Последна станица Аушвиц

КОЛКУ ДАЛЕКУ СЕ оние магличави, сини планини? Колку е широка рамницата што се спростира на блескавата, пролетна сончевина? Еден ден марширање ако ти се слободни стапалата. Еден час јавање во полн кас. За нас е подалеку, многу подалеку, бескрајно далеку. Оние планини не се од овој свет, не се од нашиот свет. Бидејќи помеѓу нас и тие планини има жица.

Нашето копнеење, дивото тупотење на нашите срца, крвта што ни удира в глава – тие се немоќни. Поради таа жица помеѓу нас и рамницата. Две паралелни огради од бодликава жица под висок напон со придушени, црвени светилки што светат над нив како знак дека таму демне смртта, лежи во заседа чекајќи нè сите нас затворени тука во овој правоаголник опашан во висок, бел ѕид.

Секогаш истата слика, истото чувство. Стоиме на прозорците од нашите блокови и гледаме во примамливата далечина додека градите ни збиваат од напнатост и од немоќ. Оддалечени сме десет метри еден од друг. Се наведнувам нив прозорецот копнеејќи по таа далечна слобода. Фридел ни тоа не може да го направи, нејзиното затворање е построго. Јас сè уште можам да се движам низ Lager. Фридел ни тоа не може.

Јас живеам во Блок 9, обичен болнички блок. Фридел живее во Блок 10. И таму има болни луѓе, но не како во мојот блок. Тука каде што сум јас, има луѓе што се разболеа од свирепоста, прегладнетоста и од преработеноста. Тоа се природни причини што водат до природни болести, кои може да се дијагностицираат.
Блокот 10 е експериментален блок. Жените што живеат таму беа злоупотребувани од садисти што се нарекуваа себеси професори, ги злоупотребуваа на начини на кои една жена никогаш претходно не била злоупотребувана, сквернавејќи им го најубавото нешто што го поседуваат: нивната женственост, нивната способност да станат мајки.

И едно девојче што е принудено да ѝ се покори на ѕверската похота на некој неконтролиран дивјак страда, но чинот што го трпи потекнува од самиот живот, од поривите на животот. Во Блокот 10 мотивот не е ерупција на желбата – таму мотивот е политичка заблуда, финансиски интерес.

Сето ова го знаеме додека гледаме во оваа рамница на југот на Полска и копнееме да се стрчаме низ полињата и низ блатата што нè делат од магличавите, сини планини Бескиди на хоризонтот. Но тоа не е сè што знаеме. Знаеме и дека за нас постои само еден крај, само еден начин да се ослободиме од овој пекол со бодликава жица: смртта.

Знаеме дека смртта тука може да нè снајде во различни форми.
Таа може да дојде како чесен непријател со кој еден лекар може да се бори. Дури и ако оваа смрт има јатаци – гладот, студот, болвите и вошките – таа останува природна и може да биде класифицирана според некоја официјална причина. Но смртта нема да нè снајде на тој начин. Таа ќе нè покоси на истиот начин како и милионите што биле тука пред нас. Кога ќе дојде, речиси сигурно ќе биде нечујна и невидлива, речиси дури и безмирисна.

Знаеме дека само измамата ја крие смртта од нашиот поглед. Знаеме дека оваа смрт е униформирана бидејќи со вентилите за гас управува човек во униформа: СС.
Затоа толку копнееме, гледајќи во тие магличави, сини планини, кои се оддалечени само триесет и пет километри, но за нас се вечно недостижни.

Затоа се навалувам толку далеку од прозорецот кон Блокот 10, каде што стои таа.
Затоа нејзините дланки толку цврсто ја стискаат жичната мрежа на нејзиниот прозорец.
Затоа таа ја навалува главата на дрвото, бидејќи нејзиниот копнеж по мене мора да остане незгаслив заедно со нашето копнеење по оние високи, магличави, сини планини.

 

Објавена со поддршка на Холандскиот литературен фонд