Кон „Физика на тагата“ од Георги Господинов

Авторот во еден миг станува тоа што цел живот и бил – купувач на приказни, купувач на таги: „Да го имам детството на сите, од кои купував, да ги поседувам жените и нивната тага. Да ги собирам во кутијата на Ное, во оној подрум.“ или „Писателите никогаш не се невини. Крадливи се како страчки.“

За Минотаурот што живее во нас

Книгата „Физика на тагата“ од Господинов има моќ да ве впие во себе како што лебот го впива млекото. Книга која ја читаме, но истовремено и книга која не чита нам. „Физика на тагата“ треба да стане дел од омилените книги на секој посветен читател. Оние книги кои стојат на полицата за ‘препрочитување’ или полицата ‘книги за секое време од животот’ меѓу Библијата, оние на Шекспир, Иго, Достоевски, Андоновски, Андреевски… Затоа што Господинов создал книга на која треба многу често да ѝ се навраќаме. Тоа е книга ризом, од каде и да почнеме можеме да ја читаме, секој расказ може да опстојува и посебно, а ако се чита редоследно сите раскази ќе оформат една целина, целина на тагата. Ова е книга заокружена помеѓу ‘ЈАС СМЕ’ и ‘ЈАС БЕВМЕ’. Започнува со цитати кои кријат моќни пораки во кои можеме да откриеме барем дел од смислата на книгата, како на пример: „Постои само детство и смрт. И помеѓу, ништо друго.“ или „… и ете, навлегувам во подножјето и ширните пребивалишта на умот каде што се наоѓаат скришните места на небројни ликови.“ (Господинов, 2015) Во прологот стои мотивот за раѓањето, вечното постоење или можеби реинкарнацијата- способноста да се раѓаме одново: „Роден сум два часа пред изглејсонце како винска мушичка. Ќе умрам приквечер после зајдисонце.“ или „Роден сум на 1 јануари 1968 година како човечко суштество од машки пол.“ или „Отсекогаш сум бил роден…“ дури и постоењето пред раѓањето во утробата: „Сѐ уште не сум роден…Тука е темно и удобно, врзан сум за нешто што мрда.“(Господинов, 2015) Ова вечно раѓање можеби зборува за раѓањето на Минотаурот одново и одново во секое едно суштество кое дише или секое негово раѓање во литературните, уметничките дела во кои постои. А што е утробата ако не подрум во кој спијат најскриени желби или лавиринт во кој тагува еден минотаур? Скоро и да сум убедена дека предговорот го пишува минотаурот кој постои во сѐ, дише и се раѓа одново: „Се сеќавам дека сум роден како шипка, како еребица, Гинко билоба, полжав, облак во јуни (сеќавањето е кратко), виолетова есенска качунка покрај Халензе, рана цреша окована од доцниот априлски снег, како снег што оковал рано расцветана цреша.“ (Господинов, 2015) Минотаурот, оној што живее во сите нас, овој од книгата пред да ја насели тагата на сите личности е ЈАС СМЕ, интересно поигрување со формата на глаголот ‘сум’ во прво лице множина и личната заменка во прво лице еднина кое има смисла ако се нурнеме во длабочините на книгата и во перцепријата која ликот ја има за другите ликови, за себе во другите ликови или, можеби за другите ликови во себеси. Имено, тој се состои од повеќе идентитети или подобро речено таги кои сѐ уште не се заокружени, ќе се заокружат со затворањето на оваа книга кога истата ќе биде прочитана, ќе се оформат и ќе станат ‘ЈАС БЕВМЕ’… А дотогаш… нека прерасне Тагата во лик!


Првата средба со Минотаурот е кога авторот, гласот на нараторот ќе влезе во дедовото тело. Всушност и Чинко во еден свој расказ се поигрува со мотивот дете во дедово тело… Средбата со минотаурот значи и населување на истиот во телото на нашиот наратор, авторот, можеби моето или твоето, нивното тело… Но, да се доживее еден минотаур како тажен, а не страшен како и да се изобличи и целата митологија со цел да се даде една друга слика за минотаурот кој за сите би делувало страшно е за мене чин на сериозно пресоздавање на една материја. „Неговото тело е тело на момче, исто како моево.“ – ќе истакне нашиот наратор или „Има некоја тага во него којашто не ја поседува ниту едно животно.“ (Господинов, 2015: 21) Прикажана е една контрастна слика, сликата на толпата (истите, сличните) и сликата на Минотаурот (оној различниот, чудниот). Потоа следува митската приказна за Пасифајка која зачнала од бик и родила момче со човечко тело, а со глава на бик, родила Минотаур. Во Минотаурот може да се препознае и сказничниот мотив присутен во сказната за „Убавицата и ѕверот“… Но фрлањето на тоа момче во еден подрум, во една темнина го прави тоа суштество напуштено, а напуштањето и стравот се едни од главните сопатници на тагата и на Минотаурот кој ниту со луѓето е човек ниту со биковите е бик… Во нас живее Минотаур, осамено и напуштено дете на кое не му останало ништо друго освен да се храни со нашата тага. Минотаурот во делото на Господинов е поврзан со релацијата наратор (дете), неговиот дедо, неговиот татко и сите се проследени со мотивот на напуштањето и стравот… Делуваат како еден сраснат лик: „Таму треба да е мојот тригодишен брат…дедо… јас.“ (Господинов, 2015: 30) Моќта на нараторот-дете да влегува во туѓите лавиринти на тагата ни ја дава оваа приказна. Мотивот на создавање тага кореспондира и со библиското создавање на човекот од кал, а што е човекот ако не едно тажно битие: „Солзите течат по неговите образи, се мешаат со брашното по лицето, вода, сол и брашно и го месат првиот леб на тагата.“ (Господинов, 2015) Траумите кои ги доживуваат сите машки предци во фамилијата ме водат до мотивот на напуштеноста, секој од нив бил напуштен кога бил дете (во било која форма.) Сите населуваат во себе или се поистоветуваат со Минотаурот, ја делат истата судбина со него. Дедото на нараторот кога бил мал бил заборавен во нива, го заборавила неговата мајка, а кога тргнала за дома не забележала дека го нема… „Само едно од нив никогаш не се оддели од неа и продолжи да се грижи за неа сѐ до смртта. Заборавеното момче.“ (мисли на дедо му) (Господинов, 2015:31)….
Аријадна е омразена во делово затоа што го предала својот брат, а на главата на Аријадна од детското издание на старогрчките митови, авторот ќе нацрта рогови од бик… Минотаурот делува како полубожествено суштество, ме потсетува на Гилгамеш или Енкиду, ме води до тагата на она што во литературата се смета за прв литературен, запишан споменик… Да чувствуваш тага значи да стануваш полжавот со кој дедо ти се лекува, тоа е длабока емпатија. Кога размислувам за Минотаурот како полубожествено суштество паралелно ми доаѓа да го поистоветам со нараторот-дете кој исто така има божествени моќи да ја чувствува тагата на другите. На почетокот од романот, нараторот зборува за баба му и дедо му што ни укажува на поврзаноста на ликот со неговите предци, како што јас го поврзав минотаурот со „Гилгамеш“… Подрумот на историјата во кој бил сместен неговиот дедо за да се спаси од војната е истиот оној лавиринт на Минотаурот, тоа се домовите на нараторот во подрумите од зградите, тоа е подрумот во кој ќе се врати за да пишува. Подрумот како многу силен симбол кој се појавува во делото можеме да го поврземе со она што Башлар го пишува во „Поетика на просторот“, а тоа е дека визбата е мрачното битие на куќата, битие што учествува во подземните сили. Кога мечтаеме за неа се усогласуваме со ирационалноста на длабочините. Јунг, пак, ја поврзува визбата со потсвеста. И токму во неа живее Минотаурот што го населува секој од нас. Тој што мечтае за подрумот/визбата знае дека нејзините ѕидови се вкопани в земја, дека имаат само внатрешна страна и дека зад нив е сета земја. Ако се надоврзам на расказот „Подрумот на историјата“ кој е поврзан со дедовиот лик на нараторот ќе истакнам: „Ем излегол од подрумот, ем подрумот останал во него.“ (Господинов, 2015: 50) Напуштеното дете (дедото), потоа напуштеното дете со глава на бик фрлено во лавиринтот на Минос, потоа напуштениот Едип, ах колку напуштања крие митологијата, литературата и историјата, колку само таги… Сите овие ликови напуштени во подрум се поврзуваат и со ликот на нараторот кој: „Долги години го гледав светот преку еден прозорец на животот на тротоарот. Секогаш живеевме на приземје, бидејќи таму становите се најевтини.“ (Господинов, 2015: 53) Самиот наратор како дете живеел во подрум, неговиот дом бил налик на подрум, налик на оној на Минотаурот. Потоа напуштеноста се среќава и кај нашиот наратор кој често бил оставан сам, така ТОЈ започнал да станува ТИЕ. Него го хипнотизира самотијата, го хипнотизира погледот на осамената визба/подрум налик (куќа). Врската меѓу неа и него е толку силна што понатаму сонува само осамени подруми, лавиринти во ноќта. Господинов во една прилика ќе истакне: „Јас сум книги.“ (Господинов, 2015: 66) И навистина, тој е книги, но тие книги се толку сериозни, луди, прекрасни и магични истовремено што му предизвикуваат вртоглавица на читателот. Ќе се задржам во времето кога нараторот добил на подарок книга со старогрчкио митови, „Влегов тогаш во Минотаурот и не се сеќавам дека воопшто сум излегол оттаму. Тој беше јас.“ (Господинов, 2015: 67)
Во расказите „Досие“ и „Случајот М“ ние како читатели заклучуваме дека Минотаурот е не е виновен затоа што: „Минотаурот е невин. Тој е момче затворено во подрумот. Испалашен е. Го напуштиле.“ (Господинов, 2015) Каква промена на сето она што за Минотаурот е пласирано во историјата и колку треба да си голем за да напишеш дека Вергилиј и Данте биле многу сурови кон Минотаурот затоа што Минотаурот е само плод на еден грев, а не извршител, туку жртва, најголема жртва. Литературната историја и авторите воопшто, многу му згерешиле на Минотаурот, Господинов се обидува да го разреши тоа. Господинов не го слави Тезеј, тој го обвинува затоа што: „Телото е човечко. Човек убиваш, Тезеј.“ (Господинов, 2015: 77)
Од што се раѓа тагата, се прашувам, од стравот од напуштањето, од што? Во романот се прикажани и слики, една од нив е Пасифија со младенецот Минотаур, неколку векови пред Богородица. Дете коешто наскоро ќе биде пратено во подземјете (колку само е сурова митологијата кон своите деца…) Понатаму, митот ќе го претвори ова дете во чудовиште за да го оправда гревот за неговото напуштање „гревот кон сите следни деца што ќе ги напуштиме.“ (Господинов, 2015: 79) Времето секогаш ги јаде своите деца, па зошто тогаш не го казниле Зевс исто како што бил казнет Минотаурот. Зевс ја проголтал жена си Метида која била бремена, приказната за Лиакон, за момчето Итис кое ќе биде изедено од неговиот татко? Во овој список ги нема момчињата и девојчињата изедени од Минотаурот затоа што биковите не јадат момчиња и девојчиња, тие се тревопасни. Гласот на Минотаурот е пригушен од времето од историјата, од митологијата. Никој не зборува за него, ни Есхил ни Еврипид ни Софокле. Никој не го жали Минотаурот. Гласот на Минотаурот е бесконечното мукање, тој заумен јазик кој повеќе е крик, но нели постоеше нешто што се нарекува синтакса на крикот? Тој крик никој од антиката па сѐ до денес не го разбрал, освен, можеби Господинов.
И одеднаш нараторот го населува телото на татка си и „се родив од својата родена мајка, какво чудо“… (Господинов, 2015: 98) Роден повторно се раѓа… Емпатијата најсилно се доживува во детството затоа сите спомени со влезот во туѓи тела се поврзани со детството, а потоа: „Првиот бакнеж со девојче – Умира Брежњев. Втор бакнеж со девојче – Умира Черненко. Трет бакнеж – Умира Андропов. Дали тоа јас ги убивам? Првиот невешт секс во паркот – Чернобил. Следува долг период на распаѓање…“ (Господинов, 2015: 123-124) Така неговата моќ полека исчезнува, а на нејзино место се јавува желбата за складирање на приказни, предмети, колекцинерство… „Понекогаш пак сум Минотаур, понекогаш кучето Лајка, напуштам една жена за време на војна, го гледам својот деветмесечен татко и среќен сум, ме напуштаат на три години во една воденица на почетокот на векот, ме убиваат како бик веќе подоцна во корида во Т…“ (Господинов, 2015: 143) Авторот си поигрува со читателот често запрашувајќи се: „Дали се живи тие кои бевме?“ (Господинов, 2015: 148) Кои се тие, се запрашувам јас – нашите предци, колективното минато и неговата ДНК која ја носиме во себе како аманет или проклетство?
Расказите поврзани со капсулата во која светот ги складира позитивните елемнти за него, за некогаш по многу години ако некој ја најде версус ковчежето на авторот во кое се складираат приказни за: „приказните на оние кои доаѓаат од ништо, за дедо ми, за напуштеното момче, приказни на оние што доаѓаат од ништо и си одат во ништото, безимени, краткотрајни, тие што стареат надвор од кадар, секогаш молчеливите, една сеопфатна историја на неслученото…“ (Господинов, 2015: 165) Дури и целата Тројанска војна е сочувана во капсулата на хексаметарот. Ако капсулата се поистоветува со ковчежето, тогаш, да кажам збор-два за тоа што би означувале тие. Во ковчежето, или ковчегот ако се навратиме на нашата фолклорна традиција, момите го чувале својот чеиз, или нешто вредно за нив. Се смета дека не се потребни долги коментари за тоа дека постои соодветство помеѓу геометријата на ковчежето и психологијата на тајното. Затоа „под знакот на ковчежето треба да се вметне досието за психологијата на затворената душа.“ (Башлар, 2002: 131) Тука се збиени минатото, сегашноста и иднината. На тој начин ковчежето претставува меморија на незапаметеното. Тоа ковчеже алудира и на арката на Ное, која била ковчег за сите видови суштества кои ќе го населат светот. Потоа, во расказот „Увото на лавиринтот“, амфитеатарот се поистоветува со лавиринт, а авторот дава податоци за еден бик што ја нападнал публиката. Но, тој бик во амфитеатарот ја препознал само родната куќа на својот прадедо Минотаур. Едно до смрт преплашено суштество, ја бара мајка си. Човек или животно – зборот е еден и зато мууу асоцира на мамоооооо, впрочем, зборот за мајка, единствениот збор кој на сите јазици е – и за луѓето, и за ѕверовите и за чудовиштата, е еден и единствен.
Авторот во еден миг станува тоа што цел живот и бил – купувач на приказни, купувач на таги: „Да го имам детството на сите, од кои купував, да ги поседувам жените и нивната тага. Да ги собирам во кутијата на Ное, во оној подрум.“ или „Писателите никогаш не се невини. Крадливи се како страчки.“ (Господинов, 2015) Дури и приказната на Шехерезад авторот смета дека настанала исто како онаа за Минотаурот, од една иста прељуба. И приказните на Шехерезада се лавиринти, кои патуваат само ноќно време со цел да се спаси животот на жената. И животот на Минотаурот вечно талка по темнината на лавиринтот барајќи излез. Кога зборуваме за лавиринти, нели и градот е еден огромен лавиринт? Па и самите ние и на надворешен и на внатрешен план обиколени сме со лавиринти, дури и животот е лавиринт, во кој живеејќи го бараме излезот кон некој друг, отаде животот и се обидуваме да бидеме среќни со сета тага која ја насобрал светот како клопче.
Пишувањето во прво лице на авторот е за да биде сигурен дека сѐ уште е жив, пишувањето во трето лице е за да биде сигурен дека не е прокеција на сопственото Јас, дека е тридимензионален и дека има тело. Сега, морам да зборувам и за тагата, таа според Господинов е во гасовита агрегатна состојба. Тагата како и гасовите и пареата нема сопствен обем и форма, туку ја зема формата од обемот на садот или просторот во кој се наоѓа. Не, тагата не е хелиум, криптон, аргон… Таа има мирис и боја. Тагата населена во сите тела кои авторот ги посетува му овозможиле да остари пред да порасне… И каде и да одам со пишување на она што ми оставило впечаток од книгата, секогаш се враќам назад кон лавиринтите, затоа што и генетските инструкции за сите форми на живот се запишани во лавиринт. Ние сме создадени од лавиринти. Ако Минотаурот беше во лавиринт тоа значи дека постои и лавиринт во Минотаурот. Ако во нас живеат Минотаури, во нас живеат и лавиринти, во нашите сопствени темнини каде нема врати и излези. И јазикот на пчелите е лавиринт, а ако доволно ја набљудуваме розата ќе го забележеме лавиринтот во неа. Барајќи ги грешките кои историјата ги направила врз Mинотаурот нашиот автор (наратор) сигурно сѐ почесто ја сонува сопствената смрт во подрумот. Сонува да направи со меч врата на сопственото тело зашто целиот живот се обидува да го извади Минотаурот од себе. Што направил Господинов ако не една книга-лавиринт во која ја сместил целата тага на овој свет. И што останува на крајот? „Минотаурот ја наоѓа мајка си во толпата на коридата, мојот тригодишен дедо ја гледа својата како трча назад кон мелницата, една жена во Харкан добива писмо, татко и мајка гледаат од балконот на светлиот стан на последниот кат, девојчето и јас сме од една страна на зракот, гледам едно крајче од нејзиното лице се врти… Здраво тате.“ (Господинов, 2015: 323) На крајот останува да се стави крај на сите напуштања, напуштања од детството, да се избрише стравот. На крај остануваат сите оние ликови кои се заокружиле, кои се наполниле во текот на читањето, на живеењето, сите лица што бил авторот, сите лица што сме биле ние, што сме ги изживеале – ЈАС БЕВМЕ. Но, тука не е крајот, на крајот од животот, а и на крајот од книгава има нов Почеток: „Татко ми и диносаурусите изумреа во едно исто време.“ (Господинов, 2015) Тое е далечното минато, прапочетокот кој сака да ни каже дека ние отсекогаш постоиме, изумираме и одново се раѓаме, како некои други, некои други таги во некои други времиња!
Испловив во лавиринтот од Господинов наречен „Физика на тагата“ и го разбудив мојот заспан Минотаур за да ми шепне нешто. Господинов ни даде приказни кои не знаеме дали се негови, нечии, наши или ничии, вешто нѐ заплетка во лавиринтот од неговите зборови. Ни ја подари играта која нема почеток и нема крај затоа што тагата е безвремена. Тагата прераснува во лик, во ликот на Минотаурот кој не треба да се обвини што ги јадел децата, ги јаде затоа што и самиот сака да е дете. Минотаурот живее во сите нас, тој е замолченото дете кое живее во лавиринтите на нашата (пот)свест.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Елена Ѓорѓиовска
Кон „Сараевско марлборо“ од Миљенко Јерговиќ
Фиќото кое се превртува во првиот расказ значи дека наскоро ќе се...
Повеќе
0 replies on “Кон „Физика на тагата“ од Георги Господинов”