Не можам да заборавам едно оро

Она што ми недостасува на кое било друго место е начинот на кој во Македонија тече времето. Побавно.

natalia-4

ДОМА

Зошто во Македонија сум како дома исто како таму од каде што доаѓам?

Во Македонија се чувствувам многу слободно. Тоа е причината зошто таму сум како дома, но, во исто време, тоа ја разликува Македонија од Полска. Луѓето се многу отворени, не се дистанцираат толку. Со секого може да се разговара за што било…

ШЕТАМ

Кое место е најубаво?

Во Македонија бев само трипати, не познавам многу градови. Најмногу време поминав во Охрид. Знам дека за Македонците градот во последните години стана можеби премногу туристички, но мислам дека ја задржа својата средновековна атмосфера. Не е голем, но постои како посебен свет. Многу се разликува од другиот дел од земјата. И… има пристап до езеро.

ХРАНА

Од храна секогаш нарачувам…?

Тулумба, боза и тулумба. Понекогаш и тулумба. Во Скопската чаршија уште и совршено крцкав лахмаџун со ајран.

УМЕТНОСТ

Уметничко дело што ќе го паметам барем едно дваесет години…?

Поминаа само три години, но не можам да заборавам едно оро. Тоа беше дел од Охридско лето. Она што го видов не изгледаше реално. Обично повеќе ми се допаѓаат сликите што не се движат. Кога Македонците играа, сликата не се задржа, ама времето – со сигурност.

natalia-42

АВАНТУРА

Највозбудливата случка во Македонија.

Тешко е да се избере само една. Македонија дава можности за многу екстремни доживувања. Се двоумам меѓу врвот на Галичица, од каде што се гледаат двете езера, Охридското и Преспанското, и посетата на Шутка.

ЛУЃЕ

Се дружам со…?

Обично се дружам со македонисти или со полонисти, или, пак, со најчудните луѓе што ќе ги сретнам. Не знам дали Македонија е полна со ексцентрични типови или само јас ги привлекувам…

СЕПАК

Што би сменила во Македонија?

Јас ништо не би сменила. Македонија самата себеси се менува. По некаков свој, помалку или повеќе природен начин. Како што не сакам да ги менувам луѓето што ми се драги, исто е и со местата.

САМО

Што е тоа што само тука го има и никаде на друго место?

Она што ми недостасува на кое било друго место е начинот на кој во Македонија тече времето. Побавно.

Дури побавно и отколку во другите балкански земји.

Тоа е само една од МНОГУТЕ нешта што ги има само во Македонија.

 Наталија Плахта е македонист од Полска

Тагови од објавата
, ,
Напишано од
More from РЕПЕР
Уметникот и лечењето со психоанализа
Дали креативната способност на психоанализираниот уметник квалитативно и квантитативно ќе се измени...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *