Скопје, година IV, број 15, Октомври 2011-Април 2012, 2012
 
Насловна
Мисија
Издавач
Изданија
Импресум
Архива
Контакт
 
за изострен ум
Проза
Субверзивната сексуалност против стереотипите
 
Се истапува храбро против фалоцентричниот говор и хетеросексуалното општество коешто ја контролира телесноста и ја замолчува личноста, нејзините задоволства, не дозволувајќи афирмација на инаквите телесни идентитети.
Марина Мијаковска
Кон книгата Оргазмички писма од Ирена Цветковиќ, Скопје, Ѓурѓа, 2008.
Предиграта се исцрпува во тоа трагање, мапирање на страста и еротиката во релјефот на зборовите. (Оргазмични писма - Ирена Цветковиќ)

Оргазмични писма од Ирена Цветковиќ се раскази - точки во кои се стопуваат еротичноста, телесноста, игривиот дискурс и субверзивноста. Збирката Оргазмични писма е нејзино дебитанско остварување со кое се свртува нова завртка во македонската литература.
Авторката создава женско писмо во согласност со природата на женското тело. Да се создаде женско писмо, значи да се пишува и да се создаде текст следејќи ги рефлексиите на своето тело. Женското писмо е натопено со телесните знаци, бидејќи се става акцент на телесноста и нејзините атрибути.
Говорот за сексуалноста и телесноста е еднаков на сексуалното празнење. Зборовите се ископуваат од длабочините, душевните јазли се исфрлаат на површината и му отвораат пат на ослободувањето. Говорот е флуиден и е par exellence на женските телесни течности. Еден цитат одлично го илустрира таквиот дискурс: „Сè е течно во мене. Јас сум сок, лигава течност, слуз, влага и мекост.“
Расказите се куси, индетерминирани, со слободна форма и со вешто изградени ликови. Се добива впечаток дека постои слевање на едни раскази во други, едни ликови во други.
Овие куси наративни секвенци се придружени со провокативни кроки-цртежи кои ја надополнуваат приказната и се во служба на нејзината компактност. Дел од насловите се натопени со еротска и сексуална маркираност. Расказите „Дупката“, „Црешите близначки“ и „Оргазмична епистола“ прераснуваат во вешта алегорија зад која се насетува играта помеѓу отсутното и присутното значење.
Разголувањето на ликовите е во служба на соголувањето на јазикот и развластувањето на нормите. Авторката употребува експлозивен, остар и скокотлив говор со кој се настојува да се соблечат оковите од забраните, табуата и од општествените стеги.
Се истапува храбро против фалоцентричниот говор и хетеросексуалното општество коешто ја контролира телесноста и ја замолчува личноста, нејзините задоволства, не дозволувајќи афирмација на инаквите телесни идентитети. Ликовите се гушат во стереотипните средини и прераснуваат во жестоки бунтовници кои настојуваат да се ослободат и отворено да проговорат за родовата другост.
Основната идеја на овие раскази е да се даде слика на една инаква, нестереотипна телесност. Авторката се залага за една перформативност на родот, која лежи во слободата на сопственото телесно дефинирање. Затоа не е случајно тоа што ликовите се жени кои зборуваат за својата љубов кон истополовите битија.
Истовремено, се деконструира митот за женската убавина, според кој жената треба да биде убава, млада, со контролиран профил и затегната телесност. Се карневализира опседнатоста со сопствениот изглед и се напаѓаат силите коишто сакаат да ја инструментализираат и истата да ја стават под контрола. Чекор напред се прави и со употребата на субверзивната сексуалност, со која се деструираат патријархалните наслаги.
Стилот е едноставен и корозивен. Тоа што може да се земе како мал недостаток е што сè уште не можеме да говориме за изграден и впечатлив писателски израз. За пофалба, пак, е тоа што Цветковиќ создава дискурс кој се ослободува од стереотипите, притоа оставајќи зад себе писмо кое охрабрува, намамува, скокотка и ветува промени.
_________________
Марина Мијаковска е родена 1984 година во Скопје. Моментално е на постдипломски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Посетувала предавања од областа на родовите студии во Истражувачкиот центар за родови студии – Институт Евро Балкан – Скопје. Пишува поезија, есеи и книжевни осврти. Свои прилози објавувала во Лоза, Наше писмо и други списанија.
 
Салвадор Дали, Сон предизвикан од летот на една пчела околу калинка секунда пред будење , 1944.
   
Antolog © 2011, Сите права се задржани