Ермис и земјотресот

Не ми преостана друго освен да се вратам кон црно-белите типки и почнам да импровизирам, додека во главата ми се превртуваа секакви мисли. И тогаш, од близу се јави некој глас, чиј глас не можев да знам, до клавирот стоеше момчак, дваесетгодишник, ми рече: - Добро отсвирено.

Концертот на „Уста на уста“ во МКЦ 82-та требаше да ја заокружи успешната година за бендот: често бевме на прво место на топ-листите на „Три гонга“ кај Ѓоко Георгиев, победивме на рок-фестивалот во Охрид, бевме предгрупа на концертот на „Бјело дугме“ на старото скопско сајмиште… Бендот израсна од рок – кабаретските придружби на перформансите на УСТА и во настапите беше присутна сценичност и импровизации што, мислам, не издвојуваше од тогашната нарасната македонска рок-сцена.
Големата сала на МКЦ беше исполнета со исчекувачка атмосфера, инструментите поставени на бината, а големиот црн и озвучен клавир поставен напред кон публиката. Можам да си ја повикам целосната глетка од пред речиси 40 години, но на точниот датум не можам да се сетам, а ниту Ермис може, иако тој ден го паметиме зашто се случи еден од оние скопски земјотреси што долги години по катастрофата, одвреме на време ќе го затресеа градот.
Пред концертот, земјотресот и помислата на него беа предалеку од љубопитното расположение меѓу посетителите, додека ние од бендот се договаравме како штосно да го отвориме настапот. Сан, Кучкар, Нонте и Жарко се искачија на бината, ги земаа инструментите, почнаа да ги штимаат и да ме бараат: – Сашо! Сашо! Каде е Сашо, кај излезе сега? Криенката беше договорена, како и ефектот кај публиката – се вртеа, коментираа, некои се придружија во довикување на моето име. По неколку минути, кога различни довикувачки гласови се слушаа и се мешаа во салата, се пробив низ гласовната турканица, „еве сум, еве сум“, божем дотрчувам кој знае од каде, седнав до клавирот, и со импровизација го започнав првиот сонг. Концертот почна, песна по песна, влеговме во ритам, и ние и публиката.
Нонте солира, публиката џуска, кога, тресок! Ама не од некој откачен риф од гитарата на Нонте, туку дирекно од подземјето. Земјотрес! Гитарското соло нагло се прекина, сите со врескање се стрчаа кон излезот, се буткаа и туркаа глава преку глава да му избегаат на подмолниот Злосторник. Каква тревога, каква дезорганизација!
Сите, освен неколкумина кои потскокнуваа по ритамот на музиката, а сега со потсмев гледаа кон бегалците. И јас останав да седам до клавирот, можеби и затоа што се вкочанив од страв од земјотресењето, но и од стампедото од млади, исплашени тела. Толку брзо и одеднаш. Не ми преостана друго освен да се вратам кон црно-белите типки и почнам да импровизирам, додека во главата ми се превртуваа секакви мисли. И тогаш, од близу се јави некој глас, чиј глас не можев да знам, до клавирот стоеше момчак, дваесетгодишник, ми рече: – Добро отсвирено.
Така се запознав со Ермис Лафазановски, кој по неколку години ја објави својата прва книга, расказите „Половина божилак“, а децении подоцна романескните бисери „Храпешко“, „Недела“, „Историја на луѓето кои умреа од страв“, но тогаш беше младич кој ја сакаше рок-музиката.
И не се уплаши од земјотресот.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
ПАРИЧНИК
- Зошто толку сладоледи се купуваат и се трошат во лето, кога...
Повеќе
0 replies on “Ермис и земјотресот”