Приказната на последниот јорганџија од Скопската чаршија

јорган1-(3)

Не можеме да зборуваме за обичаи, а да не го споменеме фолклорот. Не можеме да го споменеме фолклорот, а да не се присетиме на митот.

Митологијата го одразува настојувањето на човекот да ги објасни и да ги потчини силите на природата и појавите на самиот живот, додека народната религија, пред сè, го одразува вессилието и стравот пред непознатите природни и социјални сили. (Т. Вражиновски, 1998)

Митот и религијата, како примарни облици на духот, се карактеристични за сите, но особено се својствени за архаичните култури, и тоа како за оние од древните предисториски степи на човековата историја така и за современите т.н. „примитивни“ и „рурални“ култури. Од големо значење за истражувањата не е само детекцијата на присуството на овие феномени во ваквите средини, туку и специфичноста на начинот на кој тие се поврзани со другите облици на таа култура. Тргнувајќи од ова, можна е и констатацијата дека традиционалната култура на Словените, за време на целото свое постоење, во себе носи одлики што многу повеќе ја вбројуваат во (условно кажано) нашата „прва група“, што значи во една рана и архаична култура.

Народното творештво и фолклорните обичаи, пак, се толку силни што ни христијанството како водечка религиска определба не може да ги укине. Само ги присвојува и подоцна ги преиначува. Денес тие сѐ уште се присутни во човековиот живот, а самиот човек, свесно или несвесно, ги применува дури и во дигиталната ера. Човекот во себе чува една сила, една енергија голема колку универзумот.

Има толку многу обичаи и ритуали, но кога станува збор за мажачката на една девојка, тогаш станува збор за мноштво ритуали вклопени во еден обичај што трае повеќе години. Тука се појавува поимот мираз. Дури и во блиското минато, на девојките им се подготвувал мираз. По раѓањето на девојчето, мајката започнувала со плетење, шиење разни крпчиња, перници, јоргани, чорапи – сѐ што ќе ѝ биде потребно на девојката кога ќе се омажи. Другата функција на миразот била да се види колку семејството на девојката е финансиски поткрепено. Во подготовката на миразот, покрај мајката и ќерката, учествувале и тетките, бабите, сестрите и другарките. Како што е веќе наведено, миразот се подготвувал долг временски период. Процесот започнувал уште со раѓањето на женското дете, продолжувал низ неговата младост, а завршувал со мажењето. Сѐ со една цел – претставување на девојката и на нејзиното семејство пред сопругот и пред неговите родители.

Во миразот, меѓу другото, бил вклучен и јорганот. Затоа, ние повторно се упативме кон нашата Стара скопска чаршија, местото каде што сѐ уште живее културата, која воедно е и најголема на Балканот. Одевме долго, прашувавме каде можеме да најдеме некој јорганџија, но добивавме одговор дека нив веќе ги нема. Тоа беше тажно. Сепак, сретнавме еден старец што си седеше пред куќата, па тој ни раскажа дека некогаш јорганџиите имале цела своја улица во Старата скопска чаршија, а дека денес нема ниту еден таков занаетчија.

И покрај тоа, бевме упорни, ја посетивме некогашната улица на јорганџиите и таму наидовме на единствениот мајстор што на секаков начин се труди да го одржи јорганџиството во живот. Тој поседува три дуќани, кои се наоѓаат еден до друг, а работи заедно со својот братучед, со својата жена и со својот син. Низ тага ни раскажа колку долго и со колкава љубов го работеле овој занает заедно со татко му, татко му со дедо му, дедо му со прадедо му. „Прадедо ми уште во 1898 година го изучувал овој занает во Солун. Дошол во Скопје и го научил и дедо ми, а дедо ми го научил татко ми. Јас ги гледав како работат и како со огромно трпение ги учат чираците. Знаев дека морам да го продолжам овој занает, но денес никој не се ни интересира за него“.

Јорганџиството како занает подразбира многу труд, трпение и умешност, а секако и креативност. Кај овој занает се идентификуваат два стила: солунски и истанбулски. Овие два стила се разликуваат само во држењето на иглата. Кај нас преовладува солунскиот стил. Тоа е еден процес што трае речиси една недела. „Само шиењето бара три-четири дена, и тоа осум часа дневно, упорна работа“, раскажуваше јорганџијата. Се работи со природни и со вештачки материјали. Речиси целиот процес подразбира рачна изработка, а само еден минимален дел е со помош на машина. Како материјал се користи струмички природен памук. Еден од најважните инструменти при изработката на еден јорган едрндалото (со него се влече памукот околу два и пол часа). „Пред педесет-шеесет години, мајсторите оделе по куќите и таму со дрндалото го правеле јорганот“, се присетуваше мајсторот. Другиот инструмент или помагало го именуваат токмак (тоа е долг стап од дренки и со него се удира памукот со часови за да се израмни). Третото помагало при изработка на еден јорган се машините на струја,познати како влачари. Кога јорганот ќе биде готов, следува процесот на везење, т.е. на украсување. „Тогаш доаѓа креативниот чин“.

Јорганот некогаш бил битен елемент во чеизот или во миразот на една девојка; денес е битен елемент и од нашиот живот – предмет што нѐ затоплува зиме. Јорганот има своја историја, своја цел, свој живот. Тој е направен да им служи на луѓето. Со еден предмет да се задоволи бараната цел – затоплување. Затоа порано во нашата Чаршија имало цела улица на јорганџиите, имало повеќе од осумстотини дуќани. За жал, денес нема ниту еден што се води како занает. Овој мајстор, кој со сите сили се обидува да го одржи јорганџиството во живот, не се води како занаетчија. „Постојано ми доаѓаа инспекции, плаќав казни за кои и не знаев дека воопшто постојат. Давав пари за материјал за јорганите, трошев денови и денови во изработка, а никој не ми ги купуваше. Има сега други јоргани, оние што топлат и ладат истовремено. Луѓето го сакаат модерното“. Вака зборуваше мајсторот. Тој немал чаре од инспекции и решил да формира невладина организација под името „Резе“, што на албански јазик значи ’сончев зрак’. Во оваа невладина организација работат тој, жена му, син му и братучед му. Тие ги вработиле пензионираните јорганџии за да ги учат жените и младите како се изработуваат јоргани. Се одржуваат часови преку неделата, а со секој купен јорган се придонесува за оваа организација. Со средствата се обезбедува струмички природен памук за следниот јорган, а следниот јорган ќе ги задоволи страстите на луцидните ученици и ќе му овозможи една ренесанса на овој занает.

Всушност, кај нас јорганџиството веќе не постои како занает. Изумрено е поради недостигот на побарувачка. И покрај тоа, овој занает има големо значење за нас – јорганот е дел од чеизот,а чеизот е поим од минатото.

Овој обичај или занает (изработката на јоргани) долго се практикувал, па дури и денес може да се насети некоја негова нишка. Сите тие ритуалии обичаи околу мажењето на една девојка претставуваат значајна одлика на нашата култура. Не можеме тукутака да се ослободиме од канџите на фолклорот.

За наше добро, сметам дека ќе поминат години и години додека балканскиот човек да го тргне фолклорот на страна, да го смести во подрумите на сеќавањата. Оти – акоја занемариме културата, како ќе ја градиме сегашноста? Занаетите, кои, за жал, се веќе во изумирање, се дел од таа култура. Културата претставува темел на една куќа, а ние постојано се измолкнуваме од неа и тежнееме кон покривот, кон круната на куќата. Фолклорот зборува за големината на културата, а културата за цврстината на една држава.

Leave a Reply

Your email address will not be published.