Редундантни појави во македонскиот јазик

Општопознато е дека во сè треба да постојат некакви граници и дека со ништо не треба да се претерува.

tumblr_lz0qwnXrmA1r3mnwbo1_1280

Општопознато е дека во сè треба да постојат некакви граници и дека со ништо не треба да се претерува. Меѓутоа, честопати несвесно или поради незнаење правиме двократно или повеќекратно предавање на иста информација со различни средства во еден ист текст. Оваа појава е позната како редунданција и е многу честа во нашиот јазик. За што, всушност, станува збор ќе илустрираме со неколку примери.

Меѓу почестите примери за редунданција треба да се спомене двојното изразување приближна бројност, на пример: околу десетина. Ваквата двојност во изразувањето приближна бројност е сосема непотребна, така што правилно е да се каже или околу десет или само десетина.

Глаголите со вградена негација, исто така, многу често се употребуваат погрешно, па доаѓа до редунданција. Така, на пример, можеме да слушнеме или да прочитаме: Ми забрани да не одам таму. Со самото тоа што забрани е глагол што во себе содржи некаква негација (може да се интерпретира како: нареди да не), во ваквите случаи се добива значење спротивно на она на кое укажува контекстот. Поради тоа, наведената реченица треба да гласи: Ми забрани да одам таму…, или пак: Ми нареди да не одам таму.

Во синтаксичка смисла, како редундантна се смета појавата на сепак во допусните реченици. Таков е примерот: Иако учеше многу, сепак не го положи испитот. Ваквата реченица е неприфатлива за нормата, па правилно може да се интерпретира на два начина – да се исфрли сепак и реченицата да си остане допусна (Иако учеше многу, не го положи испитот) или со употребата на сврзникот но да се добие спротивна реченица (Учеше многу, но не го положи испитот). Во согласност со наведеното, уште помалку прифатливи се примерите од типот: Иако учеше многу, но сепак не го положи испитот.

Кога станува збор за спротивните сврзници, треба да се напомене дека составите како, но, меѓутоа и но сепак, исто така, се редундантни. Така, наместо: Учеше многу, но меѓутоа не го положи испитот…, или: Учеше многу, но сепак не го положи испитот, правилно е да се каже: Учеше многу, но не го положи испитот.

Списокот со примери за редунданција во македонскиот јазик е отворен и може да се дополнува уште многу. Притоа, треба да се има предвид дека во некои случаи редунданцијата е сосема прифатлива, па дури и препорачлива (на пример, кај удвојувањето на директниот и на индиректниот објект), или, пак, внесува некаква експресивна обоеност (на пример, удвојувањето на информацијата за присвојност или двојното определување).

Електронската адреса mak.katce@gmail.com е отворена за сите ваши прашања и коментари.

Илустрација: Алисија Мартин

Напишано од
More from РЕПЕР
Тихување или чудо на животот
Белгиските уметници Jos de Gruyter и Harald Thys почнаа да се претставуваат...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *