Кон „Молох 2 – Надградено и проширено“ од Исток Улчар

Но да забележиме дека друга значајна карактеристика на колкецијата е и разновидноста на песните, каде што и покрај доминантниот стил, можеме да најдеме и песни во сосем различни форми, кои варираат по должина, структура и содржина, при што се јавуваат и „апстрактни“ метаформи во вториот дел.

Молох 2 – Надградено и проширено е поетска колекција на Исток Улчар. Таа се состои од дваесетина песни и препеви, обединети под наслов чиј референт може да се толкува како канаанитски бог, библиски идол, или Гинзбергова симболика, воедно неисклучувајќи ја можноста и за други посуптилни претставители. Насловот е интересен, а претходното творештво на авторот говори за продуктивна исполнителност, со што и делото привлекува внимание. Да погледнеме што всушност можеме да очекуваме од овој избор песни.

Збирката е поделена (по наслови) на три дела: Автобиографија, Белешките на Б.М.С. и Странствувањата. Трите дела содржат претставителен број песни кои се разликуваат, како по стил, така и по содржина, при што секој дел може да претставува и засебна книга во традицијата на таканаречените poetry chapbooks од XIX век. Нивната комбинација во една збирка, со теми чија заедничка врска квантитативно варира помеѓу индивидуалните песни, но е постојано присутна во резонантноста на поетскиот мотив, претставува литературно оформување на една поетска целина чијшто залог е оригинален во премисата и успешен во изведбата.

Збирката почнува со песна по наслов Парчиња облека, како една имплицитна химна на поетската амбиција, од перспектива не на типичниот епски, идеалистички оптимисит, како што би се очекувало од претставник на класичната романтичарска традиција, или која било идеалистичка епоха со која е асоцирана европската книжевност, туку со идеја сродна со воздржаниот циницизам на модернистите, чиј стих е контролиран, како содржински, така и структурално, со основна идеја за континуитет во поетските слики и подреденост на дикцијата која слободниот стих го канализира во општа визуелна и разговорна ритмичка структура. Забележително е тоа што нарацијата во прво лице еднина не оддава личен, т.е. исповеден карактер, туку ја опишува темата од перспектива на дистанциран говорител: притоа, емотивниот конотат, и покрај циницизмот, во ниту еден случај не навестува задолжителна депресивност, туку, напротив, иронијата е и употребена како некој тип „миленијалско“ средство за справување со наметнатата депресивност на зетгајстот. Стилски, песната е карактеристична, како по поетските слики, така и по културните референци, кои ја збогатуваат симболиката, но не се задолжителни за толкувањето на самите слики. 

Парчиња облека гo отсликува карактерот на книгата. Како прва претставена песна која го внесува читателот во збирката, таа не само што нуди квалитет сама од себе, туку и претставува идејна и амбиентална основа за развојот на поетската мисла натаму во делото. Воздржаниот циницизам, контролираниот слободен стих и културните референци искажани во еден „модерен модернистички“ стил се белезите кои ги оформуваат доминантните карактеристики на делото во целина.

Но да забележиме дека друга значајна карактеристика на колкецијата е и разновидноста на песните, каде што и покрај доминантниот стил, можеме да најдеме и песни во сосем различни форми, кои варираат по должина, структура и содржина, при што се јавуваат и „апстрактни“ метаформи во вториот дел. А третиот дел, кој е особено специфичен по одлуката, се состои од препеви на песни на повеќе јазици и од различни автори.

Во интерес на просторот наменет за рецензија, овој дел ќе го завршиме со заклучните зборови дека Молох 2 – Надградено и проширено претставува вреден придонес во македонската литература, со забележителна оригиналност, разновидност и поетска амбиција, како и јазична компетенција за нивната успешна изведба; а натамошните толкувања и анализи на делото ќе ги оставиме за натамошни погледи на напишаното и идни теми на разговор.

 

Тагови од објавата
0 replies on “Кон „Молох 2 – Надградено и проширено“ од Исток Улчар”