Скопје, година IV, број 15, Октомври 2011-Април 2012, 2012
 
Насловна
Мисија
Издавач
Изданија
Импресум
Архива
Контакт
 
за изострен ум
Театар
Активирани енергии
 
Двајцата актери, толкувајќи ги своите ликови, протејски метаморфозираат и она што било навидум една целина, еден лик, се раслојува на мноштво ликови и гласови, на мноштво палимпсести кои се појавуваат на површината.
Ацо Гогов
Кон претставата Крајот на кралот во режија на Горан Тренчовски (независен проект).
Претставата Крајот на кралот е обид за модифицирање и усовршување на изразните средства на актерите, восприемање на театарскиот чин како отворен процес, постојано барање на нова реч и ново движење. На тој начин, преку актерската умешност на импровизација, отворени се бесконечно многу можности; се открива еден зашеметувачки и непрегледен диегетички Универзум, кој одново и одново треба да биде пре-создаден, при преминот од темнина во светлина и обратно.
Претставата ја имаше својата праизведба пред отприлика една година, на отворен простор, во Стар Дојран, под отворено небо и столетни дрвја во заднина, како природен ентериер кој можеби навестуваше кралски палати и скалила; но, исто така, можеби навестуваше и шекспировски духови кои, онепревдани и симнати со измама од престолот, потајно се прикрале да го набљудуваат вечниот спектакл.
Драмскиот текст, чиј автор е Васе Манчев, е своевидна реплика во непрекинатиот процес на дијалогизирање и вкрстување на книжевните текстови меѓу себе; интертекстуално надоврзување на бекетовско-јонесковската-арабаловската драматургија, т. е. на културолошкиот феномен познат како Театар на апсурдот.
Најновата изведба на претставата се случи, повторно, на отворен простор, на локацијата Амфитеатар, во Струмица, и повторно во едно меѓусебно испреплетување на светлините и темнините, со кралската круна како ноќно сонце. Изведбата го актуализира константниот агон во настојувањето да се земе власта; агон кој двајцата ликови – Кралот и Принцот – ги води по тенката линија на лудилото, cè до конечното истребување и исчезнување. Режисерот ја конципира претставата симулирајќи ја технологијата на истражна, судска постапка: помладиот, Принцот, распрашува и обвинува; другиот, Кралот, узурпаторот на власта, одговора и се брани. Покрај овие два лика постои уште еден лик, кој не фигурира сценски, туку се јавува како глас кој ја соопштува пресудата на Кралот. Агонот, меѓусебната пресметка се случува во апстрактен време/простор: отсуствуваат вербални или сценски знаци кои би го ситуирале дејствието во одреден историски контекст.
Режисерот ја назначува театралноста не само преку играта на актерите, туку и преку сценските предмети кои функционираат како лудички предмети, т.е. поминуваат низ процес на ресемантизација: столот станува чамец за пловење, рачната лопата станува гитара, филмска камера, фотографски апарат, а кофата за вода станува кралска круна.
Васил Михаил како Принц, и Ванчо Мелев во улогата на Крал, ги креираат своите ликови – доследно на естетиката на анти-драмата и анти-театарот – со нагласена доза на претерување - во гестовите, во мимиката, во движењето; сè е пренагласено, сè е предимензионирано: ова е театар! Секој од овие два лика, во текот на изведбата, се распаѓа и повторно – преку метаморфоза - се раѓа како некој друг лик. Во еден миг Принцот е сериозен млад човек, во друг – инфантилно, плачливо дете, во трет – суров мачител, во четврт – невин и неопитен мечтател. Исто како што во еден момент од изведбата Ванчо Мелев како Крал е достоинствен старец, во друг – подетинет возрасен човек, во трет – комедијант и шарлатан, во четврт – пеколно лукав политичар. Двајцата актери, толкувајќи ги своите ликови, протејски метаморфозираат и она што било навидум една целина, еден лик, се раслојува на мноштво ликови и гласови, на мноштво палимпсести кои се појавуваат на површината.
Претставата Крајот на кралот, преку комбинацијата млад актер – постар актер, и преку постојаното менување на локациите на изведбата, настојува да ги активира актерските енергии во потрагата по совршен уметнички облик.


_________________
Ацо Гогов е роден 1971 година во Струмица. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност (научна насока) на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Самостојно и во корелација со културните институции во Струмица, учествувал во неколку десетици проекти од сферата на културата. Објавувал книжевни и театарски рецензии во весниците „Студентски збор“ и „Пулс“. Се занимава со компаратистика и објавува научни студии и есеи во периодиката. Автор е на книгите Географија на маленкоста (2009) и Единствен матичен број (2012), во издание на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.
 
Ана Андроска, Чудни се патиштата, масло на медијапан (2011), отворена во Чифте амам од 17 мај до 02 јуни 2012.
   
Antolog © 2011, Сите права се задржани