Поезија од Ивана Јовановска

ПРВИОТ ДОМ

Овој дом е полн со сенки кои не сакаат да си одат.

Со црвени прозорци скршени од последните евтини срца,

бели ѕидови со остатоци од млитави сништа,

сиви прагови со тегобност на невидливите рамења,

жолти весници и огласи за станови со небесни цени.

Со кафени чаши за ракија и невино поткршени краеви,

зелени вазни за надежи наполнети со уморни цветови,

сини расипани чешми за проток на вистина,

црни семиња во саксии што се откажале уште пред да заживеат.

Со розови огледала што самите од себе се срамат

и портокалови килими за добредојде, срамежливи од нивното раѓање.

Сите бои на светот денес себично му припаѓаат нему,

на првиот дом.

 

 

ЅВЕЗДИ

До последниот чекор заедно сме

со сметки неплатени, ненаспани,

неразбрани си ги бираме пижамите за следното заспивање.

На секој крај од градот

земаме воздух под заедничко небо.

Ѕвездите што нè чуваат секаде се исти.

 

 

НА РАКАВОТ ОД ГРАДОТ

Погледни во себе.

Празнините во телото те чекаат да се вратиш.

Бурите стивнуваат за да се помириш.

Пролетните цветови се отвораат за да се разбудиш.

Уличните липи расцветуваат за да се ослободиш.

Новите дождовни капки во симфонија чекаат да се измориш.

 

Погледни во себе.

Болките во телото сонуваат дека ќе се родиш

Како првиот слободен човек на градот.

Како првиот кој ги освестува своите простори.

 

 

КОГА БАБА МИ ГО ОПЛАКУВА ДЕДО МИ

Кога баба ми го оплакува дедо ми

силно невреме од север надоаѓа

и тежок град се истура врз ситните ќерамиди.

Удира со бес и тропа додека не му се изморат плеќите.

Се повлекува поразен.

Животот по улиците останува нем.

А потоа, ни станува јасно колку боли крајот.

Продолжуваме молчаливо да љубиме,

поинаку,

повеќе.

 

 

НИКОГАШ ПОВЕЌЕ

Си заминувам оттука.

Одам да се прегрнам со сите маала

каде можам слободно да чекорам.

Каде има луѓе со лица пред кои можам – а не плачам.

 

Гледам кога нивните улици тие ги затвораат.

Почнувам и нив да ги заборавам

и мерам до каде ми се новите граници.

 

Еден ден и јас ќе си заминам,

и тогаш не ќе има катче што ќе ми шепоти

за моите луѓе со крилја.

 

Тогаш јас последна ќе одлетам,

за никогаш повеќе

да не ја слушам тишината на преселбата.

 

 

ПОТРАГА

Те пребарав низ сите градини,

низ сите ходници, соби и шпајзови.

Се протнав во сите тунели

што ме носеа до нашиот свет.

 

Ги истражив дупките на ѕидовите,

фрлајќи сто погледи

кон темните и мирни гнезда на бетонските мисли.

 

Си реков:

Тешко е човек да те пронајде,

но барем двајцата успешно губиме

во оваа игра на потрага

со еден недостиг по другиот.