Двајца во самрак

ДВАЈЦА ВО САМРАК

Меѓу тебе и мене истекува над видикот
подводно бистрило што го изобличува
со лицето на падините и твоето лице.
Стоиш таму непостојано во далечините,
отсечено е од тебе секое твое движење
и влегува без трага и исчезнува
на средиштето што ја исполнува
секоја бразда и се затвора врз твојот чекор:
со мене ти тука, во овој паднат воздух
што го запечатува топотот на камењата.
А јас се истурам
во моќта што натежнува наоколу, ѝ се препуштам
на магијата на непрепознавањето
од мене ништо повеќе надвор од мене; и ако ја кренам
раката, веднаш станува друг чинот,
се крши врз кристал, незнајно е
и пребледено неговото сеќавање, и тогаш
веќе движењето не ми припаѓа повеќе;
ако зборувам, го слушам тој глас вџашен,
како слегува врз најдалечниот дофат
или згаснат во воздухот што не може да го издржи.
Така, во точката што му се дава отпор
на последното трошење на денот
трае загубата; потем еден навев
ги крева падините во избезумено
движење и протекува низ крошните
пиштечки звук што се разлева
низ беглите чадови и првите светла
ги исцртуваат попатните запирања.
… зборовите
меѓу нас лесни паѓаат.
Те гледам
во мекиот одблесок. Не знам дали
те познавам; знам дека никогаш не сум бил
разделен од тебе како што сум сега во ова задоцнето
враќање. Само неколку мига изгореа
сѐ од нас: освен две лица, две
маски што се врежуваат насила
во насмевката.

Препев од италијански: Наташа Сарџоска