КОЈ НАВИСТИНА ЈА (ДО)ПИШУВА ПРИКАЗНАТА ЗА НАЈГОЛЕМАТА КНИЖЕВНА САГА НА XXI ВЕК?

За книгата „Приказна за изгубеното девојче“ од Елена Феранте (превод Радица Никодиновска, Скопје: ТРИ, 2022)

Од излегувањето од печат на македонски на една од оние исклучителни т.н. женски/сестрински приказни „Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат“ (Storia di chi fugge e di chi resta, 2013) од Елена Феранте (1943), а потоа и од нејзината промоција на настанот „20-та Недела на италијанскиот јазик во светот“ што се случи во октомври 2020, минуваат неполни две години.  И еве стоиме пред четвртата книга од Неаполската сага, како едно грандиозно финале на најголемата книжевна сага на XXI век „Приказна за изгубеното девојче“ (Storia della bambina perduta, 2015)[1].

Кога Радица Никодиновска ми се јави, таму некаде кон крајот на март и ми кажа дека е готова „Приказна за изгубеното девојче“ од Елена Феранте и дека смета на мене за прво исчитување, ап потоа и промоција, на радоста ѝ немаше крај. Слатки трпки ми прошетаа по грбот и кожата ми се намовна. Ми пролета мислата дека ете конечно ќе дознам како завршува оваа приказна за едно длабоко и искрено пријателство сместени во заводливата и опасна заднина на Неапол. А минатиот пат и отворено си/ви признав за мојата нескриена љубов кон Неапол. Тоа беше љубов на прва посета како љубов на прв поглед (на онаа наша/факултетска екскурзија пред 15-тина години) и ете сега имам можност повторно да го живеам и Неапол, но и цела Италија, преку оваа приказна на Феранте. Но, ѝ благодарам од срце на Радица Никодиновска што ете преку третата и четвртата книга од таканаречената неаполска тетралогија или „Неаполски романи“ ја имаме онаа вистинска јазична колоритност што таа ја доловува преку преводот од италијански на македонски (имајќи предвид дека првите два се превод од англиски).

Целата сага се темели на нераскинливото и амбивалентно нешто повеќе од педесетгодишно пријателство/другарство меѓу две необични жени, Лила и Елена, испреплетено со исто толку години историја на Италија. Така што голем е влог што го остава Елена Феранте со самото тоа што таа опфаќа импресивен број теми без притоа да го жртвува квалитетот на нарацијата и стилот.

Двете, и Рафаела (Лина или Лила) Черуло, која на 66 години исчезнува од Неапол без притоа да остави некаква трга, и Елена (Ленуча или Лену) Греко, која ја пишува оваа долга приказна, се родени во август 1944. Така што тие се и некој вид неаполски близначки (по душа). Кога веќе ја имаме татралогијата за Лила и Лену се поставуваат две клучни прашања: од каде оваа порив кај Лену да ја остави својата/нивната приказна на хартија, како и дали оваа приказна ја пишува само Лену или во пишувањето (скриено) ѝ помага самата Лила?

И минатиот пат кога го претставував третото продолжение од  неаполска тетралогија напишав дека вистинската причина зошто жените сакаат ќерки, лежи во фактот дека синовите не ги слушаат приказните на своите мајки и заради тоа тие и не можат да бидат прераскажани, како што Џенаро попознат како Рино никогаш нема ниту сили ниту време да ја слуша/слушне приказната на својата мајка Лила. А, таа што би можела и што би требала, малата Тина исчезнува на четиригодишна возраст и нема никаква можност да ја чуе, а со тоа ниту да ја пренесе приказната на својата мајка Лила. Затоа таа голема улога ја презема токму Елена Греко, ќерката на портирот во општината. Уште од првата книга знаеме дека Лену почнува да пишува кога ќе дознае дека исчезнала нејзината пријателка од детството, Лина Черуло, која само таа ја нарекува Лила, ќерката на чевларот. Впрочем, ова писмо на Феранте колку што е еден вид и нејзина потрага по својата изгубена другарка, толку е и наша потрага, како читатели, по нашата изгубена другарка и тага по завршеното (иако не секогаш среќно и спокојно) детство. Ова писание на Феранте е ослободување. И минатиот пат напоменав дека имам чувство дека Феранте неслучајно двата женски лика ги ситуира во такви семејства. Едната која и покрај мирната природа постојано заминува и оди напред, отвора и затвора нови и нови врати како ќерка на портир на општината, така што не само што ќе излезе од Неапол, туку ќе излезе и од Италија, а и не само таа, туку и нејзините книги преку преводот на други јазици. Другата, која и покрај бунтовната природа и исклучителната емотивност, останува цврсто прикована, со двете нозе, обуени или боси сеедно, во местото на своето раѓање како ќерка на чевлар. Настаните во „Приказна за изгубеното девојче“ се надоврзуваат на настаните од „Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат“ и се редат околностите кои ги зближуваат и оддалечувааат во текот на уште побурните осумдесетти и деведесетти години од минатиот век, како и во првата декада на XXI век.

Елена Греко, растргната меѓу докажувањата дека, сепак, е добра ќерка, но и добра мајка, преку моќта на своето пишување се обидува да покаже дека е слободоумна и среќна и остварена жена, која може да прејде преку сите оние навреди и изневери на Нино Сараторе, па дури и да ја роди својата трета ќерка како вонбрачна, иако длабоко во себе си/ни признава:

„Колку и да пишував и размислував за женската самостојност, не бев во состојба да живеам без неговото тело, без неговиот глас, без неговата интелигенција. Тоа беше ужасно признание, но сè уште го посакував, го сакав повеќе од моите ќерки. На самата помисла дека би можела да му наштетам и никогаш повеќе да не го видам, чувствував како душата болно ми се соголува, слободната и учена жена ги губеше украсните ливчиња, се одвојуваше од жената-мајка, жената-мајка се оддалечуваше од жената-љубовница, додека жената-љубовница од разјарената маалска жена, и имав впечаток дека сите ќе се разлетаат на различни страни.“ (2022: 97)

Рафаела (Лила) Черуло која однадвор изгледа доста цврсто, всушност постојано му пркоси на единствениот свој проблем, а тоа е немирот во нејзината глава за што вели:

„Не можам да го смирам, морам постојано да создавам и да уништувам, да покривам и да откривам, да зацврстувам, а потоа одеднаш да уништувам. (…) … стравот останува, сместен е во процепот меѓу нормалното и абнормалното. (…) Добрите намери се кревки, но кај мене љубовта не трае. Не трае љубовта кон еден маж, не опстојува ни љубовта кон децата, брзо се прави дупка. (…) Сакањето оди заедно со желбата да му се нанесе зло. А јас не можам, не сум во состојба да останам цврсто на добрата намера. Оливиеро отсекогаш имаше право, јас сум лоша. Не сум во состојба да одржам во живот дури ни пријателство. Ти си добра, Лену, многу беше трпелива со мене.“ (2022: 184)

Така, во оваа четврта книга можеби најсилните места се оние во кои се опишани релациите помеѓу двете другарки измешани со емоциите кон нивните ќерки Тина и Има, со идентични имиња како нивните мајки кои и покрај тоа што се градат преку инсистирањето за вистинитоста се откриваат и оние лажни перцепции зашто, едноставно „Лагите се стопати подобри од секакви лекови за смирување.“ (2022: 200). Впрочем, дуетот Греко-Черуло од 1944-та станува квартет Греко-Черуло преку куклите (Ну на Лила и Тина на Лену) кон крајот на четириесеттите и почетокот на педесеттите години, а и секстет од 1981 т.е. од онаа година кога се раѓаат Има (Имаколата) на Лену и Тина (Нунцијатина) на Лила. Така и овој роман „Приказна за изгубеното девојче“ како и романот „Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат“ го продолжува обидот низ интимната, женско-семејната нота, да даде вистински или приближно вистински одговори и на прашањата врзани со личниот особено женскиот идентитет (обмотан со неможноста за соочување со староста и сознанието дека некогашните стари книги немаат повеќе нови читатели, како и неможноста за држењето под контрола на депресијата) во светлината на сите тие колективни/општествени превирања, на оние закони на улицата во маалото во Неапол, во светлината на гнилежот на Италија. Останува потрагата за изгубеното девојче да се дооткрие преку потрагата за изгубена кукла Тина направена од партали, онаа кукла која никогаш не ја забарава Лену, како и преку болката за изгубената ќерка Тина која ја носи Лила.

Куклите што повторно ќе стигнат на адресата на Елена Греко без притоа да стои кој ги испраќа се некој вид помирување со сè она што не се преживеало, а можело, со сè она што можело поинаку да се проживее, а не се доживеало, помирување со болката, но и стишување на болката за изгубената генијална пријателка. Изгубените кукли како супститути на самите Лила и Лену со кои се соочува Лену, се оние кои може едноставно да ги испрати Лила или некој нејзин што ја знае приказната за самите кукли и за двете пријателки. Или едноставно, како што пишува самата Феранте преку писмото на Греко, изгубените кукли пристигнати во домот на Лену се:

„… нејзин начин да ми порача дека е добро и дека ме сака, дека ги урнала препреките и дека најпосле решила да го запознае светот попростран од нејзиниот, следејќи некоја нова вистина во староста за да проживее живот кој во младоста другите не ѝ го допуштаа, а и таа самата не си го дозволуваше.“ (2022: 518)

Топло ја препорачувам да ја прочитаме пред да се исправиме пред нејзиното телевизиско издание како дел од серијалот на ХБО. А на Радица Никодиновска ѝ благодарам неизмерно зашто преку овој нејзин превод можеме многу брзо да ја имаме и да ја читаме најголемата книжевна сага на XXI век и на македонски.

[1] Книгата е промовирана на Саемот на книга на 6 мај 2022 година.

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
ТОМАЖ ШАЛАМУН – ЏИНГИС КАН НА СЛОВЕНЕЧКАТА ПОЕЗИЈА
(„Мојот свет е јасен и се нарекува така, како што се наречени...
Повеќе
0 replies on “КОЈ НАВИСТИНА ЈА (ДО)ПИШУВА ПРИКАЗНАТА ЗА НАЈГОЛЕМАТА КНИЖЕВНА САГА НА XXI ВЕК?”