Безвременските совети за пишување на Валтер Бенјамин

Тринаесет совети за писателската техника од легендарниот германски книжевен критичар, филозоф и есеист.

darvish

„Пишувај со затворена врата, преработувај со отворена“, е еден од советите за пишување на Стивен Кинг. „Прави вежби за грбот“, предлага Маргарет Етвуд. „Знај сè за придавките и правописот, и поседувај морална интелигенција“, вели Сузан Зонтаг. Се чини дека секој успешен автор си има посебна тајна за својот занает, но некои од најтрајните совети ни доаѓаат од легендарниот германски книжевен критичар, филозоф и есеист Валтер Бенјамин. Во поглавјето насловено „Не плаќај никакви сметки“, кое е дел од неговата расправа Еднонасочна улица, Бенјамин ни нуди тринаесет суштини на писателската техника.

  • Секој оној што има намера да започне големо дело треба да живее угодно и да си го дозволи, откако ќе го заврши истото по одредено време, сето она што може да му наштети на продолжението на работата.
  • Зборувај за она што си го напишал, на секој можен начин, ама не читај никому од истото додека работата е во тек. Секое задоволство добиено од ова второво ќе го забави твоето темпо. Доколку се следи овој режим на работа, растечката желба да се соопшти нешто на крајот ќе прерасне во поттик за завршување на делото.
  • Избегнувај ја секојдневната просечност во своите работни услови. Полуопуштеноста, проследена со здодевни звуци, е понижувачка. Од друга страна, пак, музичката етида или какофонијата од гласови може да биде подеднакво значајна за процесот на работа исто како и тишината на ноќта. Тоа го изострува внатрешното уво, па така тоа дејствува како мерило за одредена дикција во чиешто изобилство можат да почиваат дури и најсвоеволните звуци.
  • Избегнувај пишување на случајни материјали. Педантното придржување до одредени хартии, пенкала и мастила за пишување е од корист. Не луксузот, туку изобилството од овој прибор е незаменливо.
  • Ниедна мисла не смее да помине непрепознаена, и одржувај си го бележникот уреден исто како што државните чиновници ги чуваат нивните регистри на странци.
  • Држете го вашето пенкало подалеку од инспирацијата, која потоа ќе го привлече со магнетска моќ.
  • Колку пообмислено пристапуваш кон обработката на една идеја, толку позрела и поразвиена ќе биде кога самата ќе ти се предаде. Говорот ја освојува мислата, но пишувањето управува со неа.
  • Никогаш не престанувај со пишување поради тоа што си останал без замисли. Книжевната чест бара човек да прекине со работа само во одреден и назначен момент (кога е време за оброк или за состанок) или кога делото е завршено.
  • Пополни го отсуството од инспирација со елегантно препишување на она што е веќе завршено. Интуицијата ќе се разбуди во текот на тој процес.
  • Nulla dies sine linea (Ниту ден без ред) – но можеби такви ќе има и цели недели.
  • Не го сметај за завршено ниедно дело над кое барем еднаш не си седел од вечерта до следниот ден.
  • Не го пишувај заклучокот на едно дело во собата во која работиш. Таму нема да ја најдеш неопходната храброст.
  • Фази на пишување: идеја – стил – пишување. Вредноста на препишувањето е да го насочи вниманието само на калиграфијата. Идејата ја убива инспирацијата, стилот ја открива идејата, пишувањето го исплаќа стилот.
  • Делото е посмртна маска на својата замисла (идеја).

Извор: brainpickings.org

Илустрација:  Алиреза Дарвиш

Напишано од
More from РЕПЕР
Изгубената половина
Извонреден стрип на бразилскиот цртач Рикардо Јошио Окама Токумото, кој твори под...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *