Стапала што висат / Ембрион / Никулец / Аждаја / Блуз

Паѓам во една Нарнија секоја ноќ и скоро секој ден / со ѕвезди и зраци заплеткани како фиде. / Паѓам во една Нарнија и само таму сум / на моите пет или шест.

Стапала што висат

Добивам прекор за една заборавена виљушка.

Од коренот на косата ми се санка потсвеста,

полусвесна.

Бабата од  дворот преку болеста,

 води разговор со меден тон,

нејзиниот дедо не отвора уста.

Тоа не ја спречува.

Неколку птици прават симфонија на небото над мене

и ми провејуваат пред очи.

Сè што гледам е дека некое дете истурило млеко, горе,

оти облаците немаат форма.

Надеж-бело се растопило во бескрајното синило

топло е, и изгледа не се плашам.

 

Ембрион

Нашата тишина има леплив вкус

Растегнати конци  од прашалници

И извичници на кои вертикалата им паѓа

Кога се раѓа молкот, плимата надоаѓа

Овој пат е дисциплинирана, поткастрена и префинета

Во себе ги носи врисоците и неврисоците

Артикулираните и клапнатите на врвот од јазикот

Аритмија, возбуда од џабе и за џабе

Твојата левост, мојата левост

И десната рака

Нашата тишина е вдомена и се чуди на секое: слушај се себеси.

 

Никулец 

Паѓам во една опивна Нарнија

на мека и влажна постела,

врвовите ме скокоткаат и мојата кожа се смее

додека никулци од шеќер никнуваат од неа.

 

Го отворам прозорецот од светогледот

и низ него  се протнува омнибус без управувач, 

смешно галопирајќи со неуморни еднорози

прибегнати од шарено шкотско село.

 

По лизгавото и мазно виножито се спушта

 детска смеа, џагор, загорено млеко

 и несмасен татко кој со левата рака го стиска својот нос,

а со другите го подига својот дом.

 

Паѓам во една Нарнија секоја ноќ и скоро секој ден

со ѕвезди и зраци заплеткани како фиде.

Паѓам во една Нарнија и само таму сум

на моите пет или шест.

 

Аждаја

Ако роварењето во себе беше спорт

Ќе бев добра спортистка

Вака имам две леви раце

Сензитивни зглобови што милуват да го галат цементот

И глава што памети силен удар од баскет

Многу рефлекси лошо искоординирани

Желба за летање

И верно vertigo

Не сум неурамнотежена, учам да жонглирам

Јас сум расипана стрелка на компас

И правецот се губи во мене

Да беше роварењето во себе спорт

Ти ќе играше центар.

 

                                                                                                                                                     

Блуз

Не ми е ништо, само начинот на којшто чувствувам некогаш ме разболува. 

Се заразувам од лаежот на кучињата преку улица, од лепливата дамка мед на плочката во кујната, моите прсти се расонуваат кога ги простирам пред очи, умот сонува преку ден. Се заразувам од слики. Со еден зелен автомобил управува еден дедо, девојчето зад неговото седиште е невидливо. Свртена како сончоглед кон сонцето, мижурка. Се ококорува без страв од средбата во четири очи и пак ги префрла двете гранчиња со прсти преку светлината. Настинувам од смеа. Наместо слуз, од носот ми истекуваат реките што нè делат. Ги повлекувам навнатре.

Ги слушам сопнатите чекори на внук ми и одненадеж некој ми го тутка прстот во ноздрата. Вшмукувам од жешкиот асфалт и лижнувам од дождот. Светот добива и губи смисла на секоја стота минута. Како го бројат времето на Венера? Ако го задржам воздухот во градите почнува да ми ‘рти часовник што враќа наназад.

Бегам кон продавницата со ситни чекори, шербетот клокоти од скоро. Сосетките си изјавуваат љубов којашто нивните покојни сопрузи заборавиле да им ја остават под кревет, од ненадејност. Онаа што ја гледам е од страна на улицата, јас сум доволно близу за да се збунам. Вели : „Ти можеш ли без мене?“,со крескав глас. На што слушам замачкана тишина од другата страна на порталот. Пискавата заѕунува: „Епа и јас така не можам без тебе. Остани ми со здравје.“ Едно пладневно кафе ми ги зачовечува очите. Корите стигнуваат навреме. Врелата течност ги налегнува.

Мислам дека разбирам.

Шестгодишната во мене сè уште се чуди. 

 Зошто доби шамар поради боење надвор од линијата?

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Стапала што висат / Ембрион / Никулец / Аждаја / Блуз”