СКАРБО НА БИТ – ПАЗАР

За книгите раскази „Скарбо во мојот двор“ (1986) и „Воден знак“ (1990) на Јадранка Владова

На полето на расказот, првите книги на авторите на ткн. „Петти круг“ („Речно улиште“ на Михајловски, „Тајна историја“ на Дурацовски, „Продавница на чист воздух“ на Петрески), на различен начин ја афирмираат многудимензионалноста на искуството на сензибилниот жител на градот. Она што пак овие збирки раскази го истакнуваат, во согласност со одделните раскажувачки позиции, е евокативниот, „пејзажниот“ квалитет, на поинаков начин од оној што дотогаш беше доминантен во македонската проза. Таквиот (урбан) пејзаж самиот се осознава или, подобро речено, се обидува да се осознае, зашто е менлив и тајновит. Навидум, ваквата поставеност кон сознанието ја негира класичната нарација, иако веќе првичниот преглед на некои од врвните мајстори на постмодернистичкиот расказ (Борхес, Калвино, Кортасар, Хандке…) покажува дека жедта кон нарацијата не е нагризена, туку се изразува, наспроти широкиот „реалистичен“ зафат, во просторот на приватното, асоцијативното, магичното.

Во тој контекст, веќе насловот на првата книга раскази на Јадранка Владова, „Скарбо во мојот двор“, сугерира исчекор од поширок кон интимен простор (Градот – Бит-пазар – дворот – куќата – собата). Во тоа привидно стеснување, нараторот се „остварува“, се аргументира навлегувајќи во втората стварност, во имагинарното. Оттаму, како што се вели во кусата автобиографска белешка, безграничната љубов кон Алојзиус Бертран (инаку роден на ист ден како авторката, 20-ти април), мистериозниот творец на ремек-делото на поетската проза „Гашпар Ноќникот“ (во која Скарбо е еден од фасцинантните ликови), кон големиот романтичарски поклоник на лунарниот, недофатлив свет. Суптилниот прозен вез на Владова, и кога е сентиментален, и кога, понекогаш, е осенчен со блага иронична дистанца, често се потпира во стилот на словенската раскажувачка традиција и се храни од нејзината богата чувственост. Бројните успешно изведени, но и силно емотивно емотивно доживеани раскази во книгата („Палавиот Амор“, „Стефан и светата Павлина“, „Посетата на мама Анета“, „Најдобриот пријател на татко ми“, „Кнезот Мишкин од Бит-пазар“, „Влегување во конверзација“, „Астралната посета на О.“, „Господарот на белото езеро“) каде барокната разработка на детаљот е сплотена во „смислата“, во носталгичниот хуманизам што провејува низ овој ракопис, сведочат за автентичната атмосфера на битпазарските стории, но и за исто толку автентичните, артистички настојувања тој богат емотивен матерјал да се преточи во уметничка проза.

На пример, во расказот „Во исповеден тон за летувањето во Б.“, навидум интимната импресија за една посета на малото место Б. Со фини интервенции добива сосем друга физиономија. Текстот е поделен на глави со духовити наслови, а некогаш делот е без наслов (како оној што го раветлува ликот на тетинот). Или, во разиграната сказна за „Пантолфите на мајстор Вортик“, насловот следува по воведот (што печатарите не го разбрале, па почетокот на расказот е отпечатен на иста страница со претходниот расказ). Иако се чинат досетливи, овие „надворешни“ ефекти произлегуваат од една жива, немирна, колку постмодерна, толку стерновска авторска перспектива, што во привидната заобленост на просторот околу себе и во себе гледа подвижност, менливост, неизмерливост. Сѐ е подведено под сомнеж, во допирот, низ зборот, дури и во насмевката избива надземното – од сонот, од магијата – како потстрекнувачка негација на еднонасочната реалност. Од расказите на Владова нѐ опфаќа некоја порозност на атмосферата, на ликовите, на времето. Останува и фантастиката – можност да се пробие низ кревкиот превез на видливото, да се прочисти стварноста. Светот низ којшто нѐ води Владова веќе не се само препознатливите сокаци со дуќанчиња на старата скопска чаршија накитени со ракотворби на искусните еснафлии, туку интимниот свет на една повредлива сензибилност, за која секоја случка, па и збор, повлекува некоја друга случка, некој претходен збор. Оттаму поетскиот јазик на овие раскази што ја лови смислата лизгајќи се, филтрирајќи низ порите на трепетливото чувство, оттаму вешто забавениот ритам на раскажувањето во кој се интерполираат сцени, секвенци. Сѐ ова треба да се има предвид кога оваа проза се оценува како традиционалистичка; таа е најмалку тоа и по својот внатрешен карактер и по очевидното надминување на фактографската условеност. Драматичноста, само поттурната од надворешните импресии, навистина се случува во длабочината на маѓепсаните сетила. Владова останува приврзана кон приказната и сите игри со белините, инаку умерени, или монтажните интервенции во текстот се вклопени во раскажувањето.

„Легната помешечки на подот, претпазливо се смеам во ироничното кажување на Булгаков…“, така почнува расказот „Најдобриот пријател на татко ми“ и, навистина, претпазливоста кон острото гротескно прикажување е постојано присутна во „Скарбо“ наспроти една суптилна градација, ткаење на проѕирна, полна со насетувања атмосфера, што, донекаде, ако се поврзе со постапката на руските мајстори, му должи на чеховскиот раскажувачки манир, и уште повеќе на долгите, незаборавни интимни кадри кај Тарковски. Но… уште еднаш да се вратиме на задната корица на книгата, каде, покрај мироовскиот портрет од малечката роднина Лидија, Владова во двете допишани реченици се изјаснува за два важни факти од нејзиниот живот: првиот, дека засекогаш го сака Алојзиус Бетран и вториот, живее на Бит-пазар. Бит-пазар со чаршијата, со стрмните сокаци и прилепени куќички, е тесниот, магичен простор на сентименталното и на духовното созревање. Таквиот тајновит, а приврзан предел бара мистериозна и заштитничка владетелка: „… Седејќи на прагот, јас сум надвор од големите, силни шурки што ги блујат црните змии на цревата. Го мијат Бит-пазар. Боса трчам по измиените плочи на Старата чаршија, шлапкам пред излозите на малите дуќанчиња во кои „обичните“ стоки се преобразуваат во егзотични, скапоцени предмети за најпрефинети вкусови…

Месечината излегува зад облакот паѓајќи во потпорната мрежа на гранките на Големото Дрво – Селена, Луна, Месечина и – уште колку имиња за неа што е обична, неизнасилена светилка над мојот двор?

Вечерва не читам и немам чувство дека времето напразно минува. Знаејќи дека Скарбо се лула на Големото Дрво, долго, долго, долго, долго… мислам на Алојзиус“.

Навидум, Бит-пазар има малку допирни точки со средновековните градови и пејзажи од легендите, од бајките, од трубадурската поезија, од каде Алојзиус Бертран ги презема мотивите на своите фантазии. Но внимателниот (и веројатно, како Владова, набргу вљубен) читател на „Гашпар Ноќникот“, ќе се соочи со необичната соновидна атмосфера, што низ магичен, речиси бајачки шепот ги поврзува надреалните песни во проза на Бертран. Мелодично и просторно исцизелирани и изнијансирани, зборовите кај Бертран впечатливо ја поседуваат лирската асоцијативност, што на неговите „фантазми“ им дарува не само ониричен, туку и езотеричен штимунг, еден од најпосакуваните кај творците на т.н. лирска проза. Впечатокот при читањето на ваков тип проза, без оглед на степенот на нагласеноста на „јас“ обраќањето (многу позастапено кај Владова отколку кај нејзиниот инспиратор Бертран) или на истенченоста и нијансираноста на лирските слики… е дека ја испишуваат прекрасните губитници, оние што чувствувајќи ги сопирачките и стегите наметнати од времето и свеста, успеваат да излезат од нив, и сетилниот или носталгичниот податок да го преобразат во целосно внатрешно патување. Во расказите на Владова, особено кога лиризмот е поткрепен од „женскиот“ одговор на „машката“ фалократска вистинољубивост, се работи за своевидна постмодернистичка литературна стратегија (би цитирал еден навидум куриозитетен, но прилично индикативен исказ од „обратната“ страна на планетарниот номад Леонард Коен за односот кон Едит Пијаф: „Веднаш се вљубив во неа. Ја замислувам на сцената, облечена во црно. Затоа што имаше скршено срце може да ги скрши и нашите. Беше тоа една безнадежна жена… како и јас. Да, јас сум една безнадежна жена“. Се чини дека наспроти некои други феномени на постмодерната проза (фрагментација, дисперзирање, гитатност, интертекстуалност, белина…), за кои што прилично се дискутира и се пишува, постапката на т.н. „поетизација“ не ѝ ја донесува на прозата само очекуваната полидимензионалност, туку и квалитет на инаквост, другост што во однос на доминантната стварносна раскажувачка традиција во македонската проза до осумдесеттите, делува и провокативно и пожелно.

Следната книга на Владова „Воден знак“ (1990) веројатно созревала подолго време, па така во неа е видлив своевидниот меланж, соочување со претходни и сегашни текстови низ меѓусебно препознавање и допишување, што го нагласува и Миодраг Друговац: „Идеалот е остварување на Текст како чист изблик на Зборовна Прозрачност“. Оваа суптилна интенција на раскажувачката постапка кај Владова се открива и во книгата проза за деца „Измислување на светот или Ликијада“, создавана во исто време со „Воден знак“. И тука е присутно разлагањето, фрагментацијата, како и поетизацијата на раскажувањето, па иако книгата се определува како роман, таа е, всушност, „нижење на раскази-единки“, како што забележува Оливера Марковиќ во текстот „Под свилените трепки на љубовта“.

И структурата на „Воден знак“ сугерира дека книгата е градена осмислено и грижливо. Додека „Скарбо“, и покрај формалните иновации, е пред сѐ збирка раскази, „Воден знак“ е најблиску до добро вкомпонирано собиралиште на фрагменти – од дневник, од сон, од миговен дијалог со себеси… – ненасловените фрагменти се печатени со бели букви на црна подлога, оние пак со наслови, најчесто еднообразни или двообразни, како „вообичаени“ печатени, именувани белешки. Со тоа, од една страна, како да се потенцира осмозниот принцип во поврзувањето на текстовите (видлив и од трите точки со кои завршуваат „црните“ страници), а од друга, привидната целост уште повеќе да се дели, да се деструктуира во исечоци што во меѓусебните белини, паузи, ја наоѓаат смислата на отсутното, прескокнатото, претчувствуваното.

Во почетниот, ненасловен фрагмент повторно се спомнува Алојзиус Бертран („се насмевнува скептичен и за сопственото дело“). Поетизацијата на прозните контемплации е присутна и во оваа книга на Владова (три фрагменти: „Како сонува Марушка“, „Темна улица“ и „Ваза“ се лирски коментари, дополнувања на истоимените, во раната младост напишани песни). Венеријанската приврзаност кон малите нешта – предмети, глетки, „утехата на зборовите“, „скришните солзи“… – се вообличува во „Воден знак“ со понаметлива сентименталност отколку во „Скарбо“, со изразит копнеж срчата од мигови- одблесоци да се спои и меѓусебно срасне во флуидно, мозаично но непрекинливо постоење. Констатацијата на Шелева го зачнува токму тој квалитет: „Оттаму интерпретацијата на приказната како Желба кон другиот, во случајот на Владова се покажува точна: бидејќи нараторката со своите приказни ги повикува другите, кои поради типичниот (машки) немир за самопотврда – исчезнале во Заборав, Небитие, Смрт, додека таа, со нарцистичка (женска) самодоволност останала на истото, едно место“.

Опсесивното истражување на детството кај Владова, постојаната блискост и неодгатливост на Куќата и на Дворот со големото Дрво, затскриени во мистериозните лавиринти на Бит-пазар и на сеќавањето, ја реконструираат сетилноста (допир, предмети, дом, отфрленост, чудо) едновремено инспирирајќи ја потрагата по текстуалните можности. Тогаш, овој тип поетска проза би можел да се нарече и поетичка: изразитата свест за текстот поттикнува (слично како кај Дурацовски, иако во поинаква специфична изведба) авторката на „Воден знак“ од наратор што ја бележи или ја гради приказната да се преобразува во коментатор, кој ја чита или ја препрочитува веќе кажаната приказна. Дали се тоа маргиналии на работ на текстот, белешки, писменца… или пак почеток на една нова, заедничка книга со Другиот е веќе дилема од вредносна природа, што Јадранка Владова ја прифаќа со ризикот и со занесот на секој вистински истражувач во писмото што како да ја потврдува провокативноста на прашањето што англискиот есеист Томас Карлајл го поставил пред повеќе од еден век: „А што ако таканаречениот факт не е поточен од фикцијата?“.

 

 

*      *     *

 

 

Есеите за Владова, како и оние за Михајловски и Дурацовски, пишувани пред триесетина години, што ги преобјавувам со мали измени и додатоци, беа потикнати од првите книги раскази на авторите кои, во осумдесеттите години на минатиот век, внесоа нов дух и свежост во македонската проза. Ме радува што бев дел од тоа важно движење во еволуцијата на нашата прозна книжевност, кога со Бети, Јадранка, Димче, Христо, Јордан, Драги го промовиравме нашиот раскажувачки исчекор во бројни екс-југословенски и македонски списанија, со аргументирани полемики и сроден ентузијазам. Бевме разнолико друштво, немирни, занесени и взаемно охрабрувачки.

Интересно е дека мојата посвета пред неколкуте есеи – „на герилците од Петтиот круг, некогашни во дружењето, најприсутни во книгите“ – сведочи дека тогаш, на почетокот на деведесеттите, претходниот период на интензивно заедничко „дејствување“ на некој начин беше завршен, но затоа, во однос на книжевните вредности на оваа група раскажувачи почнаа поопстојни согледувања, иако афирмативната поткрепа се даваше одделно, во согласност со критичкиот афинитет на оценувачот (што е, во критериумска смисла, добар знак во создавањето критичка свест за индивидуалните поетички позиции и доблести).

Би истакнал уште една заедничка авторска предност, за која што тогаш пишував, а сега би сакал повторно да ја потенцирам. И Владова, и Михајловски, и Дурацовски имаа богати домашни библиотеки и лектирни искуства. Бројните книги што ги читаа, ги засакуваа, се вдомуваа во нивниот сопствен авторски свет и таму не само што ги сублимираа, ги зајакнуваа нивните артистички способности и ракувањето со нив, туку и ги насочуваа кон самоистражувања во градење на нивните сопствени поетики. Така и овие три огледи, од една страна, може да се сфатат како своевидни книжевни портрети од „младоста на уметниците“, зашто се напишани по повод нивните први прозни книги. Но, од друга страна, тогаш авторите беа на прагот или неколку чекори во четвртата деценија од животот и веќе сигурни  свои во градењето на книжевниот пат.

Затоа, убеден сум, останува потребата, неопходноста за преиздавање на овие книги, денес реткост во приватните библиотеки, чии првични објави беа во издавачки куќи што веќе не постојат. Инспиративен беше повикот на уредничката на „Ars Lamina“, Оливера Ќорвезировска, за разговор организиран токму околу темата за реиздавање вредни дела, како „Ѓон“ и „Скарбо“, објавени пред триесет, четириесет години, што се одржа во рамките на неодамнешниот Саем на Книгата. За среќа, благодарение на иницијативата на книгоиздавателството „Темплум“, беа повторно објавени собраните дела на Дурацовски. Јадранка и Драги, пак, тие прекрасни автори и луѓе остануваат видливи во нашите спомени, но нивните книги се и можат да бидат силно присутни во македонската литература. Само да се преиздадат!

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
ОД ДНЕВНИЦИТЕ НА ТЕТА ВЕТА
Има јоште да се каже за Тумбу, ама за сга е доста.
Повеќе
0 replies on “СКАРБО НА БИТ – ПАЗАР”