Кон „Лисица“ од Дубравка Угрешиќ

Каква Лисица е оваа авторка, која успеала да се нурне во своите најдлабоки длабочини и од нив да изнесе дело кое секако дека нема да има хронолошка структура, затоа што и животот и литературата ја мешаат својата линеарност создавајќи спирала во која се губи почетокот и крајот.

За повеќеслојноста на „Лисица“, за тоа како настануваат приказните и за егзилот

Кога линијата на животот ќе се спои со линијата на книжевноста и на емоциите, се создава дело какво што е „Лисица“. Повеќеслојноста која ја содржи во себе прави истото да бара повеќе внимание од читателите при читањето. Да се чита „Лисица“ и да се откриваат нејзините слоеви е вистинско уживање за оние кои љубат да се задлабочат во книгите. Хибридноста која е застапена во ова дело прави истото да не можеме да го ставиме во рамките на некој жанр. Затоа што „Лисица“ со текот на читањето на момент го определував како автобиографско, компилација од биографски елементи, љубовен роман, патопис, авантуристичен роман или роман кој во себе содржи теориски и литературни толкувања, па дури и како феминистички роман. Дел од критичарите/критичарките сметаат дека „Лисица“ може да се чита и како феминистички роман затоа што во ликот на Вдовицата на еден славен писател кој станал познат само поради неа се гледа лик и умешност на жена-лисица која мора да се прилагоди, да се развива и менува за да опстане во светот кој е искреиран за мажите. (како во книжевноста така и општо). Жанрот е првото скалило кое води до повеќеслојноста на романот, а да не зборуваме за бројните интертексови кои се застапени во него. Сето ова го прави делото постмодернистичко, компилација од критики, дијалози и што уште не. Сите оние автобиографски делови кои се застапени во делото, авторката умешно ги испреплетува со фикцијата која во неа се раѓа како што се раѓа новиот ден. Некаде прочитав дека во тие мигови кога се преплетуваат фактите од нејзиниот живот со фикцијата оваа наша умешна Лисица се претвора во пајак и ја плете магичната мрежа од зборови на делото. Тоа е мрежа од најразлични референци, фусноти, случки и сеќавања, размислувања за животот, за осаменоста, за егзилот, за феминизмот, за (не)припаѓањето! Каква Лисица е оваа авторка, која успеала да се нурне во своите најдлабоки длабочини и од нив да изнесе дело кое секако дека нема да има хронолошка структура, затоа што и животот и литературата ја мешаат својата линеарност создавајќи спирала во која се губи почетокот и крајот. Умешноста да ги сопостави животот и литературата ја прават авторката истовремено да стане и книжевен лик, да стане и лисица, да си даде себеси двојна или тројна егзистенција во делото (како лисица, како лик и како личност). Дубравка како да ја изедначува границата помеѓу фактот и фикцијата, затоа на момент не можеме да бидеме сигурни дали сите ликови и автори за кои зборува навистина постоеле или тие се фикција, приказна за тоа како настануваат приказните… Ако лисицата е симбол за писателот тогаш таа лисица (авторката) е посредник помеѓу фактите и фикцијата, помеѓу животот и литературата. Лисицата е тотем, метафора за писателот, можеби и за тоа како настануваат приказните. По страниците од делово трчаат Борис Пилњак и неговата Софија, нејзиниот Тагаки, Владимир и Вера Набоков, авторката и нејзината внука, вдовиците на славните (но неименувани или безимени) автори, руските авангардни писатели…
Навистина, како настануваат приказните? – ќе се запраша авторката, а не помалку и јас самата. Овој прв дел од „Лисица“ го третира прашањето за настанокот на приказните и се базира, односно како интертекст е земен расказот од рускиот писател Борис Пилњак кој едвај и да има десет страници. Испириран од приказната на писателот Тагаки кој се прославил со приказната, како што ќе истакне „за една европска жена.“ Но, прашањето за тоа како настануваат приказните си го поставува и Пилњак, пред авторката да се запраша, пред јас или ти или ние да се запрашаме. Тоа прашање носи корени од дамнина исто како и приказните. И покрај забраните и тешкотиите Софија и Тагаки успеваат да се свршат. Софија и Тагаки се контраст, јинг и јанг, Исток и Запад, Запад и Исток, Русија и Јапонија оган и вода… Повеќеслојноста во делото на Дубравка се среќава во секоја страница, таа освен интертекстови како да употребува и начин на пишување – ‘приказна во приказна’ како што е примерот со приказната на Тагаки која ја презема како инспирација и Пилњак. Впрочем, и светот и литературата и сите приказни се приказни во приказни, проникнуваат една од друга, се хранат меѓусебно и опстојуваат… Тагаки криел тајна дека пишува роман и дека животот на Софија е до секунда набљудуван и пресметан. Ова сознание ја ужаснало. Имено, Софија во себе го содржи мотивот на девојка од хартија: „се огледала самата себеси оживеана на хартија…“ Тагаки врз биографија создал приказна, приказна која носи елементи на бајка ако се разгледа подлабинскии со тоа ја изневерува Софија и нејзиното фактичко постоење, создавајќи фикција од неа. Но, дали се вистински Тагаки и Софија? На момент ни изгледаат така, а веќе во наредниот миг – не, но сепак останува на читателот да одлучи… Тука си го поставуваме прашањето и кој е Борис Пилњак и колку е тој вистинит? Дознаваме дека неговото вистинско презиме е Вогау и дека Пилњак е неговиот псевдоним, тој бил руски писател и револуционер… Една приказна и еден автор водат кон друга приказна и друг автор. Тагаки водеше до Пилњак, сега Пилњак води до Замјатин, дури и до биографијата на мајката на Угрешиќ. Ова го отвора и прашањето: Дали приказните имаат почеток и крај? Приказната за приказната на нејзината мајка, за нејзиниот почеток и живот во Загреб се уште една приказните. Приказни во приказни во приказни спијат како новороденчиња во колевката во која ги лула нивната мајка-авторка или Лисицата, којзнае?… Врската помеѓу Софија и Тагаки, Русинка и Јапонец може да се компарира и со врската на Дубравкините родители – Бугарка и Хрват и ова води до прашањето за идентитетот кое е многу силно кај Угрешиќ, но за кое ќе зборувам подоцна… Барајќи го одговорот на прашањето – Како настануваат приказните? Угрешиќ ќе се врати кон образецот на бајката и ќе заклучи дека во приказната на Пилњак, хероината е двократно изневерена, соголена и „ограбена“: еднаш од Тагаки, вторпат од Пилњак. Пилњак тоа го нарекува „премин низ смртта.“ Приказните за/од Тагаки и Пилњак како да се слеваат во една хомогена смеса со онаа на авторката, која отишла во Русија да истажува за Пилњак со цел да ја подготви нејзината магистерска теза. Нејзиното запознавање со синот на Пилњак ја отвора и физичката, животната, а не само литературна врска со нешто што му припаѓа на авторот. На крај, Угрешиќ се откажала од магистерската теза за Пилњак, а во овој дел дава информации и за Кира, внука на Пилњак која магистрирала и објавила книга за својот дедо, она што требало да го направи Дубравка! Пилњак завршил кобно, осуден дека е јапонски шпиун и бил стрелан. Во бесрамната „чистка“ исчезнале не само луѓето, туку и нивните ракописи. Приказната за тоа како настануваат приказните не може да се заврши затоа што авторката постојано продолжува со пишување, сакајќи да каже дека приказните еднаш создадени се ‘проколнати’ на вечен живот, продолжение и опстојување. Авторката продолжува да дава информации за еден друг автор – Танизаки, споредувајќи ги женските ликови на Софија, Русинка по потелкло и на Наоми-Јапонка. Пилњак во својот расказ го вградил симболот на лисицата, која е митолошко отелотворување на неверството, лукавоста и предавството и, според него, најподобна да биде почитувана како божество на книжевничкиот род. Во романот на Танизаки, лисицата случајно се споменува и служи за навествање дека самата Наоми би можела да биде лисица – превртлив и заводлив женски демон. На крај, впрочем, за кој по ред крај зборувам во оваа моја мала приказна-есеј… и самата авторка си го поставува прашањето дали приказната на Пилњак ја избрала сама или приказната на Пилњак ја избрала неа? И дали, раскажувајќи ја приказната за него, таа ја раскажува и својата сопствена приказна. Приказната за тоа како настануваат приказните се свива во прстен и се врати на својот почеток, сличен на лисицата која изморена од играта прилегнала да се одмори и сега поспано мижуркајќи паѓа во сон. Во сонот слатко го цица врвот на својаа опашка, како бебе својот прст. Приказните настануваат од колективната или индивидуалната (авторовата) меморија, имагинација. Нивниот почеток не можеме со точност да го одредиме, веројатно со митот или обредите и култовите на народите и еднаш настанати тие нема да изумрат никогаш.
Ѓаволовата градина е синоним за егзилот, потрагата по домот и страста. Приказната за Бојан и авторката е како сладок центар во делото и во кој Дубравка како автор зборува за животот на Дубравка во романот, преминувајќи преку фикцијата и стварноста и создавајќи моменти на патос, но без патетика. Со оглед на нејзината биографија и на нејзиниот живот многу лесно може да дојдеме до заклучок дека Угрешиќ е повеќе интерационална отколку национална. Нејзините не можеле да ја прифатат и да се носат со нејзината големина затоа што таа била отповеќе интернационална, односно за нив премалку национална. Таа и самата ќе истакне: „Не се декларирав ни како Србинка ни како Хрватка, јас се декларирав како НИКОЈ.“ За мотивите на домот, егзилот и идентитетот ќе зборувам поврзано со третиот дел на делото кое го носи името – „Ѓаволовата градина“. Во врска со домувањето е даден еден цитат од филмот „Паѓање“ (Falling down) пред да започне раскажувањето: „Hey, where do you think you are going? – I am going home!“ Но, каде е домот, што е дом? Дали идентитетот е она што го понесуваме со нас и дали Дубравка, идентификувајќи се како НИКОЈ го изгубила својот идентитет? Заминала од својата татковина која повеќе не ја распознавала како своја, таа се решила на егзил. „Да живееш во егзил значи да се собереш себеси во бовча, да си немаш опаш (освен складирани фотографии во својата меморија), да-имаш-идентитет-да-немаш-идентитет, да бидеш празна плочка на која одново ќе си ја издлабиш приказната“-ќе напише Бановиќ-Марковска во „Групен портрет“. „Да бидеш во егзил, значи да имаш исконска потреба од различни перспективи – нужда од далечини, една специфична, нејасна и пролонгирана состојба на талкање, вечно „скршнување“ од mainsream-от на Историјата.“ (Бановиќ-Марковска, 37: 2007) Угрешиќ е вечен номад, и самата ќе напише: „Егзилот е бајка за напуштање на домот, потрага по дом и враќање дома…“ или „Името на едниот дом, оној што веќе го немам, а името на другиот ѕид, оној што израсна во мојата загубена татковина… Во кошмарните соништа градам дом, што секогаш повторно се руши.“ Таа во егзилот гледа можност да се ослободи од оние непожелни и присилни идентификации (поранешна-југословенска, посткомунистичка, источноевропска…) Веројатно прашањето – Што сум јас, Хрватка по татко, Бугарка по мајка, Југословенка по убедување или Балканка по географска припадност ја изморило и ѝ предизвикало криза во идентитетот. Во „Лисица“ ќе напише: „Другите имаа психотерапевти, јас имав градови.“ Таа и самата во повеќе наврати истакнува дека нема дом/а: „… на пат кон Европа, но не и дома, зашто дом веќе не ни имав.“ Таа сочувствува со емигрантите, пишувајќи: „ … достигнување за секој емигрант е домот… многу од нив го трошат целиот свој живот на два дома, едниот во земјата што ја оставиле, другиот во земјата во која се населиле, за повторно да не ги погоди трауматична загуба за едниот или за двата.“ Делот кој е посветен на враќањето во Загреб е третиот дел, кој претставува можеби и обид за враќање каде што се припаѓало. Поттикната од куќичката што ќе ѝ ја остави еден нејзин обожавател таа ќе се сретне со Бојан. Љубовната приказна со Бојан се испреплетува со прашањата за егзилот и домот. Интересно е тоа што лисичката или лисицата ја следи насекаде па и во ова малечко местенце, Бојан ќе храни една лисица која се мотка низ дворот. Кратката љубовна авантура која ќе ја доживее, ќе овозможи таа да се обиде да го дефинира домот или барем за момент да се почувствува како дома: „… заспав со неговиот здив на мојот тил. Пред да потонам во сон, си помислив: Си дојдов дома.“ Но, тоа нема да трае долго, затоа што веќе другиот ден таа ќе почувствува порив дека сака да си замине и да остане сама, исто како и лисицата која е животно самотник, го брани просторот што го поседува и во него нема место за некој друг. Така и Бојан ќе замине од овој свет работејќи како деминер. Со неговиот лик таа ги критикува братоубиствените војни кои по сѐ изгледа сѐ уште не се завршени. На крајот ќе заклучи: „Светот е минско поле и не постои друг дом освен него. Ќе морам да се навикнам на тој факт, помислив и продолжив кон Загреб.“ И така, не останува ништо од привремениот дом – телото на маж за неа, затоа што таа е слободна птица, нејзините граници се бесконечни. За Дубравка Угрешиќ идентитетот е планетарен феномен, препознатлив за сите оние гранични суштества низ кои минале (или минуваат) разни етнички, верски и културни линии и кои очекуваат, конечно, да си го поживеат спокојно својот сложен идентитет. А нејзиниот егзил е физички, но и духовен затоа што: „… ја препознавам својата раса, егзилантска, номадска, емигрантска… Понекогаш… ми се причинува дека не знам чиј живот живеам… Изгледа, тоа е, сепак,мојот, мојот lifeage.“
Проклетството на лисицата лежи во тоа што не е сакана. Лисицата не им припаѓа ниту на ѕверовите, ниту нам, на луѓето, ниту пак на божествата. Таа е вечен слеп патник, мигрантка што со леснотија поминува низ световите, а кога ќе ја фатат без патен билет, тогаш со опашката врти крукчиња, ги изведува своите евтини мајстории… Лисицата или авторката (оваа нашата) е Шехерезада. А и самата Шехерезада е лисица. Шехерезада е приказна за тоа како настануваат приказните. Зашто, таа раскажувајќи приказни, купува живот за следниот ден, а Угрешиќ раскажувајќи живее во еден од нејзините домови кој е најнејзин- нејзиниот литературен дом, нејзиното тело или можеби нешто трето, којзнае…

Тагови од објавата
Напишано од
More from Елена Ѓорѓиовска
Кон „Заклученото тело на Лу“ од Оливера Ќорвезироска
Лу Саломе сакала и успеала да пишува за својот живот од позиција...
Повеќе
0 replies on “Кон „Лисица“ од Дубравка Угрешиќ”