Одбележување на 100-годишнината на Франтишек Швантер

Повеќето од делата на Франтишек Швантер се вбројуваат во златниот фонд на словачката литература на дваесеттиот век, а некои од нив доживеаја и филмска, театарска и телевизиска инсценација.

frantisek1

(František Švanter – Život i dielo. Zostavila Jana Kuzmíková. Bratislava: Ústav slovenskej literatúry, 2012, – 200 s., – ISBN 978-80-88746-19-5)

Зборникот Франтишек Швантер – живот и дело, во редакција на Јана Кузмикова, содржи 11 студии, како и два подолги коментара (од кои еден е од синот на авторот, Матеј Швантер) од дискусијата на јубилејната конференција по повод 100 години од раѓањето на овој истакнат словачки прозаист, која се одржа во Институтот за словачка книжевност при Словачката академија на науките во Братислава на 2.2.2012 година.

Зборникот уште содржи и стручен вовед на уредничката, прилог со слики, како и календариум за животот и делото на Швантер, со кои д-р Кузмикова на достоен начин им го доближува на читателите животниот и творечкиот пат на овој еминентен словачки автор. Затоа, и овој конференциски зборник со право се сместува во редот на значајните „швантеровски“ публикации, кои несомнено ги рашируваат и ги продлабочуваат сознанијата за авторскиот профил на Ф. Швантер. Рефератите што беа претставени на споменатата конференција, а сега и објавени во овој зборник, се различни: некои евоцираат спомени, други се теоретски и интерпретациски; трети, пак, се споредбени и лингвистички, а најпосле, има и реферати со рецепциско-преведувачки карактер.

Повеќето од делата на Франтишек Швантер се вбројуваат во златниот фонд на словачката литература на дваесеттиот век, а некои од нив доживеаја и филмска, театарска и телевизиска инсценација. Белетристичкото, есеистичкото и документаристичкото пишување на Швантер се формирало во контекстот на словачката култура по 1918 година, а исто така и во контекстот на европското модернистичко движење во првата половина на дваесеттиот век. Во делата на Швантер е забележлива лектирата од Едгар Алан По, од Фјодор М. Достоевски, од Виктор Иго; од филозофите на своето време, најмногу ги читал Ниче и Фројд, но и марксистите, античките филозофи, германските мислители, француските писатели и егзистенцијалистите. Во дослух со теоријата на Бергсон, пак, на пример, Швантер верувал дека натамошни развојни можности на уметноста ѝ нудат техниката и науката. Сите овие импулси се соодветно анализирани и претставени и во домашните (словачките) и во странските студии во зборникот, кои на мошне оригинален начин успеваат да им се надоврзат на постарите истражувања на творештвото на Швантер, но воедно и се обидуваат да понудат нови пристапи и да ги согледаат делата на овој автор во пошироки европски, понекогаш и малку невообичаени, книжевни и филозофски контексти.

[pullquote align=”left”]Со оглед на фактот што делата на Швантер се сѐ уште малку познати и рецензирани во странската критика, ваквите нови истражувања за неговата проза се навистина важни, потребни и добредојдени[/pullquote] Во зборникот се, впрочем, објавени трудовите на Марта Соучкова, Јана Кузмикова, Рафал Мајерек, Кристина Симон Алегре, Димана Иванова, Ивица Хајдучекова, Павол Одалош, Лудвиг Рихтер, Луцина Спирка, Марила Папиерж и на Марта Бучек, како и текстот на Ладислав Бартко, кој зборува за Деновите на Франтишек Швантер во Брезно во 1970 година. Во сите студии се отвора повторно „швантеровската“ проблематика на доброто и на злото во филозофски и во поетички рамки, се потенцира улогата на ирационализмот во сооднос со свесноста и со несвесноста на ликовите, а се потенцираат и новоромантичарските елементи на стравот, грозотијата, крвта и на таинственоста. Со оглед на фактот што делата на Швантер се сѐ уште малку познати и рецензирани во странската критика, ваквите нови истражувања за неговата проза се навистина важни, потребни и добредојдени, бидејќи ги збогатуваат сознанијата не само за словачката модерна литература туку и за целосната слика на европската проза на дваесеттиот век. Затоа, треба особено да се поздрави и методолошката инвентивност во испитувањето на проблематиката на „амбиваленција на доброто и на злото во творештвото на Швантер“ (Марта Соучкова), на проблематиката на „свеста во творештвото на Швантер“ (Јана Кузмикова), на прашањата за „поетиката на грозотијата кај Швантер“ (Рафал Мајерек), на мотивот „на вибрација на крвта“ (Кристина Симон Алегре), на сликата на „човекот во војната во споредбен контекст“ (Димана Иванова), на „композициските особености на христијанизираниот мит“ (Ивица Хајдучекова), на „литераронимите кај Швантер“ (Павол Одалош), на феноменот на „преводот на делата на Швантер на германски и на полски“ (Лудвиг Рихтер, Луцина Спирка, Марила Папиерж и Марта Бучек), како и на проблематиката на „вербалното изразување на природата во делата на Швантер“ (Матеј Швантер).

Заклучно, зборникот Франтишек Швантер – живот и дело уреден од д-р Јана Кузмикова можеме слободно да го сметаме за клучно сведоштво за тоа дека творештвото на Ф. Швантер е податливо за толкување од различни аспекти и во различни контексти (книжевно-теориски, книжевно-историски, филозофски – особено аксиолошки, психолошки, семиотички, јазично-стилистички, транслатолошки и компаративни). Текстовите во овој зборник недвосмислено отвораат и нови погледи за внатретекстовните и за вонлитературните параметри на неговите дела, а некои од интердисциплинарните сугестии дури ги најавуваат и можностите за натамошни истражувања. Зборникот во значителна мера ги сублимира и ги развива и досегашните тези за творештвото на Франтишек Швантер и, пошироко, за прозата на словачкиот натуризам. Тоа е, всушност, и главната причина овој зборник да го сметаме и за своевидно когнитивно збогатување на новата словачка книжевна наука.

Авторот е доктор по филолошки науки

Напишано од
More from РЕПЕР
Маленкоста
Автопоетички есеј за книгата „Географија на маленкоста“
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *