Репер е слободно интернет списание посветено на афирмацијата на македонската култура и уметност преку (долготраен) перпетуален процес на изградување нови критичарски приоди и приоритети.
Се' повеќе ги чувствуваме последиците од Ахиловата пета на македонската културна средина - немањето или губењето независен и релевантен критички однос кон творештвото.
Комерцијалноориентираните весници го проретчија објавувањето стручни пристапи кон уметничките дела. Периодиката, пак, е прилично агилна, но, од една страна, останува во кругот на саможивиот еснаф, а од друга страна, ретко кога можеме да прочитаме непресметан, научно поткован пристап кон текстовите на културата, издигнат над нивото на лична преписка.
Репер треба:
- да даде свој придонес во поткрепување идна активна критичарско-теоретска платформа;
- празнинатата од нови, образовани и млади критичари да ја направи помалку широка;
- обилно да ја дисперзира и поддржи убавата уметност, како во широкиот јавен простор, така и во општествените шуплини и пори;
- да создаде медиум со независно и плурално рацио и гранитно етичко кредо; |
|
- да го поттикнува и развива квалитетот во сите уметности присутни на македонската сцена: книжевност, театар, музика, визуелни уметности, филм, архитектура, опера, балет, скулптура, дизајн, видео-арт, концерти, манифестации, како и граничните појаси;
- да наметне конкурентен систем (текстовите што ќе се објавуваат во секој број ќе бидат избор на најзначајните и најактуелните од повеќе поднесени, од различни автори и области);
- да создаде критички простор кој ќе зрачи/емитира релевантност и ќе биде од значење за сите чинители на творечкиот процес (автори, дела, критичари, публика);
- преку текстовите за текстовите на уметностите, да го поттикне и суптилизира интересот и вниманитето за запоставените области (кабаре, современа градска архитектура, опера и балет, документарен филм, авангардна, андерграунд...);
- да покаже дека македонското општество е разнолико и потентно и не може да се сведе на избројани обрасци.
- да ги регрутира младите креативци во shareware презентација на својот интелектуален кредибилитет.
- да марикира, сугерира, истражува и посочува, да афирмира, поентира, анализира и да дијалогизира.
Репер е списание за луѓе со истанчен вкус и изострен ум.
Скопје, март 2008.
|