Анализа на сцена од „Буре барут“

Гледајќи ја претставата „Буре барут“ поставена на сцената на Драмскиот театар во Скопје од режисерот Сашо Миленковски во 2016, а имајќи предвид дека првично ја режирал во 1995, можеме да заклучиме дека проблемите кои биле актуелни во 90-тите години на XX век се подеднакво актуелни и денес. Дејствата кои се обработени во драмата (во 1995) се последица од политичките ситуации кои се случувале во 90-тите, по распадот на тогашниот систем.

1. Вовед

Драмската книжевност е литературен род за кој се карактеристични дејството и дијалогот (или монологот во монодрамата). Самиот термин драма значи дејство, дејствување, што упатува на суштинското својство на драмата – претставување на настаните со подражавање, симулирање, имитирање, преку актери, или како што вели Аристотел: „преку лица што дејствуваат, а не со (пре)раскажување“. (Младеноски, 2018 :78) Драмската книжевност комуницира со своите реципиенти не само со посредство на театарот како медиум, туку и преку можноста за реципиентит сам да го прочита делото. Сепак најчесто драмата се изведува во театар пред публика. Оној кој ја пишува драмата треба да има широко познавање на проблематиката за која пишува, но исто така и да има посебна дарба да ги обликува ликовите, дијалозите, да ги направи интересни за публиката, и преку нив да прикажи одредена состојба која била, сега се случува или можеме да ја очекуваме во иднина. Авторот Дејан Дуковски со драмата „Буре барут“ го направил токму тоа. Преку одлично поставени ликови и карактери ни дава опис и случувања на едно време кое одамна е зад нас, но проблемите кои ги обработува подеднакво се актуелни и денес.

 

2. Постмодернизам

Постмодернизмот буквално означува по-модернизам, правец што доаѓа после модернизмот. Како што вели професорката Јелена Лужина во текстот „Најмладата македонска драма: македонските драматичари пост-модернисти“ во студијата „Театралика“: „Овој фамозен збор – постмодернизам во општа употреба влегува на самиот крај на шеесеттите години, всушност по шеесет и осмата, кога дефинитивно завршува епохата на модернизмот.“ (Мојсова-Чепишевска, 2020:1)
Давајќи свое објаснување на постмодернизмот, проф.Тони Аврамов вели дека тој се однесува на делата од литературата, драмата, филмот, архитектурата, но исто така зборуваме и за постомодернизам во маркетингот, бизнисот, спроведувањето на правото, културата и религијата во доцниот XX и раниот XXI век. „Ја акцентира улогата на јазикот, моќните врски и мотивации, најстрого ги критикува острите поделби на мажи и жени, хетеросексуалци и хомосексуалци, бели и црни, власт наспроти колонијализам.“ (Аврамов).
Во секој случај постмодернизмот претставува нов поглед на разбирање на светот. Софија Тренчовска во книгата ,,Една митопоетика“, во делот посветен на европскиот постмодернизам, го посочува ставот на Франсоа Лиотар кој вели дека: ,,делото е модерно само доколку пред тоа е постмодерно… постмодернизмот не значи крај на модернизмот туку состојба на негово раѓање, и таа состојба е константна.“ (Тренчовска).

2.1. Постмодернизмот во литературата

Карактеристично за постмодернизмот во литературата е експериментирањето во текстот и слободното играње со јазикот. Авторите ја одржуваат врската со минатото и бараат инспирација во историски теми, и тоа најчесто е поврзано со осуда на нешто од минатото. Во тој контекст, авторката Тренчовска во книгата „Една митопоетика“ ја цитира професорката Јелена Лужина, која вели дека: „постмодерниот концепт е сосем дивергентен: тој носталгично и постојано ќе се свртува само „наназад“, тврдоглаво решен Новото да го создава само така што постојано ќе се сеќава на веќе создаденото – Старото…“ (Тренчовска,2015:96). Според Тренчовска, други карактеристики на постмодернизмот се: метафикцијата, цитатноста, автореференцијалноста, иронијата и алегоријата, создавањето на алузии и привиден хаос, атмосфера на паника, фрагментарност, декомпозиција, контрадикција и противречност во градењето на наративната структура. Таа уште забележува дека целта на постмодернистичките автори е читателот да не биде само некој кој ќе го чита делото, туку да биде учесник или произведувач на делото. Во таа насока ја цитира професорката Мојсова-Чепишевска дека:,,постмодернистичкиот театарски примач нема веќе право на удобна, а со тоа и пасивна позиција. Позицијата на гледачот е изменета, тој сега е повикан директно да учествува во творечкиот процес.“ (Тренчоска, 2015:97). Односно, гледачот, како што вели Лужина: „доколку сака да ја разбере, мора да биде дел од таа сцена. Таа, значи, мора да го засега и него – лично.“ (Мојсова-Чепишевска, 2020:3) Лужина уште напоменува дека со текстот кај читателот, односно гледачот, место пораки „овие драми од постмодернизмот емитуваат сигнали, информации од најразличен вид и тип и притоа нивната намена не е тие да бидат запаметени, туку едноставно да бидат почувствувани, доживеани.“ (Мојсова-Чепишевска, 2020:3). Како вистински македонски театарски постмодернисти Јелена Лужина ги посочува Русомир Богдановски, Жанина Мирчевска и Дејан Дуковски.

 

3. За авторот Дејан Дуковски

Дејан Дуковски е истакнат македонски драмски автор. Дипломирал драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје (1990). По дипломирањето работи како драматург во Македонската радио-телевизија (1990-1993). Во 1993 година на ФДУ е избран за асистент по предметот филмско и тв-сценарио, а од 1996 година е доцент на Катедрата за драматургија. На порталот blesok.mk за него пишува дека е автор на повеќе драмски дела, како:,,Балканска гротеска (1988)“, „Последниот балкански вампир“ (1989), „Силјан штркот шанца“ (1991), „Џинот и седумте џуџиња“ (1991), „Балканот не е мртов“ (1992), „Буре барут“ (1994), „Маме му ебам кој прв почна“(1996). Во 2003 ја објавува драмата „Другата страна“ (2003), а во 2007 „Празен град“ (2007). Дуковски е и автор на сценарија за играни филмови меѓу кои и „Светло сиво“ (1993) на режисерот Срѓан Јаниќиевиќ и „Буре барут“ (1995) на режисерот Горан Паскаљевиќ. Добитник е на бројни награди за неговите драмски дела. Двапати ја добил Наградата за најдобар современ драмски текст на Македонскиот театарски фестивал Војдан Чернодрински – Прилеп, за драмските текстови „Балканот не е мртов“ (1993) и „ Буре барут“ (1995), потоа Гран-при на Интернационалниот театарски фестивал БИТЕФ за драмскиот текст „Маме му ебам кој прв почна“ (Белград, 1997) и други.

 

4. За драмата „Буре барут“

Драмата „Буре барут“ авторот Дејан Дуковски ја пишува во 1994 година. Таа е негов најпоставуван драмски текст. Првпат е играна на сцената на Македонскиот народен театар во 1995 во режија на Сашо Миленковски, по што се поставува и во театари во Грција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Германија, Данска, Холандија, Шведска, Јапонија, Бугарија. Режисерот Миленковски повторно ја поставува оваа претстава на сцената на Драмскиот театар во Скопје во 2016 година, по повод 70-годишниот јубилеј на оваа национална театарска куќа. Во режија на Наташа Поплавска играна е на сцената на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 2014 година.
Режисерот Горан Паскаљевиќ според сценариото на Дуковски сними игран филм со наслов „Буре барут“, како копродукција на продуцентските куќи од Македонија, Франција, Германија, Турција, Југославија и од Грција. Филмот учествувал на познати светски фестивали и ги добива наградите: FIPRESCI – награда од критиката на Фестивалот во Венеција (1998); Награда на Европската асоцијација на критичарите (Лондон, 1998); Гран-при на Фестивалот во Анталија, Турција (1998); Награда „Бронзена камера 300“ на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ (Битола, 1998); Гран-при на Интернационален филмски фестивал (Хаифа, Израел, 1999).
Во драмата „Буре барут“ авторот Дејан Дуковски го претставува Балканот на почетокот на 90-тите години на XX век. Самиот наслов кажува многу, и тоа дека Балканот е како буре со барут кое може да експлодира во секој миг. Авторот зборува за омразата, насилството, одмаздата, бегањето на младите од државата, безнадежноста. Ни го претставува хаосот предизвикан од политичката ситуација на Балканот во текот на 90-тите години на XX век. Таа напнатост ни е претставена преку неколку наизглед одвоени приказни, но по еден лик од секоја сцена го има и во наредната. Ликовите се или насилни или трпат нечие насилство. Ситуациите во кои се наоѓаат се речиси банални, и дури е чудно како човек може лесно да западне во невоља, да се најде во ситуација од која нема излез, па единствен начин да избега е и тој самиот да стане насилен.
Драмата има единаесет сцени, единаесет приказни, подредени со овие наслови: „За арно, за убавo“, „Инцидент“, „Систем“, „Инцидентен систем“, „Последен автобус за…“, „Зајди, зајди, јасно сонце“, „Балкан − блуз“, „До крајот на светот“, „Соба со поглед“, „Месечина од слама“, „Буре барут или Органска хемија“. Ниту една нема среќен крај.

 

5. Анализа на сцената „Зајди, зајди јасно сонце“ со помош на „стапиците“ од Горан Стефановски

Драматургот Горан Стефановски ја напишал „Мала книга на стапици“, еден вид на прирачник за пишување на драмски текстови кој го прикажува начинот на кој и самиот Стефановски ги пишува своите драми. Според него, при пишувањето на делото (во овој случај сцената) треба да се одговори на шест прашања, односно да се напишат дијалози и да се постават сцени кои ќе одговорат на прашањата:1. КАДЕ се случува дејството;
2. КОГА се случува; 3. КОЈ лик е вклучен во сцената, притоа давајќи податоци за неговото тело (физички карактеристики), душа, општество (за неговата национална припадност, религија, професија, општествен статус), предметите како стапици кои карактерот го користи (тие одговараат на прашањето со што се изведува дејството);
4. ШТО – стапица на дејство, она што ликот го прави и она што ликот го поднесува т.е. она што му се прави на ликот; стапици на ситуации; 5. Одговор на прашањето ЗОШТО – стапици на причините зошто ликот го изведува дејството; 6. КАКО – стапици на точка на гледање, приод, однос (постојат пет базични драмски модалитети низ кои може да се гледа светот – трагедија, мелодрама, комедија, фарса, трагикомедија).
Ако ја анализираме сцената ,,Зајди, зајди јасно сонце“ во драмата „Буре барут“ од Дејан Дуковски, во режија на Сашо Миленковски изведена во 2016 година, следејќи ги овие „стапици“ на Стефановски, го добиваме следното:
1. Сцената се случува во некој зафрлен дел од градски парк каде нема многу движење на луѓе;
2. Како време на случување авторот го определил периодот во 90-тите години на XX век, време на распад на еден политички систем, кога повозрасните се обидуваат да го нормализираат животот, а младите се разочарани, сè им е бесмислено, не можат да се пронајдат во времето во кое се мешаат старото и новото. Се работи за специфично време во кое на секој чекор се среќаваме со насилство, бруталност, дури и во моменти кога очекуваме да има љубов.
3. Во сцената „Зајди, зајди јасно сонце“ гледаме четири лика: Светле (ликот го толкува Емилија Мицевска), Ѓорѓи (актер Сашо Тасевски), Гела (актер Благој Чоревски) и Ѓоре (актер Симон Манасковски).
Светле е млада, привлечна девојка која е вљубена во нејзиното момче Ѓорѓи. Би рекле дека е доста несигурна во себе, уплашена, повеќе тажна отколку среќна. Плашејќи се дека можеби ќе остане сама, без дечко, допушта да биде малтретирана од него, како психички, така и физички. Трпи навреди од Ѓорѓи кој ја тепа, ја псуе, се додека не ѝ „пукне филмот“ и не почне да се брани од навредите и да се бори за својата вистина.
Ѓорѓи е момче кое е веројатно малку постаро од Светле. Доста е агресивен, невротичен, многу љубоморен. Тој не сака да си признае дека е вљубен во Светле, како љубовта да е знак на слабост, па има измешани чувства и постапки. Од една страна ја сака девојката, ги забележува погледите на сите кои гледаат во неа и тоа му смета, па станува љубоморен до лудило, па ја тепа, па потоа ја бакнува. Но и заштитнички настапува кога во сцената се јавуваат Гела и Ѓоре.
Гела е повозрасен маж со криминално минато од кого сите се плашат и му се поттргнуваат од патот кога ќе наидат на него. Агресивен, секогаш подготвен да влезе во невоља, бара причина да се скара и да се степа со секого („Клупава знаеш чива е?“, „Лузнава знаеш од кого ми е?“). Нему не му се случило некој да му се спротистави, па затоа е и изненаден кога Ѓорѓи ќе одбие да му пее.
Ѓоре е младо, неискусно момче кое веројатно животот ќе го натера да тргне по лош пат, па станува придружник на Гела и ги прифаќа неговите навики, карактеристики, неговото однесување. И тој сака да се плашат сите од него, што станува лесно кога до него стои криминалец како Гела. И за него можеме да речеме дека е агресивен, насилен и не се двоуми ако треба да започне тепачка со некого.
4. Во однос на четвртата „стапица“ (ШТО) би рекле дека во сцената „Зајди, зајди јасно сонце“ секој од ликовите има свое определено дејство кое го извршува. Ѓорѓи е насилен, а Светле го поднесува неговото насилство. Гела и Ѓоре пак се насилни кон сите, а Ѓорѓи е тој што има доволно храброст да им се спротистави. Колку и да се различни како ликови и карактери, на сите несреќниот живот и можеби борбата за подобар живот им е заедничка црта.
5. Зошто се изведува ваквото дејство во сцената? Причината кај сите ликови треба да ја бараме во општата состојба во земјата и времето во кое живеат. Тоа е време во кое владее безработица, секој бара начин да обезбеди некакви приходи – некој со работа, друг тргнувајќи по лоши патишта.
6. Што се однесува до шестата „стапица“, за каков драмски модалитет станува збор, конкретно за сцената „Зајди, зајди јасно сонце“ би рекле дека станува збор за трагикомедија. Тука трагичното се меша со комичното. Сцената во која Ѓорѓи ја тепа и навредува Светле не би била комична доколку го нема дијалогот и глумата на актерите кои секако предизвикуваат смеа кај гледачите. Принципот на иронија во сцената „Зајди, зајди јасно сонце“ (ироничен исказ чисто хуморен, сархкастичен, со употреба на јазик кој едно говори, а друго мисли) го гледаме во последниот дел од сцената.
ГЕЛА: Доста. Пее како педер.
ЃОРЕ: Гела многу мрази хомосексуалци.
ГЕЛА: Нека каже една опера.
ЃОРЕ: Ја знеш „Фигаро“?
ЃОРЃИ: Ја знам.
ЃОРЕ: Да чуеме.
ЃОРЃИ: Нема да чуеме.
ЃОРЕ: Нема да пееш?
ЃОРЃИ: Доста пеев. Сега малку ќе ве тепам

 

6. Наместо заклучок

Гледајќи ја претставата „Буре барут“ поставена на сцената на Драмскиот театар во Скопје од режисерот Сашо Миленковски во 2016, а имајќи предвид дека првично ја режирал во 1995, можеме да заклучиме дека проблемите кои биле актуелни во 90-тите години на XX век се подеднакво актуелни и денес. Дејствата кои се обработени во драмата (во 1995) се последица од политичките ситуации кои се случувале во 90-тите, по распадот на тогашниот систем. Во неа се зборува за обичниот човек кој после сето она што го претпрел (војните, разделувањата, транзицијата) не знае што да прави сам со себе, но исто така се зборува и за криминалците и насилниците, ликови што ги има во секое хаотично време. Тука никој не гледа излез од ситуацијата, но затоа кај сите се гледа страв, огорченост, мака, разочараност. Она што сите ги обединува е насилството и смртта. Како да нема сцена во која нема убиство.
Деспина Ангеловска во текстот „Низ дистопиското огледало на транзицијата: Во потрага по изгубениот идентитет во современата македонска драматика“, вели дека насилството во драмата, како вербалното така и физичкото, постојано се повторува, како да е „единствениот начин на комуникација и мотивација на ликовите кои се соголени од каква и да е психолошка длабочина и од каква и да е намера да пренесат некаква порака.“ (Ангеловска).
Но, истите дејства што ги гледаме во 1995 одговараат и на ситуацијата денеска. И денеска Балканот е буре барут кое во секој момент може да експлодира. Меѓу луѓето омразата како никогаш да не исчезнала, нема никакво помирување и обединување, заборавиле на стравотиите кои ги носи војната и немаштијата (низ сцените постојано се провлекува репликата дека луѓето заборавиле на војната па затоа треба да се случи повторно), насилството станува нормална работа. Но, според мене, насилството не е нешто што е вродено во карактерите на ликовите од драмата, туку тоа е предизвикано од немањето љубов, разбирање и дијалог. Во секој случај, иако одамна се зад нас 90-тите години, проблемите останале, што ни зборува дека ние и натаму живееме во сличен пекол. Хаосот не завршил, само се случува во друг век.
Затоа ќе речеме дека „Буре барут“ на Дејан Дуковски е безвременски текст кој без разлика дали се игра во Македонија, Србија, Хрватска, во Турција, Германија, Данска, Холандија, Шведска или Јапонија, секаде е актуелен и интересен за публиката.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Анализа на сцена од „Буре барут“”