Поезија од Петар Матовиќ

Стихови од изборот поезија „ОД СРЕЌНАТА РЕПУБЛИКА“ (2020) во издание на АНТОЛОГ, со поддршка на Традуки

ЗА ХРАБРОСТА

Да се нема храброст за мене беше да се откажеш од поезијата:
тоа е одрекување од уживањето во рушење на белините.
Темни контемплации во осама, депресии што кулите
стражарници ги прават посилни, одбранбен ров со кучиња
гладни можно е простување зашто не постои гнев,
само тага кон светот кој се восхитува а се измолкнува.

Добро е, кажуваш, што сега постои припаѓање кое
нараснува кога во рефлексијата врз површината на кафето нема да почувствуваш
драма или weltschmertz, но гледаш опредметени емоции,
остри како месечина зиме, безопасни и лековити.
Мижуркавите истории и судбини од тој меур од пареа и без
жал и природно поминуваат. Топлината ќе ја паметиш повеќе отколку

самиот мирис, како безбедност. Сè тргнува од бунтот на желудникот
каква стварност да не прифати. Да се фатиш во костец со
исфрлените залаци, тоа е храброст. А потоа со нив
да ги разрушиш злоќудните наши одбрани, разурнувачки ѕидови.
Доволно е од огнот на идиомите да ја примам таа нафора
од отпадоците на секојдневието.

 

МАГНЕТЕН ПОЛ

На покривот од солитерот имаше гулабарник. Сопственикот го гледав ретко:
со страст се приближуваше кон птичарниците, не забележувајќи ме.

Бече молчалив: вратичето кусо ќе зачкрипеше, а потоа го набљудувавме
контрастот на белината среде сивите облакодерски клисури како кружно се крева,
во своите тајни длабочини барајќи го магнетниот пол. Тој остануваше да ги следи,
јас го вежбав трпението подолго од цигара.

Гледав и како им пријдува додека стојат на работ кога ќе се вратат.
Трпеливо и тивко, нежно ги фаќаше и ги положуваше во таа кафезолика визба,
без притоа да протера ниту еден.

Седев на работ, жарта догоруваше до прстите: бравичката ќе штракнеше,
гласното павкање на крилјата се заплеткуваше над моето теме. Чадот остануваше,
тој и јас, познати туѓинци, се здружувавме во овие далечини.

 

МЕТЕЖ

Кога ќе видам сали полни луѓе,
оние што стојат додека чекаат
да почне книжевната вечер,
помислувам дека нешто не е
во ред. На поезијата не ѝтреба
оваа врева, освен на поетот ако
може да живее од тоа, на поезијата
ѝтреба читател во трамвај,
во воз, на големиот одмор
ученикот да чита стихови, на поезијата
ѝтреба случајна средба на двајца
загрижени читатели гласно
да се скарат околу некој стих, и ритам
што подеднакво нè следи низ
улиците, низ мрачните столбишта
на историјата и политиката, кога ноќе
доаѓаме празни од градот,
на поезијата ѝтреба верба дека е возможна
преку враќањето во метежот на семејството,
полот и улогата — понекогаш се охрабрувам
полугласно: Ти си машко, и
поезијата ти е — повеќе од потребна!

 

НЕ ЗБОРУВАМ ЗА АУШВИЦ

Не фотографирај, ме советуваа
пред патувањето, Дозволи нека те обземе,
занесе.

Молитвените шалови висеа
во витрините, нестварни,
неподвижни.

Пријди со стравопочит,
слушав.

It was fun,рече една студентка
од Америка на излезот додека
објективот се вовлекуваше во телото на камерата.

Светлината од рефлекторот цутеше врз стаклото:
одзади имаше тони човечка коса.

Ме бакнува дјевушка, водач низ комплексот,
на враќањето, тогаш чувствувам како правта се симнува
низ алиштата и кожата и го презема нашиот стан.

Пишувај за тоа, вели еден познаник, тоа е
добар мотив.

Под осветлувањето не одблеснува
ниту една честичка, ништо: зад стаклениот
фронт се туркаат куферите.

Посебни попусти од превозниците
за повратни билети до Ошвјенќим.

Планината од обувки во вакуумот
со еден чекор ќе исчезне.
Никогаш овие ѓонови не се беа истрошиле.

Во малиот град немав друг избор
освен да го проучувам холокаустот.

Сега живеам во Краков, насекаде има
сувенири. Не зборувам за Аушвиц. Штом
помислам на татковината, замолкнувам.

 

ЕГЗОДУС

Ништо не може да стивне под сводот
на оваа станица, ни распаднатите вентилатори, ни
грозоморниот трепет на скршените крила. Ниту
гласот на спикерот низ продорните звучници.
Ни осипувањето на графемите врз инфотабелите.
Куферот ме носи кон пероните, кон барањето
композиција за мал, личен егзодус.
Можеби и овие гласови одзади ќе останат како

сеќавањата на шумот на морето кое ги губи
туристите на крајот од сезоната. Ветерот тркала
сонцобран врз песокот, врз пената од брановите
што заостануваат зад белутраците.И невидливиот
акварелист е тука, за разлевање на бурата,
да ги омекне линиите на раздвојување.
И тоа е само миг што ме одвлекува

од себе, од траумите на заминувањето заробени
во незабележливиот опстанок. Куферите ќе
добијат налепница на уште една дестинација.
Барем за кратко ќе станам нешто добро,
како осаменоста на фаровите од локомотивата низ
отуѓените клисури.

 

Препев од српски: Никола Маџиров

Стихови од изборот поезија „ОД СРЕЌНАТА РЕПУБЛИКА“ (2020) во издание на АНТОЛОГ, со поддршка на Традуки

Тагови од објавата
Напишано од
More from Петар Матовиќ
Поезија од Петар Матовиќ
Стихови од изборот поезија „ОД СРЕЌНАТА РЕПУБЛИКА“ (2020) во издание на АНТОЛОГ,...
Повеќе
0 replies on “Поезија од Петар Матовиќ”