Бајац / Пиштало

Во животот ми се случуваат интересни средби и личности, во различни временски периоди и во различни амбиенти, со некои, како со Влада Бајац, тие доживувања продолжуваат, се множат, за понатаму да ги прераскажувам.

БАЈАЦ

 

Долготрајното другарство со Влада Бајац се зачна на почетокот на студиите и оттогаш расте и се збогатува, минувајќи со несмален интензитет и без напор децении и децении.

Во животот ми се случуваат интересни средби и личности, во различни временски периоди и во различни амбиенти, со некои, како со Влада Бајац, тие доживувања продолжуваат, се множат, за понатаму да ги прераскажувам.

Се сретнавме во 1973-та, во една од затскриените собички на приземјето во раскошното здание на Филолошкиот факултет во Белград, каде што се собираше редакцијата на новосоздаденото студентско списание „Знак“. Група млади ентузиасти, амбициозни, неспокојни книжевни кандидати, со големи планови и вриечка енергија. Главен уредник беше Бранко Алексиќ, висок, со очила и нервозни гестикулации, вљубеник во надреализмот, страствен почитувач и пријател на Марко Ристиќ. Беше постар од нас, бруцошите, прилично брз и гласен во говорот, што во првиот контакт можеше да изгледа застрашувачки, особено за оние кои, според неговото мислење, имаа застарени ставови. За среќа, не бев меѓу нив, а фактот дека тогаш „фурав“ рокенрол беше голем плус за мене да го заинтригирам нашето внимание. Со Бранко продолжив да соработувам и неколку години подоцна, кога ги уредуваше авангардните „Видици“, а јас го отслужував воениот рок на Авала, ме повика да му помогнам во подготовката на вонредниот број „Млада југословенска книжевност“. Во својот избор ги вклучив песните на Милош Линдро, Љупчо Димитровски, Ѓорги Барбаровски, Катица Ќулафкова, Вера Чејковска и расказот на Љупчо Сиљановски. Од порано го познавав само Љупчо Димитровски, од моите средношколски денови, кога заедно бевме членови на книжевниот клуб „Бигори“. Другите автори ги знаев од списанијата и од понекоја книга што ги собирав и ги донесував од Скопје.

Интересно е дека изборот за „Видици“, а и неколку свои мини-прози што после влегоа во мојата дебитантска книга „Младиот мајстор на Играта“ ги сочинив додека бев во ЈНА, во специјална единица на војна полиција, меѓу инспектори и карате мајстори, па често, додека со долги маршеви, десанти и слични „активности“ се мачевме по пустите карпести ридови, се прашував што по ѓаволите барам јас таму, па единствена утеха ми беше што Авала е близу до Белград. Така едно саботно пладне, кришум се провлеков меѓу жиците околу касарната и после неполн час бев на белградската автобуска станица, од каде, најбргу што можам, се искачив по стрмната Балканска до редакцијата на „Видици“, каде Бранко ме дочекасо белиот, голем B-4 примерок на списанието.

Неколку години пред распаѓањето на Југославија, Бранко емигрираше во Франција, во Париз, центарот на неговата опседнатост со надреализмот. Оттогаш ќе наслучнев ретко по некоја матна вест за него – дека се вработил во институтот за проучување на надреализмот, дека се оженил со Бразилијанка, дека и натаму е слаб и нервозен. За време на моите подолги престои во Париз, прашував за него, добивав нејасни одговори дека е тука некаде и… веќе не го сретнав.

Со Влада Бајац дружењето започна веднаш. Со витка, еластична физичка конституција што ја задржа до ден денес и со воздржано, љубезно однесување зад кое се чува чувствителна и страствена природа. Лесно ги откривме нашите сродности. Обајцата имавме моќни татковци кои страдаа од режимот и рано заминаа од животот. Обајцата имавме интензивен рокенрол период во младоста (јас во музичките бендови, тој како еден од уредници на „Рок“, главното списание на новиот рок-бран). Обајцата минавме низ опасни турбуленции во нашите кариери. Подоцна, испадна дека дури и ќерките ни се родиле во истите години, па затоа, според заедничката татковска оценка, лмаат слични карактери – неговата Сташа и мојата Тамара 1985-та, Лара и Соња четири години подоцна, со само неколку дена разлика. И што е многу важно, и кај едниот, и кај другиот, љубовта кон литературата остана нечепната. Ја задржавме предаденоста кон читањето и пишувањето, отворенос и флексибилност кон разновидни предизвици и ризици во книжевниот занает.

Еднаш, уште на почетокот на нашето пријателство, се качувавме по стрмната дорчолска улица „7. Јула“ (денешна „Краљ Петар“) кон факултетот, дрдорејќи, со раце со полни фасцикли за првиот број на „Знак“, кога, задува кошава, онака како што таа умее, во силни налети, и ни ги разнесе листовите хартија на сите страни, по тротоарот и калдрмата. Се растрчавме ловејќи ги, не внимавајќи на автомобилите што упорно трубеа, додека пред нас ветерот ги вртеше листовите. Шансата да ги собереме, сред кошавата и сообраќајот, не беше голема, но сепак некако успеавме да ги извлечеме под нозете на минувачите и тркалата на автомобилите. И така, со нафрлани листови, додека кошавата дуваше, со разбушавени глави како во В-вестерни, прснавме во смеа, непокорна, гласна, младешка смеа.

И после авантурата со „Знак“, за време на моите белградски денови, средбите со Влада беа проткаени со присни разговори за сè и сешто, со една сродна, ведра амбиција – и натаму да се обогатуваме и осознаваме преку литературата, но и да ја поттикнуваме гладта кон убавите животни предизвици. Кај него тоа откривање на разнообразните духовни предели може да се воочи со за она време особени антологии – „Поети на бит генерацијата“ и „Зен приказни“, со серија тв портрети од њујоршкиот Челси хотел, со неговите хаику минијатури отпечатени на јапонските конзерви за чај… Се сеќавам сликовито на промоцијата на „Книга за бамбусот“, романот што силно ги магнетизира читателите и читателките во преполната сала во белата пирамида на скопскиот Народен театар, а веќе следното утро, на кафе кај камената тераса на хотелот „Бристол“ (што одамна не работи), под сенката на големиот даб (забележувам дека во повеќето мои сеќавања како декор задолжително се појавува некое разлистено, моќно дрво), Влада ми ги образложува аргументирано плановите и стратегијата на неговата идна издавачка куќа. На „Геопоетика“ што денес е поим за врвен издавач во регионот.

Скоро ги читав неговите „Гастрономадските приказни“, во кои што главната улога ја има храната. Како што вели самиот автор: „Радоста во уживањето во малите, големи нешта, пофалба на интимата, но и на патувањата, на културата, на магијата. На светот согледан во очита на љубопитниот патник. Светот на блиските и на многу далечните чуда“.

Светот на Влада Бајац.

 

 

 

ПИШТАЛО

 

Интересно е дека за време на мојот белградски период се зачнаа пријателствата со тројца Владовци – Бајац, Дивљан и Пиштало. За секој од нив тројца и денес носам во себе полн грст живи доживувања

Сепак не се сеќавам точно каде се запознав со Влада Пиштало, но можам без напор да го оживеам неговиот тогашен лик. Можеби затоа што тој, и покрај годините и стареењето, го одржа изгледот на добродушен медо. Но наспроти својот лежерен физикус, Пиштало е пешак кој сака рано-рано да скита низ градот (тука, што се однесува до талкањето, потполно се сложуваме, иако јас баш не сум ранобудник), секогаш со нотес на готовс – да прибележи локална анегдота или досетка.

Неколку години помлад од мене, Пиштало поседуваше една особина што ретко ја имаат и луѓе со повеќегодишно искуство. Добронамерност. Уште како младич, тој се инспирираше од книгите и од приказните на другите. И тогаш веќе беше длабоко заразен со литературата – го гледам како насмеан, забрефтан, се симнува од вториот кат на зградата на „Југословенските железници“ каде работеше како новинар, држејќи го во раце новиот број на откаченото, лудистичко списание „Београдска манифактура снова“ (со разигран колаж од текстови, фотографии и цртежи), што го уредуваше со елан и нескриена радост.

За време на нашето неколкудецениско пријателство во регионот се случуваа крупни и тешки искушенија – војни, разделби, преселби – што кај него се струполија многу подраматично отколку кај мене. Тогаш, додека во Босна беснееше ѕверот, Влада одненадеж допатува во Скопје (и нормално, отседна кај мене) да го дочека татка си, инаку тогашен директор на Народната библиотека во Сараево, кој со помош на македонските пријатели, успеа да се извлече од разурнатиот град.

Еве што за тоа ми напиша Влада во еден скорашен мејл: „Во Скопје тогаш прв пат го видов тато после цела година. Пред тоа комунициравме преку радиоаматери. Постоеше можност веќе никогаш да не се видиме. Чув преку телефон како граната удара во Вјечница, во близина на Библиотеката каде татко ми беше директор. Судбината сакаше да се најдеме во Скопје.

Во Скопје сè беше нормално. Оној стар свет на кој што бев навикнат. Македонците колку што можеа им помагаа на бегалците од Босна. Самиот град, барем мене, ме асоцираше на заедништвото и солидарноста од времето на земјотресот. И порано бев во Скопје. Најубаво ми беше кога бев кај тебе. Бевме и во Штип. Засекогаш запамтив еден штипски валцер.

Значи бев повикан во гостопримливиот дом на Сашо Прокопиев, во Алжирска улица. Зборувавме за сè и сешто, како и секогаш. Го читав Хелдерлин, кого го позајмив од твојата библиотека. Висок германски идеализам. Нашите разговори. Прошетките со мојот татко и со неговите македонски пријатели (и тој ги имаше многу), сè тоа се слеа во чувство на топлина и нормалност. Не дрдорам нешто како „политички коректно“, туку токму така – од љубов. Ниту на Скопје, ниту на мојот другар Сашо, тоа никогаш не сум им го заборавил“.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
ПИСМО
Мислам дека сите ние подеднакво го имаме чувството на несоодветство на времето...
Повеќе
0 replies on “Бајац / Пиштало”