Скопје, година IV, број 15, Октомври 2011-Април 2012, 2012
 
Насловна
Мисија
Издавач
Изданија
Импресум
Архива
Контакт
 
за изострен ум
Наместо амалгам
Плодотворна комуникација со полските читатели
 
Урбана, современа, реалистична, со шармантна доза на хумор и сарказам, сугестивна и провокативна, прозата на Жарко Кујунџиски е четиво кое му конвинира на современиот грч.
Соња Стојменска-Елзесер
Кон Spectator, Žarko Kujundžiski, Instytut Filologii Słowiańskiej, 2012.
Полската читателска публика, позната како публика со истенчен книжевен вкус, со ова издание добива можност да воспостави контакт со едно прозно дело од поновата македонска романескна продукција, со романот Spectator од македонскиот писател Жарко Кујунџиски, објавен за првпат во 2003 година. Секоe ваквo претставување на македонската литература, особено во културна средина со високи естетски критериуми, каква што е полската, побудува особена возбуда и радост.
Романот на Кујунџиски, инаку прв романескнен потфат на во тоа време младиот автор, претставува едно свежо четиво со изразен личен печат, со карактеристики блиски до духот на времето во кое настанува, прозни постапки кои укажуваат на книжевен ентузијазам, љубопитство и нескротлив творечки жар. Spectator е еден од најексплицитните примери на роман-сложувалка во македонската проза, постапка која со постмодерната стана особено популарна и атрактивна. Во овој роман таквата „отвореност“ на формата е доследно спроведена во типичен „кортасаровски“ манир, така што на читателот му е оставена можност по свој избор да ја комбинира структурата на романот, онака како што самиот милува, или според инструкциите на авторот кои се поместени на самиот негов крај. Пред сè, комбинаторичката игра е овозможена со принципот на фрагментарност, кој е доминантен во овој роман. Авторот не се обидува да опише некоја детализирана и комплетна приказна, туку распрснува по невидливото поле на приказната неколку (дваесетина) прозни парчиња, приказнични сегменти, кои според извесни сигнали можат, но и не мора да се групираат во парови. Иако приказните фунционираат и самостојно, сепак според основните прозни параметри, како што се ликовите и локализацијата, се меѓусебно испреплетени и го чинат живото пулсирачко ткиво на романот, кое поливалентно раскажува една иста приказна – приказната на односите меѓу луѓето, приказната за љубовта, односно не-љубовта, препознавањето на љубовта, нејзиното вивнување и згаснување... Самиот наслов на романот упатува на визуелноста како основа на ова писмо. Авторот како постојано да го „снима“ она што го набљудува, но не со филмска камера, туку со помош на зборовите. Прозниот дискурс мошне примамливо ги употребува техниките на филмскиот запис, игриво остварувајќи монтажа на секвенците од дијалозите со описите на ентериери и екстериери, со урбани пејзажи или пејзажи на плажи... Љубовните и брачни парови, како и пријателите и друштвата, ги следиме во нивните преиспитувања на љубовта во различни локални бои, во различни културни милјеа: на италијанскиот брег, во една прашка четврт, пред мостот во Лондон, крај Љубљаница... Тоа поигрување со локалитетите и боите и` дава посебен универзален вкус на оваа проза, која не се врзува само за конкретен контекст, туку бидувајќи поврзана за автентични топографски координати, проговорува на јасен и непретенциозен начин за универзалните човечки дилеми. Прозата на Кујунџиски нуди скици кои ја провоцираат активната позиција на читателот и негово дообмислување и допромислување на поставените прашања и заплетканите ситуации при меѓучовечките односи. Урбана, современа, реалистична, со шармантна доза на хумор и сарказам, сугестивна и провокативна, прозата на Жарко Кујунџиски е четиво кое му конвинира на современиот грч на нервозно и брзо живеење и која преку баналните сцени од секојдневието успева суптилно да ги возбуди читателските емоции и да разбуди реакции од метафизичка природа.
Верувам дека и преводот на Spectator на полски јазик ќе воспостави таква плодотворна комуникација со полските читатели, дека ќе ја испровоцира нивната неопходна активна позиција и ќе предизвика кај нив креативна резонанца, која ќе им ја овозможи возбудливата авантура на дружењето со овој роман.

Скопје, март 2012

_________________
д-р Соња Стојменска-Елзесер (1963) докторирала на Групата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во периодот 1997-2000 престојувала на Карловиот универзитет, Прага, Република Чешка, како лектор по македонски јазик. Дел е од Одделение за теорија на литературата и компаративна книжевност при Институтот за македонска литература во Скопје. Објавени книги Пулсирачка филологија: Теоретските и методолошките принципи на Михаил Бахтин; Игропис: есеи за книжевниот лудизам, Споредбена славистика , Гризни го јаболкото: антологија на македонската еротска проза.
 
Ана Андроска, Црвената птица, масло на медијапан (2009), отворена во Чифте амам од 17 мај до 02 јуни 2012.
   
Antolog © 2011, Сите права се задржани