Кон „Вечно туѓа“ од Стефан Хертманс

Жените од памтивек се напаствувани и злоупотребувани, да се биде жена било проклетство, особено зашто жената го носела гревот како тафта закоена за рамената, на која секој случаен минувач оставал по еден камен, пригрбавувајќи ја, обременувајќи ја...

Книгата е ренесансна уметност, средновековна слика, со секој отпечаток од маневар со четка, собрана помеѓу една рамка и четири агли, сепак интегрирана, украсена и посветена на најситните детали.
Оваа историска каравела, потрага по вистината фосилно закопана под небрежноста на милениумите, под смртнички слој прав, е сензационално остварување на женското страдање.
Колку чевли може да носи една жена за да остане во чекор со сите општествени брзаци, наметнати улоги? Таа е ќерка, па сопруга, таа е мајка и баба. Внука. Таа е ученичка и учителка. Таа е девојка и жена, таа е слугинка и домаќинка.
И страдалничката има повеќе имиња, како и мултифункционалната женска природа: Вигдис, Аделаис, Хамутал, Сара, Тодрос, Гундбрандр… Но, и покрај тоа, имајќи ги нив, таа е смртно заљубена и несреќно погубена, отсечена од сите претставки што погоре ги наброив. Принудена е да се одрече од себе, да моделира нов лик што сепак ќе го има истиот лицев калап кога ќе пропадне во мека глина.
Одеднаш се наоѓа ошумоглавена и сама на еден тривијален пат, не знаејќи каде да тргне: во Руан – родителскиот дом од кој бесрамно се одметна, во Нарбона – каде што е следена од секој нормански витез за да биде претворена во златници, или во трошното Мониу – пештерата на нејзиното огрешување?
Хертсман го гради четивото завртено од секој агол, во сите можни димензии, на одлична историска рамница, со вкрстување на две многу битни тетиви: крстоносните војни и верската диференцијација.
Дали проклетството на Хамутал е плод на нејзината автосугестибилност, за кое смета дека започнува откако го напушта едниот Бог, оној што го добила како крстена христијанка, и подоцна во име на љубовта го заменила со еврејскиот? Ако Бог е ист, без разлика на верското именување, и милостив, зарем нема да ја поткрепи во одлуката? Дали го навредила Бога и кого од нив двајца? Или нејзината беда е поврзана со човечките фактори, со предрасудите и вечната поделба на позицијата на сплотувањето? Иако во романот фокусот е насочен кон религијата, не е толку нискоброен за целосно да ги замати околните и заднински теми.
Жените од памтивек се напаствувани и злоупотребувани, да се биде жена било проклетство, особено зашто жената го носела гревот како тафта закоена за рамената, на која секој случаен минувач оставал по еден камен, пригрбавувајќи ја, обременувајќи ја… Женската голгота започнувала од скудната еманципација до обезвреднувањето на репродуктивни реципиенти, со апсолутно отфрлање на согласноста, како врска од комуникацијата, од која произлегува силувањето како грозоморен чин на честа.
Но, иако Хамутал пропатувала пеш два континента, само за да излезе накрај со она што го изгубила, најверојатно неповратно, нејзините импулсивни постапки не ми вдахнаа некоја сила за да се поистоветам со неа, намига испливува детската наивност и непромисленост, брзо влетува од еден во друг брак, расеано и донкихотски се справува со ситуациите како да не им е дорасната. Но таа е една ранета жена и мајка, отфрлена ќерка, која останува сама на светот, чувствува како тој се стеснува околу неа, ја валка при секој обид да се исправи.
Жената е орбитата на светот, сѐ се врти околу неа, но понекогаш осцилациите се тие што ја прават посилна од фузијата на општиот хаос.

Тагови од објавата
More from Јована Матевска Атанасова
Рецензија за „Куќата на џамијата“ од Кадер Абдолах
Додека човек ја чита, и тој живее во куќата на џамијата, јаде...
Повеќе
0 replies on “Кон „Вечно туѓа“ од Стефан Хертманс”