Поезија од Славица Гаџова Свидерска

Ни праќаш пораки со непознати знаци / на контурите на планините / на петоаголниците на желкината куќичка / во симетријата на снегулките / и распоредот на боцките на ружиното стебло

СЕ ПЛАШАМ

Се плашам да дишам
да не ме обвинат за геноцид
Се плашам од лицата
на кои останале само очи

Се плашам да не изгориме живи
да не смрзнеме од недостиг на гориво
Се плашам од касапење после смртта
еднаш видов кесички со натпис
„фермур, свежо замрзнат“
„патела и лигаменти, свежо замрзнати“

Се плашам од жените
што продаваат јајце-клетки во странство
за да си прехранат децата
Од мажите во црно што тепаат луѓе,
зашто излегле на пикник
со сендвичи подготвени од бабите
и со карирано ќебенце во паркот

Во еден кошмар
дроновите ги креваа мртовците од улиците
како мршојадите своите мрши

Се плашам од високо и од длабоко
Се плашам дека светот се претвора во видеоигра

Се плашам да живеам и да умрам

не се плашам да пишувам
единствено тоа
го правам
без страв

 

СТРАВУВАМ

Стравувам
да не исчезнеме како Хазари
Да не нè смети историјата
со својата груба метла од сирак
Стравувам
од шарените мониста и стакленца
со кои ни ја купуваат земјата
а ние се радуваме како деца на неотворена играчка
што ќе се отвори како Пандорина кутија

Стравувам
дека на минотаурот
му дадовме премногу жртви
и веќе е доцна да дојде Тезеј

Стравувам писмото
да не ни стане неразбирливо
да не го прекријат со варварски чкртаници
на Големиот пергамент

Стравувам од небиднината
да не исчезнеме како Хазари
се плашам

 

ТЕ ПОВРЕДУВААТ, СВЕТУ!

Те повредуваат, свету,
со бомби врз твоите гради
со нуклеарни проби
во срцето на твоите океани
со отровни гасови
во алвеолите на твоите шуми
Кој да стави мевлем
на изгорениците од пожарите
на твојата кожа од диносаурус

Ама
што се нивните матни погледи
во споредба со твоите вселени
што се нивните дваесет и четири часа
во споредба со твоите ери и векови
што се нивните коски
за твоите геолошки мистерии
тие пак во тебе ќе се вратат
ќе се стопат во тебе
ако те повредуваат, свету!
Што се нивните демони
во споредба со твојот Бог,
свету!

 

МИСТИЧЕН СИ, СВЕТУ!

Ни праќаш пораки со непознати знаци
на контурите на планините
на петоаголниците на желкината куќичка
во симетријата на снегулките
и распоредот на боцките на ружиното стебло
твојата бавна синтакса
ја испишува праисториски полжав
со густа лигавица на тревата

Постојано ни пишуваш,
а ние не умееме да ги прочитаме твоите мистични писма
сè што досега нè научија е да се плашиме
и само стравот нè одржува во живот
веројатно е доволно
да легнеме
да го наслониме увото на земјата
и да го усогласиме својот срцев ритам

со твојот

 

СИТЕ ЌЕ ИЗГОРИМЕ КАКО НОТР-ДАМ
Франција

Сите ќе нè расчеречат како Дамаск
не ќе остане ниту еден покрив
ниту еден двор со жуборлива смеа
ниту една дневна соба
ниту една голтка кафе
Сите ќе изгориме како Нотр-Дам
некој ќе ја подметне стихијата
во нашите храмови
напуштени од Бога
меѓу ѕидовите
што не слушнале молитва
ќе се стопат боите
ќе испукаат витражите
со кои сакаме
да му се допаднеме на светот
Потоа некој
ќе нè нацрта на скица
и ќе почне да нè составува
одново
камен по камен

 

ПРИБЕЖИШТА ОД СТРАВОТ

Кога се плашам
влегувам во куќата на моето детство
таму има неколку подадени раце
што ме креваат кога ќе паднам
таму има гума за секоја грешка
и магична состојка во млекото со какао

Кога се плашам
влегувам во куќата од цртежот на синот
нејзините ѕидови не го пропуштаат злото
бравата од влезна врата
се отклучува со клуч од сонот
собите мирисаат на колачи со цимет
скалите водат до месечината
нацртана со фломастер
таа има очи и уста
и личи на леб што ќе ги нахрани сите
штом еднаш ќе стане тенок како корка
одново станува округол и вкусен

Кога се плашам
влегувам во плакарот со играчки на синот
таму има доволно коцки одново да се изгради светот
по некое плишано мече
и пластичен пиштол
да го вперам во стравот

кога се плашам
влегувам во куќата на моето детство
влегувам во куќата од цртежот на синот

Тагови од објавата
More from Славица Гаџова Свидерска
ПТИЦИТЕ ПЕАТ КАКО НИШТО ДА НЕ СЕ СЛУЧУВА ВО СВЕТОТ
ПТИЦИТЕ ПЕАТ КАКО НИШТО ДА НЕ СЕ СЛУЧУВА ВО СВЕТОТ Птиците повторно...
Повеќе
0 replies on “Поезија од Славица Гаџова Свидерска”