Кон „Spectator“ од Жарко Кујунџиски

Кујунџиски успева да напише дело што гo предвестува верижниот пренос на спроводливост, нешто досега невидено и физички недокажано, барем на македонската литературна сцена. Верижниот пренос е сличен на далeковод и електричен столб, ја трансформира енергијата и ја разложува, насочувајќи ја исправно до клучното место.

Spectator од Жарко Кујунџиски – силиконот на полуприказни и Морзеова азбука на душите

Второ прочитано дело на Кујунџиски, а веќе имам чувство како да можам да го препознаам низ илјадниците. Прозата на Кујунџиски секогаш танцува на платото на заводливоста, дувајќи низ отворените страници како антички ветер или пријатно струење на атмосферските честички, со навестување на озон или запален плевел. Таква е, го вовлекува читателот во своите редови и празнини сосе сите сетилни нишани, како длабок понор на знаења, и да, таква е, не го остава намира, па се прилепува за неговите пазуви, станува речиси споена со телесноста, како опашка или книжевен израсток.

„Spectator“ е лонгитудинална анализа на човечкото поведение, успешно стисната на скромен број страници, нуди чувство како да станува збор за уметност на практичното, како мебел на расклопување, кој, изработен од естетска гледна точка, не зафаќа место, но е исклучително неопходно помодарство, во случајот на полиците со книги. Кој не ја прочитал, тој не го воспримил електрицитетот на овоземските и оноземските космополитски и среднокласни мечтаења, растајнувања и меѓузависни релации.

 

Започнува со љубопитното око на Никола, па веројатно и ја навестува линијата по која романот ќе се движи, линијата на емотивен воајеризам, преку чија линеарност читателот безмалку ќе го наведе да ужива во соголувањето на тајните на сопатниците, нивните бунари во кои амфибиски тлеат и преживуваат најмрачните копнежи, двигатели на принципот на задоволство и потребата на реалноста.

Го става читателот во улога на публика, на жив именител (индиректно напомнувајќи му дека од него зависи поврзаноста на приказните), како да следи дијалошко накиснување, но и импулсивна кастрација. Низ остроумни компарации и стихови на ултрамодерна македонска проза, која ги запишува најважните егзистенцијалистички прашања, низ интерпункцијата успешно ја прераскажува Морзеовата азбука на душите. Точка – црта. Крај на реченица, почеток на дијалог. Така некако Жарко го разжарува и бинарниот систем на овие нули и единици, почетоци и продолженија, книга во образложение поврзана со математичките сфери на веројатност и еквација, еден концепт бујно развиен како и линиите на подземна железница.

Вешто е имплементиран и факторот на изненадување, на неинтегрално поврзување, кое ќе го барате постојано, за на крајот да сфатите дека овој анимиран приказ е впрочем развластување на ликовите од емотивно харикири.

Кујунџиски успева да напише дело што гo предвестува верижниот пренос на спроводливост, нешто досега невидено и физички недокажано, барем на македонската литературна сцена. Верижниот пренос е сличен на далeковод и електричен столб, ја трансформира енергијата и ја разложува, насочувајќи ја исправно до клучното место.
На пример, столбот 1(Илина) е надразнувачот за столбот 2 (Никола) да започне со движење/искрење, иако не се поврзани, тие влијаат врз куќичката 1 (Кристине и Герти), претстава за неверство и рамнодушност, имајќи го адаптерот на интензитет во свои раце, засилувачот е Герти, забавувачот е Кристине. Ваквите дихотомни и парадоксални дијади се забележливи низ целиот тек, инхибиција и катализација, изолација и изложување.
А што носи кодот на неверството? Неразвиени сексуални тенденции во адолесценцијата, она што народски кажано би се идентификувало со неизживеаност, и оп, Жарко нѐ вратил таму, во периодот на фиксација, на промискуитет или бигамија, додека го мирисаме хлорот на длабокиот базен и муабетиме со Кати и Аника. Овие случајно-неслучајни поклопувања продолжуваат до недоглед, како да се поттикнати од лимесот на бесконечноста, затоа што ја вградиле и диференцијалата на интерактивно соучесништво, Кујунџиски му го предава седиштето во прв ред на читателот од амфитеатарската сцена (Spectator = публика).
Толку мала книга, а толку добра за психолошка супервизија, за опсервација на епохалните „проблеми“ и згустувања довеани со новиот милениум како да се милениумска бубачка.

Дисекција на меѓуодносите на ликовите, домино-ефектот во „Spectator“

Овој домино-ефект на поврзување на ликовите, почетокот и крајот, но и лајтмотив на книгата, ја потврдува мојата првична претпоставка дека книгата ги држи полуприказните заедно преку силиконот на емотивен воајеризам. Меѓу другите корелации се издвои и лагата како општоприфатен интерперсонален, општествен и дипломатски манир или, уште подобро, некласифициран механизам на одбрана, која Кујунџиски вешто и притоа со огромен сензибилитет, латентно ја предава низ плетката од анамнези и ликови.

Воајеризмот, меѓутоа, не е предаден во својата изворна и есенцијална форма на перверзија, напротив, во „Spectator“, нишката на воајеризам навалува како дополнителна карактерна опрема на ликовите: воајеризам на заштитништво (Никола), воајеризам на конфузија и вина (Тино), воајеризам на воодушевување и професионална деформација (фотограф).

За продолжување на низата потребно беше да се спои ликот на Михаел (кој со своите ин(ц)тенцуозни намери се издвои како најсупериорно обликуван лик) преку навестените роднински афинитети со неуспешниот модел на проекција кон постариот брат, при што во еден миг ваквата пропустливост прераснува во фрустрација и дистракција на погрешно насочени емотивни калкулации, во случајот кон Маги, сопругата на брат му и негова снаа.

Евидентна е и тријадата на Елизабет, која се лепи до Матја двострано за да се разграни оваа домино-конекција, од која се изведува врската на лагата, подоцна доминантна над другирњ меѓусебни комбинации. Матја ги негува сопствените емоции, долго потиснувани, преку средбата со Горан, од што произлегува и лагата, затоа што авторот низ конверзацијата меѓу двата лика навестува дека таа го променила презимето и веќе е мажена. Елизабет исто така го изневерува сопругот, не со физичко неверство, но таа го исклучува од реализацијата и од неговата вклученост во одлуката, која се чини дека расте во нејзиното тело, но и во неговите замисли.

А за лик паралелен на самиот себе е Кати, со својата импулсивност да го оствари и пречекори прагот на зрелоста преку избрзаната одлука да ја даде што поскоро невиноста, за да го ослободи духот од притеснетите нагони што ја заробуваат во страв и во неизвесност. Но колку таа се ослободува од невиноста за да се ослободи и себеси или за да стане уште една алка од механичкиот синџир на консумеризмот и егоцентричноста?

Од другите релации:

Настасја и Пабло ги води реминисценцијата на животот, стравот од загуба на целовитоста, на соочувањето со смртта и промена на аголот кон ваквата мала адаптација. Едната штотуку ја избегнала средбата, другиот во исчекување на неа, и двајцата се понесени од виорот на иднината и прашањето уште колку долго ќе успеат да го зачуваат здрав интегритетот.

Аника и Настасја, пак, се поклопуваат во една криза на себеоткривање, би се рекло можеби и реоткривање, на идентитетот познат на огледалото, но со длабока рефлексија во продуховеното. Аника е во самиот цут на животот, се крие дури и од срамежливата сенка, додека Настасја се обидува да се скрие од залезот што полека осамнува над нејзиното теме, кој, пак, штом ќе ги разбранува страстите, почнува да го догледува низ стаклата на розови очила.

Кати и Каролин го претстауваат катализаторот, како што и претходно најавив, оваа книга не е составена само од полуприказни, туку и од спротивности, кои некогаш дејствуваат како спротивставени дијади. Тие две се соочуваат со сексуалното будење и со зрелоста на конвенционалниот процут, свесни за предиспозициите што нивната женска димензија ги отвора и наживо ги вивисекцира кај машката популација.

Маги и Кристине ја отелотворуваат модерната домаќинка, верна, претпазлива, питома и целосно свртена кон потребите на сопругот и на членовите на традиционалното семејство (иако кај Кристине е потенциран мотивот на одмазда). Молчаливоста ги турка во амбис на неостварени желби, еден ров за кој и двете се сигурни дека претставува нивно засолниште, без да сфатат дека наскоро ќе ги затрупа правта на оние што ги престигнале низ вртоглавата трка со судбината.

Герти и Горан се алфа-мажјаци, обдарени со некогашна или моментална промискуитетност, но со почит кон женскиот свет, иако таа почит не успева да ја испочитува и центарот за репродукција, па потфрла кон животинскиот инстинкт на полигамија и безрезервно менување на партнерите, иако секоја ноќ се враќаат во истото легло.

Ентони и Питер се икони на безусловното пријателство, на поддршка и аплауз, на рамо за плачење, на подадена рака. Иако за нив денот бавно минува, тие се решени да ја одиграат млаката улога на темел, без разлика што сите ќе се воодушевуваат од приказот на фасадата за која, макар невидливи, се стабилна потпора.

Елизабет и Матја делат гени на биолошка (не)оствареност. Додека едната ја сфаќа моменталната непотребност на ваквата улога, другата ја поздравува со сиот свој емотивен спектар.

Сопругот на Елизабет и Мари ја споделуваат наивноста на аутсајдер. Иако од разговорот со Роберт се чини дека Мари е жената што го намотала околу малиот прст, во нејзината отсутност од дијалогот и од дејството воопшто, иако се јавува како фабуларен стожер, се уочува депресивната природа на потчинетост, на жена предадена на судбината, без копнеж за борба и за прогрес. Сопругот на Елизабет е сличен на Мари бидејќи и тој исто така, без да знае, чекори по линијата на мал отпор на својата сопруга, таа ги сопнува неговиот збор и избор, неговата одлука не ја уважува, ја дискредитира, така што, во една надолна линија на диспоненција, тој е еднакво поништен како и Мари, помирената со судбината.

Роберт и Марсел ја прикажуваат машката заљубеност од поинаков агол, од гледиште што во никој случај не навира со патетиката или подгазено его. Тие љубат со различна фреквенција, Марсел негувајќи ја „топло-ладно“ отворената врска кон која би можело да се пристапи и со диоптерот на некаква сетилна предигра, а Роберт пак својата стерилна и безглава верност кон идеалот на Мари.

И само замислете, каква штета може да предизвика врз другите, да го наруши балансот на движењето и постоењето, едно паднато парче? Затоа Кујунџиски во „Spectator“ направил многу повеќе од автор што ќе се обиде истото тоа да го разложи на петстотини страници. Книгата е моќна статистика на модерните односи, кои вклучуваат извитоперени и атрофирани темпераменти, его-состојби, емотивен глад, прекумерна злоупотреба на одбранбените механизми, затоа што човекот се плаши да се предаде на животот како што се предава и на порочниот близнак во себе.

Тагови од објавата
More from Јована Матевска Атанасова
Рецензија за „Куќата на џамијата“ од Кадер Абдолах
Додека човек ја чита, и тој живее во куќата на џамијата, јаде...
Повеќе
0 replies on “Кон „Spectator“ од Жарко Кујунџиски”