Дали се доволно храбри новите/младите автори за некој нов „Сок од простата“?

Дали се доволно храбри новите/младите автори за некој нов „Сок од простата“?
(промотивна реч по поводот јубилејното издание на „Сок од простата“
(Скопје: Ми-Ан, 2022, 418))

Појавата на „Сок од простата“ беше скоро шокантна. Се сеќавам имав само 24 години и бев тазе вработена, нешто повеќе од година дена, на Филолошкиот факултет. Бев и младешки љубопитна, но и малку воздржана. Воздржаноста, а донекаде и зазорноста/нелагодноста доаѓаше заради тоа што почнував да припаѓам на универзитетската средина, а самиот наслов не ме водеше кон онаа универзитетска професионалност. Така што таа 1991 како година во која се случи и независноста на Македонија се покажа и како година во која македонскиот роман се отргна од сите оние резервираности и конзерватизми и се издигна во една нова уметничка слобода. Кога се појави за првпат на полиците и во излозите на македонските книжарници, тој бодеше очи. И лека полека почна да го скокотка обичниот читател со тоа што за тогашните наши издавачки прилики покажуваше едно исклучително вонредно интересирање. Впрочем, почна да се зборува дека тој е храбар роман како со својата социјално-политичка содржина, така и со неконвенционалност во третирањето на односите меѓу жената и мажот. Веднаш не поитав да го земам. Веднаш не зедов да го читам. Но она што ме скокоткаше е како Јован Павловски успеал да го преплете еротското со социјалното и политичкото, и како интимното т.е. она најинтимно го вклопил во животниот податок и документот? Кога го прочитав, го доживеав како приказна и жешка и жестока, и наелектризирана и еротизирана. Од денешна гледна точна хронотопот по многу нешта станува и силно симболичен – сместен во период од Велигден 1989 до Божиќ 1990 (од умирање и воскреснување до повторно раѓање) на релација Москва – Скопје. Нешто премногу вриеше и во Европа и во светот, па и во тогашна Југославија. Паѓаа многу ѕидови. Некои народи се разделуваа, некои се прегрнуваа. Умираа држави. Се раѓаа нови. И во тој вриеж, зовре и македонската книжевна сцена. „Сок од простата„ покажа дека еротизираноста не доаѓа само од постелата, не се случува само во постелата, туку многу повеќе извира од/во социјалното и општественото живеење.
Ме интригираше она мислење на Миодраг Друговац кој за „Сок од простата“, покрај тоа што смета(ше) дека е „… едно од најоригиналните дела на македонската и југословенската литература“, меѓу другото изјавува(ше) и дека „… е еретичко дело што фасцинира!“
Затоа, еве го „Сок од простата“ во нови корици со можност за препрочитување и реактуелизирање. Но, и со можност да се види дали она што пред 30-тина години било доживеано како еретичко дело што фасцинира/скокотка, сѐ уште фасцинира/скокотка или … Значи ние сме на потег – читателите, критичарите, книжевните проучувачи…


Изданието што вечерва го промовираме е по и нешто друго посебно. Имено, покрај самиот роман, во него се поместени и осум (8) текстови што од повеќе аспекти (и книжевно и јазично и културолошки и социолошки) го читаат творештвото на Јован Павловски.
Така, за Катица Ќулавкова провокација е да се произнесе за неговото поетско творештво, при што го чита низ призма на неговите митски, историски и поетски слики. „Јован Павловски“, пишуваа таа, „ѝ посветува триесетина песни на темата „Медеја“ во својата книга поезија под наслов Медеја (Скопје, Македонска книга, 1969). Оваа книга е еден вид лирска поема за Медеја, вдахновена од митскиот прототекст за жената – љубовница, мајка, волшебничка и чедоморка.“ Но дали и во оваа негова збирка, не може да се чита и една прикриена и суптилна еротизирана Медеја, зашто Медеја на Јован Павловски е речиси „Медеја од нашата улица“. И колку овие стихови заведуваат со шармот на древните преданија и античките драми и имаат едно далечно ехо на античката Медеја, толку тие градат еден нов и урбан, современ мит. Па така и онаа античка и Јованова Медеја се инкарнира во она „девојче од Тетово“.
Во текстот „Правта и ѕвездите“, Наташа Аврамовска својот интерес го насочува кон романот „Град, години, луѓе“ (2009) на Јован Павловски. Таа го чита како што вели самата како: „запис за будењето во сонот со кој говорат предците. Океанот на ноќта е времеплов што ја еманира светлината, онолку колку што е потребно од неа да се распредат миговите што ја ткаат приказната – семејната сага на опстојувањето.“ Аврамовска студиозно исчитувајќи го романот доаѓа до заклучокот дека овој роман кој го вбројуваат меѓу врвните остварувања на македонското раскажувачко умеење, како релативно кус роман, од двесте крупно испечатени страници, кои се читаат во еден здив, никогаш повеќе не се заборава!
Впрочем текстот на Аврамовска е само еден влез во раскажувачките светови на Јован Павловски што се поттик за Лорета Георгиевска-Јаковлева. Таа тргнувајќи од фактот дека опусот на Јован Павловски е неправедно подзаборавен од книжевната критика и книжевната наука, решава да ја поправи донекаде оваа грешка и се фаќа со сериозна работа да ги подреди/класифицира, но и толкува Јовановите прозни остварувања. Појдовната точка во нејзините промислувања се оние различни одредувања во книжевната критика за неговата проза како модерна, постмодерна, или фрагментарна, политичка, документарна и слично, за потоа да потенцира дека секоја средба со романсиерскиот свет на Јован Павловски е возбудлив предизвик и повик нештата да се исчитаат и од друг агол. Во аргументација на тезата Георгиевска-Јаковлева ги дефинира романите како специфичен вид „стварносна проза“ со отстапки. Така што овој нејзин прилог отвора многу нови прашања и насочува кон нови полемики.
За мене како централен текст се издвојува трудот на Гоце Смилевски. Тој се осврнува токму на романот „Сок од простата“ кој го квалификува како роман за еросот, отуѓеноста и општествената ентропија. „Романот „Сок од простата“ од Јован Павловски со своето појавување во 1991 година беше настан во македонската книжевна средина и веднаш беше оценет како полемичен роман против струјата (Старделов 1991: 350, 352), „еретичко дело со многу предизвици на вкусот и моралот“ (Друговац 1991: 361), книжевно остварување што „на главна врата ја внесува еротиката во современата македонска литература, ја внесува со достоинства на комплетно остварување кое ја има енергијата на неодоливата уметничка мотивираност“ (Бошковски 1993: 220).“. Вака го отвора своето исчитување Смилевски за потоа многу прецизно, скоро хируршки да прави засеци во приказната на Ангел Биков со успешни книжевно-теориски согледби и споредби. Овој негов текст се обидува да даде и одговор на прашањето за тоа како тој роман и денес, повеќе од три децении од првообјавувањето, звучи толку современо. Еден од одговорите, како што вели и тој самиот, веројатно лежи во начинот на кој Јован Павловски им пристапил на темите во „Сок од простата“ при романескното обликување, и кој е обележје и на другите негови романсиерски остварувања.
Во ова издание по повод 85 години од раѓањето и 60 години творештво на Јован Павловски, поместена е и беседа на Владимир Мартиновски по повод чествувањето на писателот Јован Павловски во ДПМ на први јуни 2017 година. Самата беседа има исклучително провокативен наслов: „Симбиоза на поетското и научното во творечката лабораторија на Јован Павловски“. „Во поетското творештво на Јован Павловски има неколку битни поетички и тематско-мотивски пресврти, кои се битни како за неговиот поетски пат така и за развојот на современата македонска поезија.“, нагласува Мартиновски. Така уште рано се забележува неговото префрлање на интересот од лирското од првите поетски книги кон прашањата на идентитетот. Мартиновски ја истакнува поетската љубопитност на Павловски и неговата ерудиција во огромен број области и дисциплини. Токму тоа, според Мартиновски, „води кон еден уникатен спој на поетското и научното. Јован Павловски“, нагласува тој, „би можел да се спореди со поетот-философ Тит Лукретиј Кар во рамките на древната римска поезија: и едниот и другиот, секој на свој начин, го спојуваат навидум неспоивото – научниот потход со поетскиот дискурс и светоглед. Едниот пее за атомите и метеролошките појави, а другиот за кристализацијата и оксидацијата како природни појави, но и како поетски метафори.“
На ова се надоврзува трудот на Лидија Капушевска-Дракулевска кој се осврнува на најновата стихозбирка на Павловски „Тоа беше само сон“. Таа ја исчитува како своевидна синтеза на неговата шестдецениска мошне оригинална и автентична поетска авантура. Прошетката по овие стихови од неговата последна збирка става акцент на значењето на самата поезија на глобален и на индивидуален план. Капушевска-Дракулевска го потенцира тој премин од лирскиот, субјективниот или сликовитиот начин на пеење – кон еден специфичен вид поимска поезија која се стреми кон своевидна хибридизација на поезијата и науката, две навидум сосема неспоиви човекови активности, како исклучителна особеност на поетското писмо на Павловски. Затоа таа вели дека: „… Јован Павловски е еден од ретките претставници на т. н. сциентистичка поезија кај нас.“. Во тој контекс и изборот сонот да е поетов хронотоп, но и инспирација, воопшто не е случајно. Имено, токму преку сонот „Јован Павловски повторно свесно се нурнува во сферите на еден феномен – подеднакво провокативен и за поетите, и за научниците.“, поентира Капушевска-Дракулевска.
Ова издание се затвора со два труда на млади проучувачи на македонскиот јазик, литература и култура. Така Бобан Карапејовски го има за предизвик јазикот и стилот на Јован Павловски, а Иван Антоновски пишува за еден подзаборавен сегмент од творештвото на Павловски поточно за двете поетски книги за деца „Мишо ишо шо о“ (Скопје: Мисла, 1972) и „На сите свететски страни само Ани, само Ани“ (Струга: Мисла, 1982), како и на поетскиот избор „Песни, многу важни песни“ (Скопје и Мелбурн: Матица македонска: 1997).
Овие стручни текстови посветени на творештвото на Јован Павловски се добра подлога за откривање на нови моменти од неговото писмо. Тие расветлуваат повеќе сегменти, но и отвораат нови прашања, поставуваат дилеми. Она што за мене е провокација дали таа шокантна еротизација во „Сок од простата“ беше само проблесок или обмислина реализација? Каде/кога се случи поттикот за таков роман кој неизмерно ѝ требаше на македонската книжевна сцена? Зошто Павловски не напиша некој друг роман во тој манир? Дали не е време за некој друг „Сок од простата“ со потпис на некое друго име и презиме? Дали се доволно храбри новите/младите автори за некој нов „Сок од простата“?

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
РЕВОЛУЦИЈАТА НЕМА ДА БИДЕ НА ТЕЛЕВИЗИЈА
(Нема стих, нема мир!: антологија на нашите омилени песни: бунт, приредувач и...
Повеќе
0 replies on “Дали се доволно храбри новите/младите автори за некој нов „Сок од простата“?”