Скопје, година IV, број 15, Октомври 2011-Април 2012, 2012
 
Насловна
Мисија
Издавач
Изданија
Импресум
Архива
Контакт
 
за изострен ум
Амалгам
Проглас по изглаголен став !!!
 
Последниве години македонската сцена обилува со креативни пројавувања, милувања и шлаканици, но евидентен е вакуум во пресекот со реципиентите - континуирано критичко проследување, соодветно толкување и нужна валоризација, макар пионерска и непретенциозна. Тука треба да се бара улогата на Репер.
Жарко Кујунџиски
Нема политички идентитет без претходен културен идентитет. Коичиро Мацура
Текстот е повик за соработка и критичка CSS-дискусија.

Живееме во хипо-критички простор и време, оградени од субјективизираност и ефемеризираност на исказите до степен на лицемерие. Систем(ат)ските резови атрофираат. Хипокризијата е и криза на идентитетите и нивното пресликување/прелевање. Фактот што таа стана избран модус на комуникација меѓу поединците и општествените групи, доведе и до пад/ослабување (старогрч. hypos) на критичкиот дух.



Протокот на информации проследуван преку проблесоците (flashes, spans) на масмедиумите, интернетот, високата технологија, не’ штанца и шаблонизира во фагосубјекти кои служат како спроводници или консументи. Недостасува субјективен отпор и објективен и критички потход.



Репер, слободното интернет списание за критичко промислување на уметностите, е покренато од млади луѓе со изоморфни ракурси, со желба да го гестикулираат импулсот во диксурс и во пишан артефакт да изглаголат став.



Рефлексијата на културните парадигми или, ако сакате, парадигмите на културата, во свеста на индивидуалците е она што за овде ќе се ослободи условно безграничен (виртуелен, hyper) простор.



Матрица без матица. Целост од утоки и кромидени пластенки. До солзи и катарза. Логос во процес.



Уметностите препуштени на себесамите, без одгласот од „огледалото на Снежана“ одат во ќорсокак. Механизмите на валоризација се истрошени од компромиси, ситни шмиргли и изабени од божемни консензуси на авторитет.



Живееме во аномалично/анимално општество каде пехот, фалцот, фолот и кичот „хараат“ симултано со крвожедната битка за опстанок, водена од секој од нас, зачаурен во својот бункер или дигитална тврдина, софистицираноста не ја намалува одговорноста.



Но, оптимисти сме. Уметностите во Македонија поседуваат ексклузивни екскурси. Визуелните уметности, на пример, документарниот, краткиот и анимираниот филм, го испртуваат својот пат од колективната грдомазност. Секогаш има помошен излез, fire-escape.



Последниве години македонската сцена обилува со креативни пројавувања, милувања и удари, но евидентен е вакуум во пресекот со реципиентите - континуирано критичко проследување, соодветно толкување и нужна валоризација, макар пионерска и непретенциозна. Тука треба да се бара улогата на Репер.



Потребно е откривање и мобилизирање на младите и вечно младите беспоштедни и ентузијастички духови кои сакаат да го искажат своето скромно мислење за актуелното творештво, без разлика на провиенцијата.



Зошто „репер“? Бидејќи во себе го содржи тој палиндромален ефект. Репер не тежнее да биде неприкосновен образец, туку - реално огледало на уметничкиот репертоар во Македонија. Тој нема само да пресликува, туку и ќе реагира, прекршува, преобликува и толкува.



Не сме умислени ниту Репер да го дава последниот збор. Напротив. Репер треба само да испровоцира и иницира други, уште поискрени и уште посуштински, промислувања!



Репер сака да даде шанса на новите пишувачи - неафирмирани а образовани креативци со истренирани сетила, изострен ум и дециден став за општествената појавност изразена преку културната (де)формираност.



Релевантно проветрување, низ формите на пишаната критика, есеј, рецензија, оглед, осврт, без наметнување тоталитарен и унифициран поклопец и со трансцендирање на доминантниот, либерално-хуманистички модел на поимање на културата отаде границите на уметничкиот текст како нешто што ја отелотворува „универзалната вистина и вредност“.



Овој методолошки профилиран магазин ќе се апдејтува како кварталник, почнувајќи од март 2008, и ќе тежи и вреди колку сите што ќе пишуваат и соработуваат и ќе го следи чекорот на нивната агилност и ангажман.



Афирмираме платформа каде in continuum ќе може да се презентира објективен став и компетенто мислење за курентните уметности, со што очекуваме реверзибилно, макар минорно, да се стимулира квалитетот на МКД артиклите.



Веќе во првиот број Мерсиха Исмајлоска ја анализира набрекнатата симболика на новиот филм на Браќа и сестри Митевски, Јас сум од Титов Велес. Карикатурата, како и хуморот воопшто, ги живеат деновите на потценетост. Огледот на Марјан Минов посветен на Струмичкиот фестивал на карикатура чепка во болната точка на оваа област. Душко Крстевски, пак, поклоник на музиката на Мизар, држи цврст курс кон нивниот последен албум, Поглед кон цветната градина. Атанас Чупоски прави митолошки приод кон едно ретко кабаре доживување кај нас. Марина Мијаковска е опсежен спектатор на Ѕиркачот на Александар Прокопиев. Двете апсолвентки по архитектура, Анета Спасеска и Леонора Грчева, нурнаа во една речиси истражувачка сторија, мошне возбудлива тема, рециклирањето на старите објекти во Скопје. Конечно, како гостин во рубриката Екстра го имаме Миодраг Петровиќ кој ексклузивно ја потпишува веројатно првата објавена рецензија за новиот албум на Леб и сол, Итаканатаму а како бонус трака ни ги открива музичките надежи Милко...



Nota bene за идните реперци: критиката не значи само позитивна или негативна оцена, ѕвезди или скалила, туку имплицира мноштво други аспекти. Да ги истражиме полињата на критичност!



Позициите треба да бидат јасно и концизно образложени и дискурзивно оправдани. Мудроста е во мерката и издржаност на аршинот, секогаш зачинета со мали дози маниризам.



За оние кои ќе сакаат да распостелат во Репер - нема ограничување во должина на текстовите. Препорачливо е да се користи фонтот Macedonian Tms. Заедно со кратка биографија, поднесоците треба да се испраќаат на адресите: antolog@gmail.com или kontakt@reper.net.mk, со назнака „За Репер“.



Репер ќе биде пробна (trial) иницијатива. Пишувачи - студенти, постдипломци, задлабочени вљубеници, од различни бранши и профили, ќе ги испробуваат своите знаења и афинитети во дадените области. Едно знам. Неретко ќе бидеме и слаби и наивни и неуверливи. Но, наспроти естаблишментот, мејнстримот, сивите еминенции и струите, ќе опстоиме во стимулирање на независна критичка с(о)вест. Дали како HTML, PHP или блог, неврзан муабет, формата и не е важна. Влеговме во матрицата. Рубикон е прегазен.



Сакаме да ја повикаме уште категоријата за која Сартр велеше дека човештвото ја има заборавено. Чистиот образ и верната етика ги носиме со нас, макар како невидливи координати.



На крајот на краиштата, Господовото е последно, Господ го има последниот збор. Нека ни е напомош!
_________________
Жарко Кујунџиски (1980, Скопје) е автор на два објавени романи (Spectator и Америка) и збирка драми (Ендрју, љубов и други непогоди). Магистрант на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје. Бил уредник на списанието Лоза. Се занимава со превод од англиски јазик и издаваштво.
 
Фото: Андреас Гарски, 99 центи II Диптихон, 2001.
   
Antolog © 2011, Сите права се задржани