Блескавиот пламен на зборовите што не догоруваат

Рецензија на преводот на романот „Свеќите горат до крајот“ од унгарскиот писател Шандор Мараи.
Marai2
Шандор Мараи

 

(Шандор Мараи: Свеќите горат до крајот. Превод од унгарски: Анамарија Цинеге-Панзова и Златко Панзов. Скопје: Три, 2012)

Македонските љубители на добрата литература лани го добија во превод на македонски јазик делото Свеќите горат до крајот од унгарскиот автор со светско реноме Шандор Мараи, а тоа беше настан што неспорно си заслужи особено внимание. Шандор Мараи бил роден на 11 април во Кошице (денешна Република Словачка) во 1900 година, па со оглед на фактот дека Кошице беше прогласен за европски град на културата за 2013 година, се наметна потребата за достојно одбележување на делото на Мараи и кај нас, па по тој повод беше организирана и промоција на оваа книга од страна на Амбасадите на Република Словачка и на Република Унгарија во Македонија. Промоцијата се одржа во прекрасна атмосфера на 24 април во словачката амбасада во Македонија, која по некоја убава случајност се наоѓа на улицата Будимпештанска во Скопје. Оваа беседа за романот, пак, беше таму изречена на македонски јазик со што се потврди благородното културно зближување на сите овие народи и јазици токму преку космополитскиот дух на делото на Мараи.

Впрочем, за помалку упатените, паралелата што обично се повлекува во пошироки европски културни рамки за Франц Кафка и Прага, се чини дека важи во подеднаква мерка и за Шандор Мараи и Кошице. Авторот Шандор се школувал од мал во Кошице, Прешов и во Будимпешта. Јазиците му оделе, добро знаел латински, а редовно и активно се служел и со германскиот, освен, се разбира, со мајчиниот унгарски. Животните околности го одвеле, на подолг или на пократок период, во Швајцарија, Италија, во Париз, во Берлин каде што се запознава и со познатиот писател Томас Ман и со филозофот Теодор Адорно. Потоа го негува пријателството со нив и во Будимпешта. Во Берлин го открива и творештвото на Франц Кафка и станува негов прв преведувач на унгарски јазик. Во Будимпешта, пак, се спријателува со уште еден унгарски книжевен бард – Д. Костољани со кого ги посетуваат познатите култни крчми и се согласуваат, меѓу другото, и со ставот дека добриот уметник не треба да се меша во политиката, т.е. дека политиката може само да ги расипе писателите. За Мараи целта не била смислата на животот, туку патувањето. Преку патувањата тој се обидувал на некој начин да го балансира и неговото незадоволство од режимот (и од фашистичкиот и од комунистичкиот) во неговата родна земја и за него истакнувал дека не дозволува слободно ни да се молчи, а камоли да се пишува.

Неговиот роман Свеќите горат до крајот во својата оригинална унгарска верзија е настанат во 1942 година, во самиот ек односно во виорот на Втората светска војна. Мараи набрзо по војната се одлучува да ја напушти својата татковина за да заврши, на крајот, во егзил во Соединетите Американски Држави и да остане таму сè до 1989 година, до промената на режимот во државите на Средна и на Источна Европа, а таму извршува и самоубиство и не дочекува да ја види слободна својата Унгарија. Неговата пепел е посипана во Тихиот океан. Дури потоа, во деведесеттите години, неговите романи и драмски текстови се откриваат пред светската јавност, доживуваат бројни преводи на многу европски и светски јазици, а поголемиот број од романите стануваат и задолжителна лектира во повеќе западни држави. За неговиот животен пат се снимени и неколку документарни филмови.

[pullquote align=”left”]Романот Свеќите горат до крајот е една брилијантна проза, поделена во 20 поглавја[/pullquote]Романот Свеќите горат до крајот е една брилијантна проза, поделена во 20 поглавја. Дејството во неа, согледано на површинското ниво од текстуалната мрежа на нарацијата, се случува претежно во еден дворец во подножјето на Карпатите во периодот на последните издишки на деветнаесеттиот век во Австро-Унгарската монархија. Меѓутоа, романот е навистина многу слоевит и можат неговите пораки да се растајнуваат и детално преку повеќе теоретски анализи и можат за него да се водат долги издржани дебати. Во оваа прилика ние ќе се обидеме да фрлиме зрак светлина единствено врз неколку клучни мотивски јадра, кои го поттикнуваат читателот да го земе в рака овој роман и да го прочита во еден замав. Станува збор за роман во кој се вкрстуваат животните патишта на двајца пријатели – генералот Хенрик и неостварениот офицер Конрад. Првиот потекнува од високо благородничко семејство (татко – унгарски гардист и мајка – француска грофица), а вториот израснува во поскудни услови; неговата мајка е Полјачка, и тој има повеќе афинитет кон музиката (дури и се споменува дека мајка му била некоја роднина на Шопен). Пријателството ги зближува, така што Конрад станува редовен гостин во дворецот на генералот и проникнува и во сите тајни што се случуваат таму. Генералот расне во раскош, патува често во Париз, пријателот му е малку љубоморен поради тоа, но потоа и двајцата израснуваат и го вкусуваат младешкиот живот со лакејски униформи на офицерската школа во Виена: Така живееја во блескавата светлина на својата младост, во истата улога што беше и струка, а истовремено му даваше на животот сериозна напрегнатост и внатрешна цврстина. Престојот во Виена им е особено возбудлив и исполнет со пријатни доживувања, бидејќи Виена е за нив како звучна виљушка во светот. Виена не беше само град, туку и некој звук што го слуша човек во својата душа засекогаш или не. Овие двајца, би рекле, главни протагонисти во романот одат заедно и на лов, генералот подоцна и ќе се ожени, па така нивното дружење ќе трае цели 22 години, кога одеднаш Хенрик ќе разбере дека Конрад сака да го убие на ловот во околната шума, како и тоа дека тајно се сретнувал со неговата сопруга Кристина, по што без најава ќе исчезне за да се врати повторно по 41 година, кога двајцата старци, во залезот на животот, ќе се сретнат на истото место, во дворецот на генералот, во топосот на нивното проживеано детство за да ги разрешат отворените прашања. Нивната средба, нивната конечна пресметка, зборува сликовито за многу нешта, кои призмата на раскажувачот умее мошне луцидно и симболично да ги долови. Се разглобуваат тука вечните теми за љубовта, верноста, копнежот, љубомората, пријателството, доблеста, предавството, вистинската благодарност, очајничката осаменост, страста и смртта, значењето на зборовите итн. Сето тоа се прави на фонот на еден извонреден филозофски задлабочен дискурс кој буквално плени и кој не може да ги остави читателите никако рамнодушни. Во овој роман како на лепеза се предава целото духовно милје на денешна Средна и Западна Европа, преплетеноста на многу места и мигови кои го прават мозаикот целосен. Така, се врти во романот раскажувачката бленда од дворецот и накај Фиренца, Париз, Рим, Виена, Прага, Багдад, Галиција, Полска, потоа се споменуваат и Украинци, Германци, Евреи, Руси итн. Светот е, на крајот на краиштата, еден и единствен, исто како и човечките возвишенија и падови секаде и секогаш. Посебно интригирачки во романот, меѓутоа, е и ликот на дворската дадилка Нини, која фактички целиот свој век (има веќе 91 година) ќе го проживее во дворецот, но согласно нејзиниот статус (Немаше ни ранг ни титула во куќата. Само чувствуваа дека има сила. Ама никој не зборуваше за тоа. Силата на Нини така се ширеше низ куќата, низ луѓето, низ ѕидовите, низ предметите, како некоја таинствена струја која во куклен театар ги движи ликовите на витезот Јанош и Смртта. Понекогаш чувствуваа дека и куќата и работите би се урнале ако не ги одржуваше заедно силата на Нини, како што многу стари материјали едноставно се уништуваат, се распаѓаат, ако некој ненадејно ги допре)¹ , таа мора да остане достоинствен „нем сведок“ на случувањата.

Márai-socha1
Скулптура на Шандор Мараи во Кошице

Двајцата мажи во таа последна ноќ, преку обвинувања и изговори, преку зборови и молк, седејќи во салонот кој по смртта на грофицата веќе никој не го посетил, сега во отсуство на веќе починатата Кристина, жената на генералот, ќе се соочуваат очи в очи пиејќи вино (кога и здивот ќе им удира по лицата) со настанот што ги сменил нивните животи (Хенрик оттогаш нема да прозбори со Кристина цели осум години и ќе живее одвоено од неа сè до нејзината смрт, а Конрад, пак, ќе се откаже од професијата и ќе оди во Лондон, а потоа и во степските и тропските предели на Азија). Свеќите што догоруваат, а мораат да догорат до крајот, се синоним за нивните животи кои набрзо исто така треба да згаснат: Светлината на свеќите почнува да ослабува, во градината, меѓу високите дрвја се наѕира зората. Просторот околу нив се замрачува. Во тој контекст треба недвосмислено да се подвлече мотивот на страста и на зборовите што претставува и своевиден стожерен лајтмотив на целиот роман. Јазичните пораки на Мараи, од тој аспект, се исклучително впечатливи и мајсторски креирани. Нараторот понира и во лавиринтите на самиот дух и јазик, па така во една прилика, меѓу другото, и дава до знаење дека зборовите убиство и бакнеж во унгарскиот јазик се римуваат. Двата наменски избрани семантизми убиство и бакнеж се полизначенски и затоа се разглобени на повеќе нивоа во текстот, како на пример, при описите на страста да се убие пријателот / пријателството: Зар страста е толку длабока, толку свирепа, толку величествена, толку нечовечна? Можеби и не е упатена на битието туку само на копнежот?… Ти уби нешто во мене, ми го упропасти животот, а јас сè уште сум ти пријател. Пријателството не е некое возвишено расположение. Пријателството е строг човечки закон. Законот на пријателството живеел во човечките срца, над жестокоста и себичноста; или преку претставувањето на сцената со последниот бакнеж на дадилката, на самиот крајот од романот: Се бакнуваат. Тој бакнеж е чуден, краток и необичен: да го видеше некој, веројатно ќе се насмееше. Ама, како и секој човечки бакнеж, на својот искривен и нежен начин, и овој е одговор на едно прашање што не може да се изговори со зборови². Затоа, зборовите во овој роман се и симбол на таинственоста на битието. Субјектот го осветлува животот позади себе и околу себе, бидејќи тој, во суштина, ја скрива длабоката тајна во зборовниот “крик“ внатре во себе… Затоа, јазикот е за Мараи единствениот материјал со кој може да гради во празнотијата, а со тоа и да се премислува за егзистенцијалната скепса која ги поклопува неговите протагонисти.

[pullquote align=”left”]Зборовите и молкот се двете догорчиња кои кај Мараи единствени не догоруваат, затоа што имаат подеднакво силен и ефективен семантички полнеж и цврстина[/pullquote] Зборовите и молкот се двете догорчиња кои кај Мараи единствени не догоруваат, затоа што имаат подеднакво силен и ефективен семантички полнеж и цврстина. Тие мораат да останат последни независно од сè, независно дури и од верноста и од пријателството кои сме ги одредиле како животни императиви: Понекогаш помислувам дека пријателството е најсилната врска во животот… можеби поради тоа е толку ретка. А што има на дното. Симпатија? Празен, благ збор или уште поексплицитно: „Беше страшливец“ – тоа беше сè што кажа, тоа се последните зборови што ги слушам од неа и тоа е последниот суд што го кажува со зборови за тебе. Јас останувам сам со зборовите. Во тесна релација со нив се вовлекува и мотивот на смртта кој кај Мараи ја трасира животната патека на староста. Тој мотив напати се восприема и како синоним на самиот живот и како негова зрела парафраза. Смртта е, се разбира, симбол на она што поминува, на егзистенцијата, го разделува битието и небитието и ја искажува конечната временска ограниченост. Смртта, сепак, го потсетува субјектот да истрае во неговиот идентитет, секогаш присутен во самиот себе, во неговата потполност. Таквата „потполност“ најчесто се јавува и во телесна форма, во перспективата на свесната смртност со филозофски под-тон, кој одѕвонува како хајдегеровското – битие кон смртта. Како да се биде за да не нè опколи сопственото небитие, за однатре да не нè зафати смртта на индивидуалноста. Затоа и тука се испраќаат семантичките сигнали за вртењето по патиштата на животот, за изгубените идеали, како и за природниот сомнеж за тоа дека животот можеби и не бил преживен согласно личните претстави. Очигледен е овде и симболичкиот синџир во кој смртта се сфаќа како дуализам меѓу раѓањето и исчезнувањето. На тој синџир, кај Мараи, се како алка насукани уште огнот, пламенот и пепелта. Со нивно посредство се зачувува свеста. Тука се согледува и феноменолошката контрадикција: некогаш огнот блеска и кога не гори. Огнот / свеќите горат долго од непознатите темни области кон човекот (субјектот) или обратно: на патот кон небитието, субјектот се сретнува со огнот. Огнот е, значи, некаде на половина пат меѓу човекот и небитието. Ако во огнот се согледува небитието, тогаш тој нема само животворна функција и енергија, туку има и уништувачка моќ: ја краде смислата и сè додека не собере сè, тој останува прикриен да гори до крајот покажувајќи директно со прст на „судбината“ на протагонистите. Големината на пламенот ја претставува средбата на внатрешниот свет на субјектот со стварноста. Ама, огнот го нуди и својот негативен аспект: со димот задушува и замрачува. Огнот кај Мараи ја потенцира и напнатоста меѓу почетокот и завршетокот, меѓу раѓањето и смртта, тој го симболизира и духовното прочистување. Човекот е во него и тој е во човекот. Не може да се излезе од тој круг. Огнот кај Мараи се прима како некој длабок спомен во кој лежи меморијата на творечкото, на темното, на тајната на самата егзистенција.

844px-Márai-dom
Куќата во Кошице во која живеел Мараи

Завршните поглавја на романот Свеќите горат до крајот претставуваат еден отворен „внатрешен монолог“, еден „тек на свеста на ликот на генералот“, тука се предава ексклузивноста на внатрешниот глас на ликот односно спојката меѓу внатрешниот и надворешниот глас на субјектот (изговореното и одмолченото – метафорички кажано, гласот на неговиот молк), кој трае сè додека свеќите не изгорат. Дури и дневникот на Кристина се сторува пепел, така што прашањата остануваат да лебдат докажувајќи дека кралството на смртта е семоќно и севременско, а човекот притоа останува да биде осамен во обидите за промена на таквиот поредок. Состојбата на таквиот осамен човек, во принцип согледан и преку творечкиот профил на Мараи, силно се одразува и во општи рамки, т.е. и во филозофското мислење на нашиот век и станува бележитост на егзистенцијата: – осамата сè повеќе се разбира како азил, од една страна, но и како егзил, од друга. Во неа двете состојби на човекот доаѓаат до израз, преплетувајќи се и спротивставувајќи се едната кон другата – состојбата на осамата како прогонство или како спас. Во секој случај тоа чувствување на осаменоста има, како тензија, негативен предзнак во хиерархијата на вредностите од гледна точка на човековото добро. Но, во осамата се јавува самата природа на човековата егзистенција, така што тешко може, ако ништо друго, таа да се означи со еден предзнак, како несоодветна на човековото битие. Самотијата тука се потенцира и со една друга состојба, со празнотијата, пустелијата и смртноста на светот, светот кој и самиот, значи, дише со осама и со напуштеност.

Овој роман, најпосле, фасцинира со својата уметничка структурираност, со мајсторството на водењето на приказната и со невообичаено привлечниот јазик на авторот. Направен е полн погодок со тоа што овој роман на Шандор Мараи го добиваме, конечно, и на македонски јазик, бидејќи и македонските читатели го заслужуваат она што се нарекува вистинска страст и сласт од читањето. За тоа е, секако, најзаслужна преведувачката двојка Анамарија и Златко Панзови, кои во поглед на неприкосновениот квалитет на изборот и на преводот на автори од унгарски на македонски јазик речиси и немаат посериозна конкуренција во нашата културна средина во поново време.

_______________

ФУСНОТИ

1.  Споменувањето на унгарската стара куклена претстава Јанош и Смртта, која денес е позната како Витезот Ласло и Смртта претставува, всушност, еден урнек, една модел-пред-приказна, која небаре врз принципот на огледалото се проектира во романот односно претставува едно предвидување на она што ќе им се случува и на главните ликови, на макро-план, и во оваа понова раскажана приказна на Ш. Мараи.

2. На самиот почеток на романот, исто така, за односот на дадилката Нини кон генералот неслучајно се вели: „Нини беше првото живо суштество што го виде генералот кога се роди; Не беа брат и сестра, не беа љубовници. Постои и нешто друго, нејасно го знаеја тоа. Постои еден вид братство што е поголемо, поблиско од она меѓу близнаците во матката. Животот им ги измеша деновите и ноќите, знаеја сè за телото на другиот, за соништата“. Еднаш, при посетата на Хенрик во Франција, тој пак &  се доверува на дадилката: Јас ќе бидам поет. – Не, ти ќе бидеш војник. Како татко? – детето одмавнуваше со главата. И татко е поет, зар не знаеш? Постојано мисли на нешто друго. – Вистина – рече дадилката и воздивна“. Погледнувајќи низ ваквата призма, како своевидна добро предвидена и осмислена реминисценција на веќе преживеаното, може да се протолкува и завршниот долг монолог на генералот, како и последниот бакнеж на Нини.

Напишано од
More from РЕПЕР
Знаев дека ќе ми се бендиса, не знаев колку
За „Светот е жеден за збор“ од Тони Попов
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *