OД МЕГАУСПЕШНА ПРЕТСТАВА ДО КОМПАКТЕН И МОЌЕН РОМАН

Игор Штикс (1977, Сараево), писател, универзитетски професор, публицист, глобтротер, активист, еден од најмаркантите ангажирани интелектуалци, регионални и европски… И, повторно, Писател. Од несомнено европски формат и калибар. Афирмиран во повеќе јазици, добитник на голем број книжевни и театарски награди, вклучително и на францускиот орден Chevalier des Artes et des Lettres.

*

На Универзитетот во Загреб, Штикс дипломирал компаративна книжевност. Докторирал на парискиот Институт на политички студии Science Po и на американскиот Northwestern University (кој, попатно, во романот Сечилиште/Rezalište агира и како релевантен книжевен топос). Предавал на универзитетите во Единбург, Грац, Љубљана и во Сараево, колегиумите од областа на политички науки, културални и уметнички студии, човекови права и демократија. 

Од 2020 година предава на белградскиот Факултет за медиуми и комуникации, како редовен професор насочен/посветен кон областите на политички науки, политички теории, општествени движења, културни студии и уметност. 

Како автор, коавтор, приредувач или уредник, има објавено/потпишано повеќе респективни научни монографии, зборници и публицистички книги од областа на својата примарна струка (политикологија и културологија). 

*

Неговото љубопитство без граници и своевидниот вишок на креативна енергија, предимства несомнено карактеристични/типични за сите заколнати и автентични немирници, Игор Штикс успешно го „скршнале“ и кон заводливите патеки на таканаречената уметничка книжевност. Belles-lettres! Веќе со дебитанскиот роман Дворецот во Ромања, „скршнувањето“ се потврдило и континуирано се потврдува како повеќе од успешно! 

Во текот на последниве дваесетина години – помеѓу 2000 и 2021 година – белетристичкиот скор на писателот Игор Штикс го афирмираат дури осум релевантни библиографски наслови: четири романи, една поетска збирка, три драми. Речиси сите наградувани, преобјавувани, преведени на повеќе јазици (некои и на петнаесеттина јазици!), читани и перципирани како бестселери или, кога зборуваме за драмите, како хит-претстави кои со години остануваат на репертоарот и за кои се бара билет повеќе. 

*

Првиот роман на Игор Штикс, Дворец во Ромања/Dvorav u Romagni, во 2000 година ја доби респективната хрватска книжевна награда Славејче (Slavić), која се доделува за дебитантска книга. Тој миг, авторот има само 23 години! Дворецот релативно бргу (речиси веднаш) „излегува во белиот свет“: до денес, преведен е на петнаесетина јазици. 

Вториот роман, Столот на Елијах (Elijahova stolica), во 2006 година ги добива дури двете најугледни хрватски награди за проза и се преведува, речиси промптно, како и претходниот. Четири години подоцна, 2010-тата, театарскиот режисер Борис Лијешевиќ – генерациски врсник на авторот, исклучително компетентен и ретко инвентивен толкувач на најзагадочните прозни и драмски партитури – романот го транспонира во театарска претстава. Во драматизација на велемајсторот Дарко Лукиќ и во продукција на елитното Југословенско драмско позориште во Белград, претставата Столот на Елијах останува запаметена како една од најуспешните на декадата: маестрално играна, долговечна, трофејна во секоја смисла, овенчана со куп најпрестижни награди (една е и Grand Prix на БИТЕФ, 2011). 

И следните два романи – Сечилиште/Rezalište (2017) и W (2019) – ги следи и ги сигнира истата аура на успешноста. Објавувани кај компетентните и ептен „големи“ издавачи – речиси напоредно во Загреб и во Белград сериозно промовирани и професионално дистрибуирани, и двата романи набргу биле преведени и/или допрва ќе се преведуваат, очекувано, на сѐ повеќе јазици. Потврдувајќи го, уште еднаш, европскиот статус на авторот!

*

Биобиблиографиите на Игор Штикс редовно ги евидентираат и податоците за неговите три драмски наслови – Столот на Елијах (2011), Брашно во вените (2015) и Зрењанин (2017). Сите три успешни, првите два дури и „прочуени“ во поширокиот (регионален) контекст, та наградувани на повеќе сериозни театарски фестивали, не само „тукашни“ туку и меѓународни. Сосема е неслучајно дека и трите драмски партитури ги има праизведено/режирано токму Борис Лијешевиќ (1976, Белград), кој со Штикс несомнено го споделува она што културологот Р. Вилијамс го дефинира како „структура на чувствителноста“. Сигурна сум дека го споделуваа и генерацискиот светоглед (барем донекаде), можеби и односот кон таканаречениот ангажман, не само политички, што е повеќе од добар залог за успешна соработка. Во мигот, Лијешевиќ е еден од најмаркантните режисери во поширокиот ни културен простор, луциден и неверојатно темелен читател-истражувач на најкомпликуваните прозни и драмски партитури кои куражно ги транспонира во, ајде да речеме, „фасцинантни сценски слики“ (Војна и мир на Толстој е неговиот последен театарски проект!). 

Оттука, зборувајќи за драмската тријада на Игор Штикс, имено за неговата драматика „како таква“, не смееме да го „скокнеме“ и сериозниот професионален придонес – занаетчиски и, бездруго, креативен! – на неговиот „дворски режисер“ Борис Лијешевиќ; ниту, пак, смееме да го „багателизираме“ и ептен сериозниот продуцентски влог на театрите кои умееле да ги препознаат перформативните капацитети и на трите негови драмски/драматуршки предлошки. Во првиот случај, Столот на Елијах (Elijahova stolica), авторската и продуцентската постапка беше „вообичаена“: суперуспешниот и популарен роман треба да се „препакува“/„редуцира“ во она што апликативната драматургија го нарекува „сценски текст“ или „текст на претставата“. И потоа да се изрежира и да се изведува на сцената. 

Ама, во случајот на Штиксовиот последен роман Сечилиште/Rezalište, авторската постапката беше обратна: постоечкиот (негов!) „сценски текст“ или „текст на претстава“ (составуван, во текот на процесот, во тесна соработка со ансамблот), иницијално озаглавен (но и прославен!) со претенциозен наслов Брашно во вените/Brašno u venama, во романескната форма е транспониран – отпосле. Две години по театарската изведба.

 Причината е, мислам, мегауспешноста на самата претстава, праизведена – во режија на Борис Лијешевиќ – на сцената на сараевскиот театар Сартр, во април 2015 година. Ја гледав цели три години по премиерата, во Скопје, триумфираше на фестивалот Скупи фест (Grand Prix, 2018). Чинам дека на матичната сараевска сцена уште се игра, би сакала да ја видам пак! Моќен текст, типичен штиковски; минуциозна и тактилна, навидум „невидлива“ режија на Лијешевиќ; ансамблот од петмина актери-капиталци, заробени во пеколна семејно-воено-поствоена драма („ибзеновска или, подобро, бергмановска“, ми напиша еднаш Лијешевиќ), сите фатени за гушата на другиот, сите виновни за несреќите на секој еден од останатите четворица, сите заложници на сопствената вина. Со здружени сили на целиот тим и со неизмерната верба во проектот, Брашното е „престорено“ во уште една од најрелевантните (овдешни) претстави на декадата: клаустрофобична, опресивна, маестрално играна, „тешка“ во секоја смисла, долговечна, овенчана со петнаесетина награди од целиот регион. 

 Ерго, Штикс имал барем седумдесетиседум сериозни причини поради кои оваа билјур-претстава требаше да ја дочува за навек. А може „вистински“ да ја дочува само тој!

Најголем дел од работата веќе си беше одработен. „Сценскиот текст“ и „текстот на претставата“ – недоброј пати превртувани, допишувани, бришани и проверувани, најпрвин во текот на затворениот процес на пробите, кога до бесвест се „истражува“ и „сецира“ секое деталче; потоа и низ десетици и десетици проверки пред публиката – сѐ уште „живеел“ во колективната театарска меморија. Останало – „само“ – таа меморија Дотичниот Писател „отпосле“ да ја провлече низ уште еден сериозен, ептен сериозен rewriting. За да го препакува во прозен формат. Во роман. 

Процесот, сега, мораше да биде не само обратен, туку и монашки индивидуален. Приближно ваков: 

Дотичниот Писател се осамува на некое време, ги рециклира не само „остатоците“ од оној „сценски текст“ туку и меморабилиите од неговите „живи изведби“ (деталите на актерската игра, светло, интервенциите на „невидливиот“ Лијешевиќ, реакциите на публиката…). И ја превртува клепсидрата. Повеќепатно истражена и проверена граѓа – вклучително и меморираното чудо на колективниот театарски чин и колективните реакции/емоции на многубројните гледачи кои му сведочеле и го продржувале – сето тоа заедно да го преформатира во компактен и моќен прозен текст. 

Роман. 

Испишан без и најмал празен од, без ниту една одвишна дигресија, дури ни одвишен збор или запирка. Убиствено ефикасен! 

Читајќи го Сечилиште/Rezalište – за првпат објавено во Загреб (2017), а неодамна и во Белград (2022) – но и преведувајќи го од хрватски на македонски јазик (сепак, преведувачкото читање е најтемелно и најточно можно читање!), со сигурност можам да тврдам дека го прочитав досега „најкомпактниот“ роман на европскиот писател Игор Штикс! 

Chapeau!