Писмо на среќата

demo

Писмо на среќата

Со години
трпеливо ги демнам
накрај ги затворам
сенките во белите пликови
постојано
прашувајќи се
дали и ова е
пишување поезија
Еден ден
добив писмо
што ми рече
дека сум среќен избраник
и ако не го прекинам
кругот
ќе доживеам голема среќа
Тогаш
пак се сетив
како секој ден
отворам писма
и упорно
им ја читам белината
Затоа те молам
не прекинувај го кругот
кога ќе го добиеш
ова писмо
без адреса

Трепкање

во зениците на градот
гушнати две куќи
малата старичка
мајка на големата
чиниш
секој миг очекува
градот да трепне
и
да биде погребана
од големата
а сепак
и во двете
деца
но децата во големата
често се губат низ собите
и ходниците
па се наоѓаат во малата
бабичка
што постојано
им плете приказни
за калето на ридот
каде одамна
веќе никој не живее
меѓу
трепкањето
на градот

Кога Господ повлекува еден котелец од нашите глави

кога Господ повлекува еден котелец од нашите глави
одеднаш ноќта
потегнува еден крај од конците на денот
и почнува да го разнижува –
котелци од облаци и јазли од ветар
што нешто неизречено држат

кога Господ повлекува еден котелец од нашите глави
одеднаш ноќта
потегнува и еден крај од конците на сонот
и слоговите на потсвеста ги разнижува –
слогови од соништа
на кои се сеќаваме
кога се случуваат во денот
кога денот од змиска кошулка се извлекува
а слоговите гласно најаве го изговараат
тоа што сонот безгласно ни го зборува

кога Господ повлекува еден котелец од нашите глави
одеднаш
и вечноста е прекратка
на лицето со безброј неодговорени прашања
набрчкани од животот

кога Господ повлекува еден котелец од нашите глави
одеднаш и бескрајот
оптегнат како нерв помеѓу ноќта и денот
повлекува еден котелец
што ме разнижува уморен и спокоен
а душата се превртува наопаку
и станува облека на телото
што пак в зародок на една љубов се заврзува
и ништо повеќе не е толку конечно
до големиот разбој на хоризонтот

кога Господ повлекува еден котелец од нашите глави
разврзува и еден збор што нѐ довардува…

Leave a Reply

Your email address will not be published.