Уаа Итар Пејо, да живее Ѓорѓија Пулевски!

Сета креативност што ова наше тло ја поседува е собрана во приказните на Марко Цепенков посветени на Итар Пејо и во делата на Ѓорѓија Пулевски.

popovski1

(насловот не ја одразува содржината на текстот)

Сета креативност што ова наше тло ја поседува е собрана во приказните на Марко Цепенков посветени на Итар Пејо и во делата на Ѓорѓија Пулевски. Овие двајца дејци многу добро разбрале со кого си имаат работа; и едниот и другиот создале еден вид библии на нашиот табиет. Едниот собирајќи ги на едно место сите наши приказни и воспоставувајќи го клучниот македонски лик – Итар Пејо, другиот со своите дела, во кои ги објаснува сите појави што пред 100 години ги измачувале напатените македонски мозок и мисла и кои и до ден-денес ги измачуваат.

[pullquote align=”left”]Итар Пејо е еден лик што со помош на креативност, која во времето на Цепенков била позната под зборот марифетлук, умее да стигне од точката А до точката Б[/pullquote]Итар Пејо е еден лик што со помош на креативност, која во времето на Цепенков била позната под зборот марифетлук, умее да стигне од точката А до точката Б. Тој не ги користи добропознатите патеки или веќе означените патишта. Тој со помош на марифетлук изнаоѓа скратени сокачиња и скриени улици, прескокнува огради. Често само тврди дека бил или дека направил нешто, иако тоа и не е баш така. Последниве години се испоотворија универзитети низ татковината. Мислам дека во Прилеп прекрасно би дошло кога би се отворил Универзитет за итроштиње со само една насока – марифетлуци од сите области. Таму би се изучувале сите познати науки, но така што би се инсистирало сите закони и појави да бидат подложени на Пејо-метод. Тоа значи да се пуштат низ Пејо-филтер и да бидат преиспитани. На тој начин би се добила една нова содржина во секоја област. Целиот свет на една страна, ние на друга. Важно е да дојдеме до ист финален резултат. Тоа ќе ни обезбеди уникатно место во историјата и во науката. Така, иако на прв поглед ќе бидеме будалетинки, ќе успееме да си обезбедиме креативност, за која подоцна ќе ни љубоморат. Нас погрешно нѐ учеа да не правиме глупости оти луѓето ќе ни се смееле. Еве, тој Кореецот направи една глупост со спотот „Gangnam style“ и оп – неколку милиони од целиот свет ја погледнаа неговата глупост. Така што сите оние што ќе се спротивстават на овој универзитет, многу бргу ќе ја увидат неговата моќ и ќе го прифатат марифетлукот како врховно движење на татковината.

popovski2

Ѓорѓија Пулевски, од друга страна, немал нерви да биде малтретиран од своите галичани, а верувам ни од лазарополците и од мавровците. Тој си седел на таа карпата во Галичник и секој ден му се појавувал по еден од неговите со прашање за тоа што е тоа „море“, што е тоа „облак“, зошто паѓа дожд, каде заминува сонцето… Така си пишувал книги во кои се објаснети сите природни појави на еден начин што и ден-денес би можел да се изучува на нашите свеучилишта/универзитети. Не затоа што е точен, туку затоа што неговата креативност во толкувањето на тие појави би ни помогнала да си ги објасниме појавите што денес нѐ опкружуваат. Според неговиот принцип, нештата би станале појасни и не би сретнувале луѓе што гласно негодуваат на улица: „Што е ова, ништо не разбирам, како може вака, зошто и до кога ова?“ Ѓорѓија го замислувам во поза на мудрец, човек кај кого се оди кога ти треба одговор. Нешто како она кога Александар оди кај Диоген. Добро би легнал еден споменик на Ѓорѓија на плоштадот, со опција на џубокс во кој секој би можел за пет пари да постави прашање на која било тема и да добие некаков одговор. Не нужно точен, ама одговор. Гласовите би ги позајмиле личностите од „Сулејман“ за да стане работата попопуларна, а парите би ги инвестирале во спејс шатл во Галичник . Зошто? За инает на оние од Лазарополе.

Зошто е важна креативноста? Затоа што таа создава уметност, а уметноста, пак, му влијае на мозокот, на мозокот и на оној што него не го ни користи. Еве еден пример од најомилената македонска тема – политиката или владата наша.

Примерот оди вака:

Одите на плоштад и викате: „Уаа влада!“ Владата на тоа реагира нормално.

Одите на плоштад и викате: „Уаа Влада Дивљан!“ Владата на тоа реагира збунето затоа што не знае што е и кој е Влада Дивљан. Го бараат во пописот и него го нема. После некому сепак му текнува дека тој е оној член на групата „Идоли“ и дека нема врска со нас и им олеснува на душата. Внимавајте – ова е креативност, ама не е уметност. Субјектот, т.е. владата, е само збунет.

Одите третпат на плоштад и викате: „Уаа влада, да живее влада!“ (може да ја членувате ако сакате, зависи што ви е полесно да викате). Сега мозокот на владата е навистина активен и тој лачи посебни излучевини што само уметноста е возможно да ги произведе. Сега секој може да си најде свој пример од сопствената професија или, пак, област на дејствување и да се обиде да биде креативен или, пак, уметнички расположен. Во зависност од креативноста, уметноста ќе успее да го направи овој свет поинаков, поубав и, евентуално, послободен.

Авторот е театарски и филмски режисер

Фотографии: Фабиен Ниселс

Напишано од
More from РЕПЕР
Да се патува – значи да се живее
Отсекогаш живеевме негде крај станица, горе-долу, ахасверски, секогаш крај шини, секогаш близу...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *