Скопје, година IV, број 15, Октомври 2011-Април 2012, 2012
 
Насловна
Мисија
Издавач
Изданија
Импресум
Архива
Контакт
 
за изострен ум
Носталгија
Скопје без некогаш, само сега
 
Фасадата треба тој простор да го преслика на рамнината која се допира со сè што е надвор од објектот, треба да го покаже ставот на архитектот, да го покаже времето кога е градена и да има конкретна и постоечка идеологија.
Драган Крстевски-Гаго
Кон Скопје на суштини и на фасади.
После навистина предолгата пауза еве ме повторно назад. И после толку време пак во градот Скопје има иста доминантна архитектонска тема. Сакав овој текст да го посветам на нешто друго, ама се чувствувам должен повторно да го посветам на нашето Скопје. Нашиот град кој полека го снемува, или поспонтано кажано, се трансформира. И нема да кажам дека сме неми, бидејќи како овој текст има и многу други кои гласно зборуваат, ама сме глуви.
Жал ми е што Скопје ќе го заборавиме и ќе треба одново да го учиме и да се навикнуваме на него. Ќе го нема она Скопје кое мене лично ми значи нешто. Повеќето објекти кои ми значат, повеќето простори кои, какви и да биле, сум ги сакал, па и да не сум ги сакал некогаш, сакам и да ги паметам дека не сум ги сакал. И тоа е меморија. Не мора да ја бојам розова па да ми значи нешто. Новото Скопје, старо 2 години, ќе има проблем да ми раскаже приказна. И јас ќе имам мака да си ја измислувам да не ми биде сè бесмислено. Па, јас подолго студирам архитектура од периодот за кој се смени архитектурата на Скопје. И урбанизмот.
Ќе зборувам во прво лице за да не генерализирам. И ќе зборувам само за фасадите во овој текст, бидејќи тие се првото нешто што го забележуваме кај објектите. Иако просторот кој го генерираат е многу поважен од самата фасада. Фасадата треба тој простор да го преслика на рамнината која се допира со сè што е надвор од објектот, треба да го покаже ставот на архитектот, да го покаже времето кога е градена и да има конкретна и постоечка идеологија. Фасадите кои се менуваат во Скопје мене ми значат. Можеби не им се допаѓаат на сите, ама се дел од една колективна меморија која постои со години. За мене тие значат Скопје во едно време кога јас постојам во градот. Па, и моето друштво, и да не е најдоброто на свет, го сакам такво какво што е. И не би го менувал.
Со менување на фасадата се создава една нова идеологија на објектот. Неискрена и лажна. Тоа е како да слушаш музика од една песна, а текст од друга. И двете песни да се супер, супер се, затоа што се направени такви какви што се. Зошто се трудиме да избришеме еден период во Скопје кој е многу важен. Зошто не почнеме да ги согледуваме вредностите на тој период во градот? Скопје е еден од ретките градови во светот со модерен центар. Скоро сите градови имаат барокен или ренесансен центар. Центарот на Скопје токму со тоа што е различен му дава посебен шарм, посебна енергија. Го прави поенергичен и похрабар. И тоа треба да го цениме. Најпрво треба да го забележиме тоа. И треба да им го оставиме на следните генерации во наследство за и тие да го видат, а не себично да го менуваме и да го правиме како што ние (го) сакаме. Може да го дополнуваме, но не и да го негираме. Името не го менуваме, ама лесно менуваме сè друго.
На Скопје му фали Скопје.




_________________
Драган Крстевски (Скопје, 1987). Завршил Меѓународна матура (International Baccalaureate) во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ - Скопје, со матурска тема „Мастер планот на Кензо Танге за центарот на Скопје по земјотресот 1963“. Моментално е студент на Архитектонскиот факултет. Негови интереси се архитектурата, културата, сликарството, патувањето и градот Скопје.
 
Ана Андроска, Малиот принц, масло на медијапан (2012), отворена во Чифте амам од 17 мај до 02 јуни 2012.
   
Antolog © 2011, Сите права се задржани