Скопје, година IV, број 15, Октомври 2011-Април 2012, 2012
 
Насловна
Мисија
Издавач
Изданија
Импресум
Архива
Контакт
 
за изострен ум
Наше но повеќе ваше
Идентификација на книжевниот хабитус
 
Понекогаш отсуството е поречовито и од самото присуство. Преку гласот на отсутниот – субјект-и кој/и одбива да молчи, Ацо Гогов си обезбедува уште повозвишено постоење и присуство.
Марина Мијаковска
Кон Единствен матичен број од Ацо Гогов, Антолог, 2012.
„Животот може да биде тежок и лесен“, зборуваше ЕМБ 1211967460005.

Пишувањето е како раѓањето. Почнуваш со именувањето, набројувањето, а подоцна завршуваш со комплетната означувачка практика на себноста обележана со уникатниот и единствениот матичен број. Едно обично раѓање може да добие возвишена идентификација обележана со тринаесет бројки, а зад духот на ваквата нумеричка картографија на сложувалката наречена личен идентитет, како маркери се надодаваат: личното име и презиме, полот, родот, географската поставеност, афелацијата итн. ЕМБ на Ацо Гогов, го надминува личното постоење и добива колективна конотација преку која авторот и неговиот наслов ќе бидат врежани во македонската книжевна историографија. Еден толку прост и обичен број, станува толку сложен и необичен наслов. Единствен матичен број е најновата, а воедно и потемелната книга на Ацо Гогов.
Говориме за книга куси прози коишто претставуваат надоградување на наративната техника на авторот започната со Географија на маленкоста. И во втората книга, Гогов е мајстор на кусото, лапидарното, елиптичното и исповедното говорење. Станува збор за куси – куси раскази во кои низ гласот на исповедното јас, одекнува секојдневното, баналното, обичното секојдневие на толку обичниот човечец. Секој од расказите е кус здив, издишување и вдишување од секојдневните грижи, сомнежи, љубовни недоразбирања, разочарувања и дилеми. Книгата е композициски составена од четири циклуси: Записи од детската соба, Единствен матичен број, Брачен пар и Наоѓање камила.
Расказите се одликуваат со стегната форма, згуснат и сугестивен израз на мислата, вешто извезени описи распослани помеѓу црниот хумор и гротескниот амалгам на стилови. Тоа што е носечки белег на овој автор е метафоричното ткаење на прозното. Секој од овие прози лебди помеѓу поетското филтрирање на мислата, а на тој начин се прави линк помеѓу прозното и поетското. Зад маската на метафоричното постојано се крие отсуството на другиот, одложувањето, преместувањето и талкањето по среќата, другото, непознатото.
Во Записи од детската соба - расказите се „мисловни записи“ - аукторијален опис, именување на сетилните доживувања, мисловните средби и внатрешното понирање на себноста. Во овие прози нема ликови-двигатели, туку се израз на внатрешниот свет и внатрешните состојби на имплицитниот автор.
Вториот циклус во кој се наоѓа носечкиот именител на оваа книга, Единствен матичен број, се состои од раскази во кои именувањето и опишувањето се испреплеткуваат со по некој монолог на сè уште неизградените ликови - ознаки. Во расказите од овој циклус: Е, ЕМБ, Пци, Бел пејзаж, Џебно огледало, Кујна, авторот посегнува по очудувањето како техника за изградување на светот на чудесното, фантастичното и бизарното. Ликовите се отсутни битија кои врескаат низ гласот на алегоричното, фантастичното и гротескното.
Расказите од третиот циклус Брачен пар се најимпресивни и со најдобро изградени наративни стратегии, има згуснување на стилот со дијалози помеѓу ликовите кои почнуваат да никнуваат од површината на прозното. Во: Брат, Некролог, Брачен пар, Љубовничка, Снег, авторот се движи по пистата на дијалогизмот внесувајќи: иронија, црн хумор, бизарно, гротескно и на тој начин го разголува секојдневното и баналното постоење. Со последниот циклус Наоѓање камила, Гогов ја завршува книгата покажувајќи писателска зрелост, изградена наративна техника и заокружени стории - карти.
И со втората книга, Ацо Гогов ја покажува својата умешност во краткиот исказ, креативноста, специфичниот мешовит стил (миксот помеѓу прозното и поетското). Единствен недостаток кај овој автор е неизграденоста на ликовите. Во наредните книжевни остварувања очекувам поголемо развивање на ликовите, затоа што ликовите се главен актант на прозните собитија. Единствен матичен број ги картографира световите на субјекот – во отсуство. Понекогаш отсуството е поречовито и од самото присуство. Преку гласот на отсутниот – субјект-и кој/и одбива да молчи, Ацо Гогов си обезбедува уште повозвишено постоење и присуство.
ЕДИНСТВЕН МАТИЧЕН БРОЈ
„Животот може да биде тежок и лесен“, зборуваше ЕМБ 1211967460005. „Тежок, кога личи на врата во административна установа која постојано се отвора и затвора од странките – како влез и излез на среќите и несреќите – со оние згрчени лица, покорни во својата немоќ, со нејасни и збунети насмевки подготвени да станат фотоси на лична карта. Лесен, кога го потопуваш во чаша вода како шумлива таблета. Јадовите остануваатна дното.“
Раѓањето се одвива во континуитет и повторливост. И понатаму ќе се раѓаат нови субјекти со нови матични броеви, лични кодови и мемории. Но, ЕМБ на Ацо Гогов ќе биде запаметен по неговата посебност, креативност и писателска умешност и на тој начин, уште долго ќе живее на книжевната сцена. Ќе биде Е – единствен, М – мемориран, Б – boy.
_________________
 
Ана Андроска, Хармоника, масло на медијапан (2012), отворена во Чифте амам од 17 мај до 02 јуни 2012.
   
Antolog © 2011, Сите права се задржани