Скопје, година IV, број 15, Октомври 2011-Април 2012, 2012
 
Насловна
Мисија
Издавач
Изданија
Импресум
Архива
Контакт
 
за изострен ум
Мацедонише шпрахе
Длабока сторија
 
Врз страниците на романот отчукува „белото срце“ на Ранц кое станува маркер за едно кукавичко и бледо убиство.
Марина Мијаковска
Кон Срце толку бело од Хавиер Маријас во превод на Славица Гаџова, „Или-или“ (2011).
Срце толку бело од Хавиер Маријас е современ шпански роман со длабока и брилијантна сторија за бракот, неверството, убиството, сомнежот и молкот. Романот е објавен на шпански јазик во 1992 г., а на македонската читателска публика ѝ е достапен за првпат во 2011 г. , преку извонредниот превод на Славица Гаџова и издавачката куќа „Или-или“ од Скопје.
Романот Срце толку бело воспоставува експлицитна и намерна интертекстуалност со Шекспировата трагедија Макбет. Хавиер Маријас во изградбата на наративната конструкција и приказната тргнува од најпознатиот цитат на лејди Макбет Моите раце ја имаат твојата боја, но, би се срамела да имам срце толку бело. Авторот прави намерна и јасна интертекстуална алузија во самиот наслов на романот, и на тој начин, преку таквото врамување, ја отвара оптиката за супер-читателското интерпретирање на мозаикот од скриените значења. Насловот станува прва котва преку која читателот може да се нурне во длабочините на приказната на едно шпанско семејство во Мадрид, нивните семејни односи, бракот, неверството, молкот и убиството.
Структурата на оваа приказна и моделот на свет во романот е изграден преку внатрешниот монолог и внатрешната фокализација на ликовите. Авторот посегнува по современа епифанија преку која ги изнесува своите видувања за бракот како институција, кршењето на брачните завети, убиството на сопругата и кукавичкото премолчување на вистината. Врз страниците на романот отчукува „белото срце“ на Ранц кое станува маркер за едно кукавичко, страшливо и бледо убиство на сопствената сопруга.
За романот е карактеристичен збиениот наративен стил кој се состои од предолги реченици, прустовскиот раскажувачки манир и амалгамскиот стил. Но, и покрај замките на збиениот стил и предолгите реченици во раскажувачката техника на Хавиер Маријас, преведувачката од шпански јазик, Славица Гаџова, врши одлична адаптација на романот од шпански на македонски јазик. Преводот е извонредно прецизен, амнестиран од лексички грешки и технички недостатоци. На овој начин, Гаџова на читателот му подарува исклучителен роман со исклучителен превод.


_________________
Марина Мијаковска е родена 1984 година во Скопје. Моментално е на постдипломски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Посетувала предавања од областа на родовите студии во Истражувачкиот центар за родови студии – Институт Евро Балкан – Скопје. Пишува поезија, есеи и книжевни осврти. Свои прилози објавувала во Лоза, Наше писмо и други списанија. Неодамна ја објави својата дебитантска збирка насловена Номадска душа (2010).
 
Ана Андроска, Кукличка, масло на медијапан (2008-9), отворена во Чифте амам од 17 мај до 02 јуни 2012.
   
Antolog © 2011, Сите права се задржани