Егзистенцијалната драма и мазохистичкиот ескапизам во „18% сиво“ на Захари Карабашлиев

Мултимедијалниот роман „18% сиво“ од мултимедијалниот артист и уметник Захари Карабашлиев, нè води на едно патување низ митската Америка, на патување кон внатрешното „јас“, кон сопствените мисли и сеќавања. Ова е книга напишана со многубројни автобиографски моменти, со љубов, музика и фотографија.

„18% сиво“ е составен од три наративни линии. Првата наративна линија ни го отсликува американското секојдневие и крими-приказната за шверцувањето марихуана; патот од Јужна Калифорнија до Њујорк; патот на ескапизмот. Втората наративна линија е напишана во курзив – ни открива моменти од минатото, сеќавањата и почетоците на љубовната врска на главните протагонисти Зак и Стела, која започнува во нивната татковина Бугарија, а продолжува во Америка, за потоа да премине во една сентиментална реминисценција на загубена љубов. Третата наративна линија е составена од т.н. проблесоци, односно кратки дијалози помеѓу Зак и Стела. Кај овие дијалози Карабашлиев има употребено филмска техника и тие отстапуваат од вообичаената форма на дијалог, па наместо од лева страна, тие кратки љубовно-еротски разговори се напишани од десната страна; а авторот истакнува дека единствено што сакал е да „побегне“ од едноличноста на текстот. За разлика од двете наративни линии за коишто можеме да кажеме дека се случуваат во сегашноста, односно во минатото, за третата дијалошка линија не можеме да кажеме дали е минатост или сегашност, во неа е содржана средишната точка, онаа во која се наоѓаат осумнаесетте проценти сиво.

Zachary = Zack
Во овој роман суптилно се вткаени психолошко-философски нишки, што го прават исклучително забавен, разигран и живописен, непретенциозен, а – остроумен, на моменти бизарен и апсурден, но највеќе од сè – љубовен, но не и патетичен. Содржи повеќе од една едноставна историја за еден маж кој ја губи љубовта на својот живот, а потоа барајќи ја, преку елементи на криминал, интрига и трилер, открива нешто друго. Во оваа автобиографска проза со метафикционални елементи, освен поклопувањето со името на авторот и ликот, и Зак свири електрична гитара во рок бенд, пишува раскази за весници, фотографира, живее седумнаесет години во Америка, го впива американскиот дух и сензибилитет, го гледа светот на начин на којшто го гледа Захари. Во едно интервју кое Карабашлиев го дава за store.bg, вели: Аз познавам героя много добре.

Visualized thoughts
Композицијата на текстот содејствува и со композицијата на фотографијата. Имено, замислувајќи како ќе изгледа една негова фотографија, Карабашлиев визуелно замислува и како ќе изгледа една страница од неговиот роман. Како што ги кадрира предметите или луѓето коишто ги фотографира, така го кадрира и текстот. Кога фотографира, неговата цел е невидливото да се види во видливото, а кога пишува проза, неговата цел е да даде видливост на невидливото (мислата). Затоа Карабашлиев успеал да направи одлична визуелно-мисловна синхронизација, ги визуелизирал сопствените мисли и чувства, и ги преточил во филмски (вербализирани) кадри.

18% Stella
Уникатната метафора 18% сиво – како наслов на истоимениот роман – ја толкуваме од фотографски, но и од животен аспект. 18% сиво е термин кој го користат професионалните фотографи за да го насочат и наместат светломерот кон сивата карта на фотоапаратот како почетна точка на тргнување. Идеална фотографија е онаа која ги „фаќа“ сивите тонови и нијанси, а животот и не е ништо друго, туку „фаќање“ на тонови и нијанси. Ако осумнаесетте проценти од сивото ја даваат совршената фотографија, тогаш за ликот Зак, овие осумнаесет проценти би биле Стела. Таа е неговата референтна точка.

Photographs can often be invisibly present in literature
Во „18% сиво“ кој пред сè е фотографски роман, двата света, литературата и фотографијата, секогаш комуницираат на фасцинантен и неочекуван начин. Захари патувајќи, ги фотографира американските предели од своето животно патешествие по Америка, па седумнаесетте години поминати во таа земја го создале делото „18% сиво“. И да, ние не гледаме фотографии во 18% сиво, но тие ѕиркаат од секоја реченица, во трите наративни линии. Тие се невидливо присутни во целиот текст на романот.

Подвижен каштан
Во почетните страници од романот, во курзив, прикажан е животот на Зак во неговата младост, периодот кога живее, студира и работи во Бугарија. Креативен и иновативен, тој пасионирано фотографира, пишува раскази, свири гитара, формира панкрок група, ги заразува сите околу себе со својот див ентузијазам и со увереноста дека сите се предодредени за големи нешта. Неговото музичко образование се состои од неколку лекции по класична гитара и часови по хевиметал на подвижниот каштан (вид уред што работи со ленти и произведува и слики и музика). Секоја слободна минута ја поминува читајќи книги за фотографија и усовршувајќи фотографски техники. Најмногу од сè, го интересира човечкото лице; нему поинтересна му е најздодевната физиономија од фотографиите на Роберт Френк, отколку најубавиот пејзаж на Ансел Адамс.

Борба за егзистенција
Нивната борба за егзистенција започна уште во Бугарија. Стела слика, Зак пишува раскази и прилози за локален весник, фотографира и свири гитара во бенд; хаотичен процес на борба за егзистенција. „Живеевме сиромашно – постојано на работ, а понекогаш и зад него.“ Меѓу испитните сесии, Зак купува и препродава фармерки, шверцува кафе од Романија, касетофони од Македонија, јакни од Турција, пешкири од Грција. Без пари и храна, но полни со љубов, музика, фотографија и уметност. Единственото добро во живеењето во најгрозната населба и во најевтината гарсониера, беше тоа што од неа се гледаше аеродромот. „Авионите ни ги прекинуваа разговорите за да нè потсетат дека некаде на некое друго место нè чека нешто друго; На двајцата ни беше јасно каде сакаме да отидеме – Америка“.

 

Wild West
Захари односно ликот Зак е маѓепсан од идејата за далечниот Запад, Западот на апсолутната сурова слобода, уште од дете знае дека еден ден порано или подоцна ќе живее во својот Запад. Зак го открива својот див Запад во книгите, филмовите, културата на Индијанците во Археолошкиот музеј во Варна, но сето тоа е само далечен одзив од вистинската слика. Зак и Стела се претставници на едно транзициско, миграциско време, во кое тие не патуваат од Бугарија до Америка, туку го минуваат патот од себеси до себеси. Тоа патување е, всушност, потрага по баланс, по оние идеални 18% сиво кои Зак ги бара од своите црно-бели фотографии, по идеалната средина. Желбата на Зак и Стела да го доживеат „среќниот простор“ е простор што го опфаќа имагинацијата и тој не може да остане индиферентен. Понекогаш куќата од иднината е поцврста, посветла од сите куќи во минатото.

Од „нас“ остана само јас
Во Америка, Стела го напушта Зак; а Зак го губи она што за него претставува егзистенција. Неомеѓена и несреќна, во туѓа земја, своето чувство на странец го рефлектира и врз односот со Зак. Како во состојба на делириум, истоштена, некомуникативна, Стела само црта и молчи, се тргна, исчезна во себе, сè до моментот кога добива покана за учество на Австриското биенале, кога и физички исчезнува нејзината појава. „Имаш потреба да останиш сам, да решиш што ќе правиш со себе“. Зак, на пат кон Њујорк, застанува во еден мотел, се тушира, легнува на грб на креветот, се гледа во таванот и извикува: „Стела, Стела, Лама Савахтани!“ Во евангелието според Марко, Исус Христос во деветтиот час по распнувањето вика гласно: „Eloi, Eloi, Lama Sabachthani?“ што значи „Боже Мој, Боже Мој, зошто си ме оставил?“ Заковата љубов кон Стела е толку голема што дури Стела ја поистоветува со Бога. Но кога „идеалниот“ Запад го покажува своето вистинско лице, почнуваат да го совладуваат мазохистички мисли. Зак, љубената жена ја поврзува со љубовта кон татковината, дури кога ја губи неа, започнува носталгијата кон домовината. И тука има идентификување на Стела со Бугарија; едно идеално минато кое никогаш нема да се повтори. Стигнат е на крајната точка на Западот, подалеку од овој Запад нема. „Тихи Океане, што барам тука при твоите кротки ласкања, додека во главата ми удираат брановите на Црното Море?!“
Незадоволството и разочарувањето само се зголемуваат „идеалната“ Америка полека тоне. Калифорнија го замрзнала оној младешки ентузијазам кој некогаш го имал, за неколку месеци го соголила до очај. Како билка која сака, а не пушта корен, Зак станува и секаде и никаде, и секој и никој. Еден граничен меѓуидентитет кој е сместен помеѓу детерминираноста од една страна (неговото бугарско потекло) и аспиративноста од друга страна (она кон што тежнее да биде во иднина). Зак, го губи она што за него значи живот, егзистенција, и има можност да избере по кој пат ќе оди, по патот на резигнацијата или по патот на борбата.
Со вреќа марихуана, која по сплет на околности завршува во неговиот багаж, Зак тргнува на пат за Њујорк. Тој тежнее кон промена на текот на времето, а единствена опасност кон таа промена и кон тој пат е да не се загуби во ескапистичкиот лавиринт. Влегувајќи во една заложувалница, вниманието му го одзема витрината со фотоапарати, неговиот фокус паѓа на „никон ФМ“ со објектив од 50мм. „Тажен, самотен и недоверлив е овој „никон“. Како да сфаќа дека тука не му е местото. Многу историја и тажна сегашност. Никаква иднина“. Повеќе од очигледно е дека се опишува себеси. На пат од Западот кон Истокот на Америка, фотографира random луѓе и места, патишта, пожари кои беснеат во Јужна Калифорнија. Љубовта кон Стела и љубовта кон фотографирањето го „одржуваат“ во живот.

Escapism
Зак ја губи љубовта, ја губи егзистенцијата, го „ризикува“ својот досегашен живот, ја напушта работата, ја напушта Јужна Калифорнија и започнува потрага по нов живот. Доживува болка, страда и бара разни начини да „побегне“ од светот кој го опкружува. Неисполнетите соништа доведуваат до незадоволство од себеси и од постоењето, што предизвикува човекот да оди подлабоко во илузорната реалност. Субјектот се чувствува како да е на работ на амбисот што води кон ескапизам или потполно свесно и контролирано „бегство“ од страна на субјектот. Постои и една специфична состојба на бегство, поттикната од една суптилна состојба на духот која Жил Делез ја дефинира како „психички номадизам“. Принципот на секој номад е патот, патувањето, во еден неомеѓен, безграничен простор односно неподвижен, скаменет процес; „интензивно патување во место“. Во нашиов случај имаме и физички и психички номадизам: Зак физички патува од Мексико до Њујорк, а психички (во своите мисли) од Америка до Бугарија, од себе до Стела. Ескапистот може да избере било што за да побегне од реалноста: дрога, алкохол, секс, уметност (Зак, на пример, ја фотографира Америка), виртуелен свет (во кој на крајот и влегува), итн. Кога Зак го започнува патувањето од Јужна Калифорнија кон Њујорк, тој се впушта во мазохистичко размислување за татковината, но во основа, станува збор за привлечноста да се евоцираат спомени кои се болни и тажни. Тоа е главниот мотив на оваа патување.

Мартини, никон, тоблероне
Зак ја одбира уметноста како свет во кој може да избега за миг. Фотографирањето станува дел од него, нешто што со задоволство го прави само за себе. Во петдневното, на моменти налудничаво патување, со никонот е портретирана американската почва, гледана со очите на Зак – папсани од умор и тага, натопени и удавени во мрсно мартини – a горчината, заблажена со тоблероне. Помирен со фактот дека Калифорнија нема потреба од него и од неговите фотографии, Зак стигнува во Њујорк и кога конечно му се укажува прилика да се реализира како уметник, тој одбива да го реализира својот сон. Своето видување на животот го претставува визуелно, преку фотоапаратот во кој е содржано сето негово минато и сета негова сегашност.

Simulacra and simulation
„Симулакрумот не е никогаш она што ја крие вистината, туку вистината прикрива дека ја нема. Симулакрумот е вистинитост.“
Еклезијаст

Симулацијата и таканаречениот симулакрум на големата теориска врата ги внесува Жан Бодријар. Симулацијата се спротивставува на репрезентацијата. Според Бодријар, нашиот свет станува свет на симулација; границата меѓу симулацијата (сликата) и реалноста се израмнува. Така се создава хиперреалноста, каде не може да се направи разлика меѓу вистината и лагата, меѓу реалното и имагинарното. Во хиперреалниот свет; светот на симулација е свет без огледало, без проекција, без утопија која би можела да го одрази – симулацијата е непремостлива, непреминлива, таа е без сјај, без надворешност. „Да симулираш значи да се преправаш дека го немаш она што го имаш. Да симулираш значи да се преправаш дека го имаш она што го немаш“. Првото упатува на присуството, другото на отсуството. Но нештото е многу посложено бидејќи – да се симулира не значи преправање.
„Се наоѓам во Бруклин, во станот на Дани. Во едната рака држам кафе што чади, а со другата се потпирам на ѕидот пред колекцијата со видеокасети: бугарија 2002, сликите на Силвија, дожд што истура, њу џерси, амстердам, зак и стела, њујорк, пен стејшн, испраќање… Овде срцето ми затропа. Ги наоѓам каблите, ја вклучувам камерата во телевизорот, ја пуштам касетата…..Животот е убав Дани, го буткам настрана пријателот, морам да одам. Еве веќе сум во возот – фала му на Бога, полупразен е. Ја слушам свирката. Тргнуваме. Се вртам наоколу ја барам Стела, ја гледам како седнала до прозорецот. Седнувам до неа и ги прегрнувам нејзините зиморливи рамена. Таа пие долго, се насмевнува и ја отпушта главата на моите гради. Го гледаме светот надвор преку своите одрази“ .
На самиот крај од романот „18% сиво“, окото на камерата го заменило окото на времето. На чекор до остварување на најголемиот сон, на чекор до успех во кариерата, Зак се повлекува и прави исчекор во еден друг свет, нереално реален, во кој неговата мртва драга го чека. На крајот, романот завршува во минатото кое станува иднина за ликот. Имено, Зак влегува во снимката од видеото: „зак и стела, пен стејшн, испраќање“, каде што заедно со својата Стела, продолжува да патува во истиот воз.

Користена литература:
1. Алаѓозовски, Роберт. Обвинети за постмодернизам. Скопје: Магор, 2003.
2. Бановиќ-Марковска. Ангелина. Групен портрет. Скопје: Магор, 2007.
3. Бодријар, Жан. Симулакруми и симулација. Скопје: Магор, 2001.
4. Башлар, Гастон. Поетика на просторот. Скопје: Табернакул, 2002.
5. Карабашлиев, Захари. 18% сиво. Скопје: Антолог, 2015.
7. Мојсова-Чепишевска Весна. „Културната другост низ течниот говор на поетскиот збор и фотографијата“. Палимпсест, бр.1, (2016): 81.
8. Шелева, Елизабета. Дом/Идентитет. Скопје: Магор, 2005.