Шмит, кој ти го постави во Скопје. Таму Шмит, преку ликот на Ерик Ларсен, раскажува за метастазираната Жана Метернах и за тоа како тој бил покрај неа додека таа умирала. Единствената разлика помеѓу мојата Ана и Жана на Шмит е во тоа што Жана почина првиот ден од пролетта, сè друго беше речиси исто како во текстот. Таа се распаѓаше телесно, а јас бев целосно распаднат душевно. Уморен сум. Сега ќе одам да легнам и ќе го чекам твоето писмо.

Поздрав,

Антун

Понеделник, 04.2.2013 г.

Нема твое писмо?

Сонцето огреа над Нови Мароф. Се слуша гласот на децаташто трчаат покрај мојата зграда. Веќе неколку денови спијам на столот во работната соба. Пишувам, тагувам, плачам над листовите. Немам желба да јадам, немам желба да се движам, немам желба за ништо. Единственото нешто е тоа што пишувам и што верувам дека така ќе се испразнам најправилно. Вчера дојдоа од театарот кај мене на врата. Погледнав низ окцето, но не им отворив. Оставија писмо на чергичето. Кога замина театарскиот службеник, го зедов писмото и го прочитав простум во ходникот од својот дом.

Почитуван господине Гргурич,

Немаме зборови со кои би ја искажале својата тага за Вашата семејна загуба. Професорката Ана беше дел и од нас како институција, соработник во драматургијата, но секако и од нашето секојдневие. Примете го нашето длабоко сочувство.

Ве очекуваме во театарот најбргу што можете.

Срдечен поздрав од колегиумот на ХНК – Нови Мароф.

04.2.2013

Се облеков и веднаш појдов во театарот. Нечекав подолго од три минути пред кабинетот на новиот директор, необичниот. Влегов во кабинетот. Директорот – ново младо момче, високо, сокосата залижана на патец,со правилно распоредени црти на своето лице, чиниш некој го цртал. Ставот му е поженствен и од оној на најголемата жена меѓу жените,модерно е облечен, во кафеави ниски чевли со врвци на мала потпетица, црвени панталони, жолта кошула и во сино сако, со свилен црвен шал околу вратот. Говореше бавно и нежно. За првпат ми се згади убавината бидејќи мене ваквите не ми се допаѓаат, но немам јас ништо со него и со неговата определеност…Меѓудругото,разбрав дека детево е донесено од Чаковец пред една година за да го „поправел театарот“ во Нови Мароф. Ми стана јасно на што мислеа кога зборуваа за неговата необичност. Мојата средба со „убавецот“ траеше кратко, побара од мене да понудам текст и да почнам да работам на него најбргу што можам.

Кога излегов, разбрав дека сите вработени во театарот се собрани во фоајето и дека чекаат да поминам за да ме поздрават. Мене таквите собири ме прават да се чувствувам засрамено и, доколку можам да ги избегнам, со драго срце би ги избегнал. Вниманието од збир луѓе ми е непријатно. Не сакам да сум во центарот на вниманието, но овојпат немаше како да ги избегнам. Сите беа таму, во фоајето на театарот, собрани во еден голем круг. Пристигнав меѓу нив. Се поздравив поединечно со сите, еден по еден. Сите беа тажни за мојата загуба, но и за загубата за Нови Мароф, како што велеа некои од нив.

BrianRea_ML_62

 

Поразговаравме кратко и јас заминав дома. Влегов во работната соба и се заклучив како божем некој ќе ми влезе и ќе ми пречи во работата. Седев на столчето и гледав во ламбата што висеше над масата. Ја вклучував и ја исклучував без престан неколку минути. И, одеднаш, пукнав, се расплакав како мало дете. Врескаше распаднатава душа како да ја дерат. Престанав да плачам. Се вртев околу себе како божем ќе најдам некое решениешто веднаш мигновено ќе ме избави од оваа ситуација и сè ќе биде повторно како порано. Единственото решение за да се избавам од оваа дупка беше да почнам да работам. Станав и почнав да ровам низ библиотеката, тргнав во мисија на изнаоѓање текст што доволно ќе ме испровоцира за да почнам да работам. Станувам и започнувам како животно да трагам низ библиотеката. Фрлам текстови од неа, некои ги прередувам, некои ги кинам. На масата вадам преку триесет пиеси. Седнувам заморен. Низ главата ми поминува мисла.

Полудувам ли? Не, не полудувам, ова е веројатно нормално однесување во вакви моменти!? Да прашам некого? Ќе ми се смеат ако ги прашам.

Се смирувам. И така, смирен пред себе, за да си докажам дека е сè во ред, почнувам пополека да листам низ текстовите. И повторно удар во мислите.

Не знам дали оваа понуда од театарот е од сожалување или навистина сè уште веруваат во мојата креативност. Воопшто не ми е гајле дали тие веруваат во мојата креативност, јас знам колку сум креативен. Ќе работам на претстава. Да, ќе работам, и тоа ќе почнам уште сега да разработувам. Ќе направам мегаспектакл.

Меѓу книгите си ги најдов и цигарите од кои се откажав пред десетина години, Lucky Strike, и драматизацијата на текстот на Оскар Вајлд, „Сликата на Доријан Греј“, која сум ја драматизирал пред повеќе од дваесет години. Ова ми е еден од омилените текстови воопшто напишан во литературата; на хартиите на кои сум драматизирал со перо сум напишал „сметам дека целата психологија на светот се содржи во овие 150 страници“. Палам цигара. Ми се сврте светот. Седнувам и повлекувам од тутунот како да не сум видел тутун до сега. Одеднаш тој отров станува совршено вкусен. Излегувам од собата, наточувам вино и се враќам. Гледам дека на драматизацијата ѝ недостасуваат последните три глави од книгата. Започнувам да ја читам отпочеток за да се потсетам, а и за да го фатам ритамот на дејството. На првата страница стои запишано:

Оскар Вајлд,„ПОРТРЕТОТ НА ДОРИЈАН ГРЕЈ“ – Драматизација: Антун Гргурич.

Чекам твое писмо,

Антун

Четврток, 07.2.2013 г.

Како одминуваат деновите така Ана сè повеќе и повеќе ми недостасува. Се оптоварувам со работа за се дефокусирам од темата, да не мислам на неа, но во моментите во кои правам пауза од работата првотошто ми доаѓа напамет е Ана. Не сакам да мислам на тоа и веднаш си задавам нова задача. Сè до денес се плашев да одам на гробиштата за да не го гледам нејзиниот гроб. Не сакам да прифатам дека ја нема. Денес решив да појдам на гробиштата и да ја прифатам реалноста. Полека, како со тегови на нозете, одев кон гробот на Ана. Му пријдов од грб. Го погалив гробот по грбот. Ветерот раздува силно и птиците излетаа од гранките. Знаев дека Ана ме поздравува преку оваа симболика. Собрав сила и седнав на клупата. Седев долго и гледав во сликата на Ана, која се смееше од уво до уво,гледајќи дека сум ѝ дошол на гости. Почнав како споулавен да поставувам прашања. На кои немам одговор. Всушност имам, но ќе треба да ги сонувам, веројатно. Ѝ признав дека повторно почнав да пушам. Се срамам, но веројатно веќе немам грижи за ништо, па затоа почнав повторно да пушам. Ѝ раскажувам за „Доријан Греј“ со солзи во очите иѝ кажувам колку ми е тешко бидејќи ќе работам на тоа дело, кое двајцата уживавме да го препрочитуваме со часови, да разговараме за него, дури и да го разработуваме / драматизираме за театарско целовечерно дело. Ѝ се налутив бидејќи сега, кога дојде денот да работам на него, неа ја нема за да се радуваме двајцата на овој процес. Седев два часа таму и ѝ ветив дека ќе се враќам да ѝ соопштувам како напредувам со процесот. На заминување, седнав на клупата во централниот парк на Нови Мароф, онаму каде што седевме заедно со Ана пред заспивање во пролетните и во летните топли вечери. Знаев дека духовно е присутна до мене. Ана беше професорка по книжевност. Мошне начитана. И тука започнав разговор со неа. Некои случајни минувачи веројатно помислуваа дека полудувам. Не разбираат, тие нивни такви мисли мене ме загрижуваат за нивната духовна сиромаштија. Не значи дека човек, ако зборува на глас самиот со себе,тогаш тој е полуден; едноставно, зборува на глас самиот со себе, но во овој случај јас зборував со Ана, која ја чувствував до себе. Станав од клупата и спокоен дојдов дома. На влегување, го отворив сандачето. Нема твое писмо? Влегов дома во работната соба. Запалив цигара. Го вклучив радиото за првпат по смртта на Ана. На радиото имаше реклама за Градската библиотека во Загреб и за новитетите во неа. Утре заминувам за Загреб да појдам во Градската библиотеказа да најдам рецензии, критики, експликации и некои евентуални драматизации за „Доријан Греј“. Сакам речиси сè да прочитам пред да започнам да работам продукциски во театар на ова дело.

Ах, колку ми недостасува Ана.

BrianRea_ML_34

Среда, 20.2.2013 г.

Вчера се вратив од Загреб. Бев во Градската библиотека и најдов претерано многу нови материјали. Од времето кога јас работев на текстот до денес има навистина многу нови податоци и за авторот и за делото. Пред да тргнам назад за Мароф, седнав во ресторанот на хотелот „Дубровник“. Порачав кафе и минерална вода. Седев сам и ги набљудував луѓето што излегуваа од трамваите и што се движеа бргу низ градот. Тројца млади момчиња седнаа на масата спроти мене. Беа прилично расположени. Започнаа да разговараат, но јас бев фокусиран на луѓето што ги гледав низ прозорецот.И, одеднаш, од никаде, во разговорот на трите момчиња го слушнав своето име. Порачав уште еден чај за да чујам што ќе зборуваат. Се фокусирав на нивниот разговор.

Првиот:

Антун Гргурич ќе работел нова претстава во Нови Мароф. Сè уште не се знае кој текст, во очекување се деновиве да го достави. Сте чуле?

Вториот:

Јас – да. Искрено да ти кажам, се радувам што ќе гледам негова претстава по десет години.

Првиот:

Искрено, не знам што им требало да му се јавуваат и да го викаат да работи, има толку нови млади режисери што се гладни за работа, тие нему му ѕвонат.

Вториот:

Јас сметам дека има што да научиме од неговите претстави. Лично мислам дека грешиш, но тоа си е твое мислење.

Првиот:

Еве, ајде, кажи ми што последно гледаше од него.

Третиот:

Починала жена му. Професорката по книжевност во Мароф, во Вараждин и во Чаковец. Мене ми предаваше. Многу добра професорка. И тој доаѓаше на некои од предавањата. Зборуваше за театарот.

Првиот:

Ајде, кажете ми што добро сте гледале последно од него.

Вториот:

Ние воопшто и не треба да зборуваме за тоа кој колку добро работи. Нели е во прашање естетиката?!Мислам дека грешиш за ова што го зборуваш. Мислам дека, ако некој заслужува да работи во театар во овие моменти, тоа е сигурно Антун Гргурич. Јас она што го имам видено во неговите претстави навистина изобилува со театар и со театарско познавање. Еве, и покрај тоа што не сметам дека треба да разговараме за тоа кој колку добро работи, бидејќи,ќе се повторам, во прашање е естетиката, последната претстава што ја гледав од него, „Дванаесеттатаноќ“ од Шекспир, ме остави без здив. Толку прецизни решенија, комуникација со актерите, сценографски пресеци. Сè беше многу добро и лично мислам дека и овојпат ќе одбере некое оригинално дело и дека ќе направи одлична претстава.

Третиот:

Јас последна му ја гледав „Наотвореноморе“ од Мрожек. Генијално одработено. А ти, пријателе, доколку имаш подобри решенија, појди кај „директорот“ на театарот и понуди му текст. Може и ќе му се допадне твојот текст.

Првиот:

Ме исмејуваш?

Третиот:

Не те исмејувам. Зошто мислиш така?

Првиот:

Бидејќи ми го споменуваш директорот на театарот на Нови Мароф, знаеш, тој е…

Третиот:

Знам, знам…Не, немав воопшто таква намера, јас не мислам за тебе дека си… знаеш веќе. Само ти предложив да доставиш текст за да се обидеш да аплицираш да работиш таму. Јас, во принцип, не сакам да слушам како некој говори неубави работи за некого, а притоа не гледал ништо негово. Единственото што тебе ти пречи во моментов се годините на Антун. Не се однесувај како тој да ти го земал лебот; на крајот на краиштата, на претставата се работи во Нови Мароф, место за кое половина Хрватска не ни слушнала… но ти ни таму не можеш да работиш, а плукаш по некој што е икона во хрватскиот театарски живот воопшто. Тоа не е во ред.

Првиот:

Во ред, во ред, се повлекувам. Ќе појдеме на премиерата и ќе видиме што има да ни понуди толку Антун Гргурич. Ајде, да ја смениме темата.

Побарав сметка. Платив. Станав и пријдов до нивната маса. Стоевме така закочени сите четириесетина секунди. Побарав запалка за цигарата. Запалив и заминав. На заминување, едниот од двајцаташто ме познаваа слушнав како изговори: „Ова беше Антун Гргурич. Го слушнал целиот разговор. Срамота…“ Тоа го говореше најверојатно оној кај кој сум бил на предавањата на кои ме имаше покането Ана. За жал, не се сеќавам на тоа дете, а и разговорот што им го слушав беше само разговор, лицата не им ги видов дури ни кога им побарав запалка. На заминување, поминав покрај ресторанот и преку прозорецот им намигнав на тројцата. Беа насмеани до уши. Ми беше драго што и оној што зборуваше за мене негативно, беше насмеан. По два дена, појдов во театарот во Нови Мароф и официјално го доставив текстот „Портретот на Доријан Греј“. На 1 април, официјално започнува со проби, а дотогаш ќе треба да се подготвам целосно за процесот. Ќе те известувам. Сакав да ти предложам, доколку си слободен, да дојдеш во Нови Мароф и да бидеш дел од овој мој, веројатно последен проект во ХНК – Нови Мароф.

Недела, 24.2.2013 г.

Сè уште нема твое писмо? Пристигнуваат ли воопшто моите писма до тебе? Да не праќам писма на погрешна адреса?

Среда, 27.2.2013 г.

Утрово бев во градската пошта. Писмата пристигнуваат на вистинската адреса кај тебе, денес проверив. Сè ли е во ред?

Чекам твое писмо,

Антун

Илустрации: Брајан Реа

Leave a Reply

Your email address will not be published.